Папата Франциско, 226. римски бискуп, шеф на државата и суверен на Ватикан почина на 88-годишна возраст. Ја водеше Католичката црква од 13 март 2013 година, а во своето папство остави белег со скромноста, фокусот на сиромашните и напорите да ја направи Католичката црква поотворена кон светот.
Папата Франциско ќе остане запаметен и во нашата историја како прв поглавар на Римокатоличката црква кој ја посетил Македонија. На 7 мај 2019 година на централниот плоштад во Скопје тој одржа света литургија.
Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
На банките им оди одлично, но 2024 година нема да им се повтори
Банките во регионот Адрија покажаа многу добри резултати во однос на профитабилноста и пазарот на капитал во 2024 година. Во примерокот на банки што го користевме во нашата анализа („АСА банка“ од БиХ, „НЛБ банка“ од Словенија, ХПБ и „Загребачка банка“ од Хрватска, „Стопанска банка“ и „Комерцијална банка“ од Македонија) гледаме колоритна слика.
Во текот на 2024 година цените на акциите на банките во регионот пораснаа значително побрзо од европскиот просек – од 50 отсто во случајот на НЛБ на 124 отсто за „Стопанска банка“ - Скопје. Банките во Македонија имаа најсилни перформанси во 2024 година, двојно ги зголемија цените, но во примерот на „Стопанска банка“ забележуваме корекција од минус девет отсто во првите два месеца од 2025 година, поради забавениот раст на добивката, додека „Комерцијална банка“ - Скопје забележа благ раст од четири отсто во истиот период.
Цената на акцијата на „Комерцијална банка“ - Скопје всушност стагнира од крајот на јануари, кога беа објавени финансиските резултати за 2024 година, бидејќи банката очекува послаби резултати во 2025 година поради високата основа од 2024 година, затоа што добивката по оданочување се зголеми за 38 отсто на годишно ниво.
Брокерските куќи свртеле промет од над 500 милиони евра
Драстично зголемување на прометот во тргувањето со хартии од вредност на Македонската берза и на странските пазари имало лани во споредба со година претходно, откриваат новите податоци на Комисијата за хартии од вредност за работењето на овластените правни лица кои имаат дозвола за работа со хартии од вредност.
На Македонската берза лани тие оствариле вкупен промет од 26,8 милијарди денари (435 милиони евра), што е зголемување за 190,2 проценти во однос на претходната година. На странските пазари лани бил остварен вкупен промет од 6,3 милијарди денари (103 милиони евра), што е зголемување за 116,6 проценти во споредба со 2023 година. Во Македонија функционираат 11 правни лица што работат со хартии од вредност, од кои пет се брокерски куќи, а преостанатите шест се банки што имаат посебни оддели за работа со хартии од вредност. Анализиравме кои од нив остваруваат најголем промет и какви се трендовите во нивното работење.
Нема веќе давање пари за дополнителни часови по математика
Ако и натаму сте скептик во врска со употребата на вештачката интелигенција (ВИ), стигна уште еден аргумент „за“ прифаќање на новите можности што ги нуди ВИ. Академијата „Брејнстер“ (Brainster) ја промовираше новата алатка што работи со вештачка интелигенција, наречена „Умниверзум“, а која функционира како личен тутор по математика и е наменета за средношколците во Македонија.
Туторот по математика ќе биде достапен 24 часа дневно, бесплатен е и примарно е создаден со цел да ги подобри знаењето, вештините и компетенциите по математика на средношколците во нашата држава.
Милијардери кои распродадоа најмногу акции пред царините на Трамп
Инсајдери, вклучувајќи го Марк Закерберг од „Мета“ (Meta Platforms Inc.), Сафра Кац од „Оркл“ (Oracle Corp.) и Џејми Дајмон од „ЏП Морган“ (JPMorgan Chase & Co.), продадоа акции вредни милијарди долари пред најавите за царини од претседателот Доналд Трамп да ги вознемират пазарите.
Оваа година, вкупните продажби за првиот квартал беа порамномерно распределени во споредба со лани, при што 10 продавачи продадоа акции вредни повеќе од 3,8 милијарди долари.
Ви претставуваме листа на најголемите инсајдерски продавачи за првите три месеци од годината, според рангирањето на „Вашингтон сервис“ (Washington Service).
Лошо ѝ се пишува на „Тесла“ ако Маск остане во Белата куќа
Аналитичарот на „Ведбуш секјуритис“ (Wedbush Securities), Ден Ајвс, вели дека Илон Маск треба да се повлече од неговата контроверзна функција во Одделот за ефикасност на владата (DOGE) и повторно да го насочи своето внимание кон „Тесла“ (Tesla Inc.), додавајќи дека производителот на електрични возила се соочува со „црвен аларм“ во пресрет на објавата за резултатите за првиот квартал.
„Маск треба да ја напушти владата, да направи голем чекор назад од DOGE и да се врати на тоа да биде извршен директор на 'Тесла' со полно работно време“, напиша Ајвс во извештај до клиентите во неделата. „'Тесла' е Маск и Маск е 'Тесла'... и секој што мисли дека штетата на брендот што ја нанесе Маск не е реална, нека помине малку време разговарајќи со купувачи на автомобили во САД, Европа и Азија. Ќе мислите поинаку по тие разговори“.