Во време на глобални економски и геополитички турбуленции кога нестабилните пазари го обликуваат секојдневието, има ли начин на кој компаниите можат да испорачаат стабилен раст? Од каде пари и како да се задоволи апетитот за профит не игнорирајќи ги ризиците. Ова се само дел од прашањата на кои ќе бараме одговори на една од најзначајните регионални конференции оваа есен. Утре, во хотелот „Мериот“, ќе се одржи новата конференција „Back to Business“, која што ја организира „Блумберг Адрија“. Фокусот е одржливиот економски раст, фискалната стабилност, макрекономското опкружување и иднината на финансиите во земјава, но секако и пошироко.
Добро утро, ова се останатите пет вести што се важни за почеток на денот.
Кои критични суровини ги има Македонија и може ли да профитира
Бакарот вчера проби уште еден рекорд искачувајќи се на над 11.000 долари за тон. Процените се дека цената и натаму ќе има нагорен тренд поради зголемената потреба за металот. Освен за бакар, допрва ќе расте и побарувачката за суровини за производство на батерии. „Блумберг Адрија“ веќе пишуваше дека особено Европа е гладна и овие суровини, а зависноста од Кина ја прави ранлива.
Каков потенцијал има Македонија во вакви геополитички услови особено кога се работи за производството на батерии кои се важни и за автомобилската индустрија и за зелената агенда? Може ли земјава да профитира во вакви геополитички услови? За овие прашања „Блумберг Адрија“ разговараше со Ѓорѓи Димов, професор на Факултетот за природни и технички науки при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Македонска компанија има решение: Како од стартап до глобален успех
Можеби сте основач на стартап во рана фаза. Вашиот продукт е премногу добар, а пазарот се шири - но сѐ уште нешто недостига. Тоа нешто, најчесто, е капиталот. За стартапи во Југоисточна Европа, патот до инвеститорите може да биде магловит и тежок. Секој чекор бара внимание, а секој пропуст може да чини скапо.
За ова разговаравме со Игор Маџов, соосновач и директор за инвестиции на „Нест“, компанија која во Македонија се профилираше како еден од клучните играчи за поврзувањето на стартапите со вистинските инвеститори. Земјава има успешни приказни за кои вреди да се пишува, а „Блумберг Адрија“ во „Нест“ препозна една од нив.
Акциите на „Порше“ пораснаа по сигналите за подобри резултати следната година
Акциите на „Порше“ (Porsche AG) пораснаа откако компанијата вети дека ќе им стави крај на месеците на слаби резултати со нов извршен директор и промена на стратегијата за електрични возила.
Акциите се зголемија за 4,4 отсто во раното тргување во Франкфурт, достигнувајќи го највисокото ниво од мај. Производителот на луксузни автомобили доцна во петокот објави дека првпат забележал квартална загуба откако стана јавно тргувана компанија, при што резултатот беше погоден од трошоци поврзани со зафатот да понуди повеќе модели со мотори на внатрешно согорување и од американските царини.
Пазарот на среброто се смирува по историскиот ценовен скок
Цената на позајмување сребро во Лондон се повлече од рекордното ниво, што укажува дека на пазарот се врати поголема ликвидност и донесе извесно олеснување по притисокот од почетокот на месецот.
Лизинг-стапките на среброто – кои ја претставуваат годишната цена за позајмување метал на лондонскиот пазар – паднаа на 5,6 отсто во понеделникот, откако на 9 октомври достигнаа историски максимум од 34,9 отсто, покажуваат податоците на „Блумберг“.
Довербата на германските компании скокна на највисоко ниво од 2022 година
Германската деловна доверба се подобри и сега, на почетокот на четвртиот квартал, е на највисоко ниво од 2022 година, зајакнувајќи ги надежите дека најголемата европска економија конечно излегува од зоната на контракции во која е присутна веќе две години.
Индексот на очекувања од институтот Ифо во октомври се искачи на 91,6 од ревидираните 89,8 во септември, покажува денешното соопштение. Тоа е над средната процена од 90 во анкетата на „Блумберг“.