„Стандард и Пурс Глобал Рејтингс“ (S&P Global Ratings) соопшти дека ги суспендира долгорочните кредитни рејтинзи „Б+“ на Град Скопјe поради недостиг на доволно и навремени информации за одржување на рејтинзите. Оттаму додаваат дека ќе го продолжат со надзорот и ќе ги вратат рејтинзите доколку информациите што недостасуваат станат достапни и доколку заклучат дека ги исполнуваат нивните стандарди за квантитет, навременост и сигурност. „Доколку, по разумен временски период, нашите барања за информации за надзор не се исполнети, ќе ги повлечеме рејтинзите“, соопштија од „Стандард и Пурс“.
Добро утро, ви пишува Владимир Николоски од дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“. Подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Лајкови, нарачки и кеш: Овој македонски пазар државата тешко го гледа
Во Македонија социјалните мрежи одамна не се само простор за лични објави и забава. Профили со десетици и стотици илјади следбеници на Инстаграм и Тикток денес функционираат како влијателни канали за промоција и продажба на производи, услуги и настани. Кога неколку десетици јавни личности и инфлуенсери имаат кумулативен досег што се мери во милиони следења, секоја нивна објава станува потенцијална маркетинг-алатка со реални финансиски ефекти.
Од козметички и естетски третмани, туристички понуди и платени настани до производи поврзани со здравје и секојдневна потрошувачка, Инстаграм сè почесто се користи како посредник меѓу продавачите и потрошувачите. Покрај услугите, преку инфлуенсерски објави интензивно се промовира и широка палета на производи: здрава храна, додатоци во исхраната и „природни“ производи за благосостојба, за заштита на женското здравје, за заштита на машкото здравје, облека, чевли, накит, парфеми, модни додатоци.
Индексот на чиста енергија го надмина S&P 500, аналитичарите очекуваат нов бран инвестиции
Растот на цените на нафтата и гасот поттикнат од војната, кај инвеститорите во зелена енергија буди сеќавања на не толку славната 2022 година. Тогаш акциите на компаниите од секторот на обновливи извори на енергија влегоа во силна распродажба, која траеше речиси три години. Сепак, во инвестициската банка „Џеферис“ (Jefferies) им советуваат на клиентите да не се откажуваат од вложувањата во чиста енергија, туку дополнително да ги засилат.
Уште минатата година аналитичарите на банката им порачаа на инвеститорите насочени кон одржливост дека влегуваат во „златен период“ за секторот што долго време изгледаше како лоша инвестиција. Таквиот став се совпадна со силниот раст на акциите од секторот на чиста енергија во 2025 година. Секторот порасна за 44 отсто, надминувајќи го растот од 16 отсто што го забележа индексот S&P 500.
Преглед на берзите: Нестабилноста доминира на финансиските пазари
Нестабилност ги зафати глобалните пазари, при што цените на акциите паѓаат, а цените на нафтата се искачуваат на највисоко ниво во повеќе од три години, додека војната во Иран продолжува. Добивките од обврзниците го изгубија моментумот, бидејќи повисоките цени на енергијата ги поттикнаа стравувањата од инфлација. S&P 500 изгуби 0,6 проценти во петокот и сега е 5 проценти под неодамнешниот максимум, затворајќи на 6.632,19. Тоа е најниското ниво во 2026 година. Nasdaq Composite Index падна за нешто помалку од 1 процент на 22.105,36. Dow Jones Industrial Average изгуби 119,38 поени, или 0,3 проценти и падна на 46.558,47.
Трговците, исто така, го следеа развојот на настаните околу одлуката на федералниот судија да ги отфрли како несоодветни судските покани на Министерството за правда на САД до Одборот на гувернери на Федералните резерви во врска со документи поврзани со реновирањето на седиштето на централната банка и изјавите на претседателот на Федералните резерви, Џером Пауел, пред Конгресот. „Соединетите Американски Држави ќе се жалат на одлуката“, рече Жанин Пиро, американски обвинител за округот Колумбија.
Зеленски го нарече „уцена“ условувањето на средствата од ЕУ со нафтоводот „Дружба“
Претседателот Володимир Зеленски го нарече „уцена“ поврзувањето на пристапот на Украина до 90 милијарди евра (103 милијарди долари) кредити од Европската Унија со обновата на гасоводот „Дружба“. „Едноставно велам: ако сме одлучиле да ги обновиме испораките на руска нафта, тогаш сакам да знаат дека сум против тоа“, им рече Зеленски на новинарите на брифингот во Киев во саботата.
„Не го блокирам тоа. Но, ако ми бидат дадени услови дека Украина нема да добие оружје, тогаш, извинете, јас сум немоќен по ова прашање. Им кажав на нашите пријатели во Европа дека ова се нарекува уцена“. Зеленски истакна дека бариерите често доаѓаат од Унгарија, која редовно го блокираше или одложуваше финансирањето и санкциите од ЕУ дури и „пред сите овие инциденти со „Дружба“. „Ова е конзистентна политика на денешното раководство во Унгарија, кое постојано бара причини да блокира нешто и малку да ја поддржи Русија“, рече тој.
Трамп повика неколку земји да испратат воени бродови за отворање на Ормускиот Теснец
Американскиот претседател Доналд Трамп ги засили повиците за повторно отворање на виталниот Ормуски Теснец, велејќи дека „се надева“ дека воени бродови ќе бидат испратени во областа во близина на брегот на Иран за да им помогнат на комерцијалните бродови безбедно да пловат. Неговите коментари на Трут Сошл - кои не дадоа временска рамка - дојдоа неколку часа откако тој нареди напад врз воените локалитети на островот Харг, од каде што Иран ја извезува речиси целата своја нафта, зголемувајќи го влогот во војната на Блискиот Исток која беснее повеќе од две недели и покажува малку знаци на смирување.
Викендов, Израел и САД продолжија да го напаѓаат Иран, кој пак продолжи да ги напаѓа арапските земји од Заливот. САД во саботата им кажаа на Американците веднаш да го напуштат Ирак - наведувајќи ја „значајната закана што ја претставуваат терористички милициски групи поврзани со Иран“ - еден ден откако Асошиејтед Прес објави дека ракета погодила хелиодром во комплексот на американската амбасада во Багдад.