Германија ја преполови прогнозата за економски раст за оваа година откако војната на САД против Иран доведе до скок на цените на енергентите за индустријата и домаќинствата.
Економската активност треба да порасне за 0,5 отсто годинава, соопшти во средата Министерството за економија во Берлин. Според јануарската проекција, растот требаше да изнесува 1 отсто. Министерството исто така ја намали прогнозата за следната година на 0,9 отсто, од претходно предвидените 1,3 отсто.
„Ескалацијата на Блискиот Исток и војната со Иран нè вратија назад“, изјави германската министерка за економија Катарина Рајхе на прес-конференција во Берлин. „Ситуацијата останува многу нестабилна“.
Прочитај повеќе
Ирански вооружени чамци му се закануваат на Ормуз, пробиена е американската блокада
Тензиите во Ормускиот Теснец повторно растат откако Иран нападна два брода, заплени уште два и истовремено испрати натоварени танкери низ блокадата.
пред 12 часа
ЕУ со нови енергетски мерки поради војната со Иран
ЕУ предлага итни чекори за керозин и гас, а паралелно подготвува даночни измени за струјата да биде помалку оданочена од нафтата.
пред 13 часа
Трамп го продолжи примирјето со Иран, но и блокадата на Ормуз - преговорите се заглавени
По неуспехот на разговорите со Иран, Трамп го продолжи примирјето на неодредено време, но блокадата на Ормускиот теснец останува сѐ додека не биде потпишан договор.
пред 18 часа
Влошувањето на економските услови дополнително ќе го зголеми притисокот врз канцеларот Фридрих Мерц и неговата коалиција, во која постојат поделби. Лидерот од редовите на конзервативците го врза опстанокот на својата влада со закрепнувањето на најголемата европска економија, но се соочува со проблеми во обидите да го реформира системот на социјална заштита, на кој оди поголемиот дел од државните средства.
Мерц и министерот за финансии Ларс Клингбајл, од Социјалдемократската партија на Германија (СПД), преговараат за значително намалување на социјалните давачки за граѓаните со цел да се покрие буџетскиот дефицит од 140 милијарди евра (164 милијарди долари) до 2029 година.
Со оглед на тоа што анкетите покажуваат рекордно ниска поддршка за двете партии, додека десничарската Алтернатива за Германија (АФГ) освојува дел од гласачите меѓу незадоволните работници, ниту канцеларот ниту неговиот министер за финансии немаат многу простор за компромис.
Нивната дилема веројатно ќе се продлабочи бидејќи послабиот раст од очекуваното ќе ги намали даночните приходи и ќе ја зголеми државната потрошувачка за невработените, чиј број постепено расте во последните четири години.
„Закрепнувањето на Германија не е само кревко, туку сериозно загрозено“, изјави Хелена Мелников, генерална директорка на индустриското здружение ДИХК (DIHK). Таа додаде дека 83 отсто од компаниите веќе ги чувствуваат негативните последици од кризата, вклучувајќи недостиг на нафта, гас и други горива, како и пластични производи и градежен материјал.
Од кога Мерц ја презеде функцијата канцелар, германската економија е под притисок од американските царини и зголемената конкуренција од Кина во клучните извозни сектори како високотехнолошката машинска и автомобилската индустрија.
Сега растат и инфлаторните ризици, што отвора можност Европската централна банка да ги зголеми каматните стапки подоцна годинава. Министерството предвидува дека потрошувачките цени ќе пораснат за 2,7 отсто оваа година и 2,8 отсто во 2027 година.
Мерц се обиде да одговори на предизвиците со план за инвестиции од 500 милијарди евра за подобрување на инфраструктурата во Германија, како и со укинување на ограничувањата за државно задолжување за трошоци во одбраната. Сепак, наиде на тешкотии во спроведувањето на инфраструктурниот план поради сложената германска бирократија, додека економската активност дополнително се забавува поради неповолните глобални движења.
Катарина Рајхе изјави дека не очекува германската економија да влезе во рецесија, но дека Министерството за економија „ги разгледува сите можни сценарија“.
Меѓународниот монетарен фонд минатата недела ги намали прогнозите за глобален раст и предупреди дека војната со Иран може да ја турне светската економија во рецесија ако брзо не се реши.
Американскиот претседател Доналд Трамп оваа недела го продолжи примирјето со Иран на неопределено време, но мировните преговори се во застој поради влошување на односите околу стратешки важниот Ормуски теснец.