Германската економија веројатно нема да постигне раст дури ни во првиот квартал од годинава, покажува истражувањето на економистите спроведено од „Блумберг“.
Бруто-домашниот производ на Германија претходната година забележа раст само во еден квартал, а економистите што учествуваа во истражувањето спроведено од 2 до 8 февруари велат дека очекуваат стагнација и во првиот квартал од 2024 година. Минатиот месец очекуваа мал раст (0,1 отсто) за првиот квартал.
Новите проекции се совпаѓаат со прогнозите на „Бундесбанка“, која рече дека економијата во најдобар случај би можела да стагнира, дури и кога приходите на домаќинствата закрепнуваат.
Третина од економистите од истражувањето беа уште попесимисти, па предвидоа пад за првиот квартал, што би значело рецесија за Германија.
„Податоците сè уште укажуваат на слаба рецесија во првиот квартал, иако се чини дека сме блиску до најлошиот период“, рече Ерик-Јан ван Харн од „Робобанк“. „Ситуацијата е малку подобрена во производствениот сектор, а услужниот сектор е сè уште отпорен“, вели Ван Харн.
Германија е единствената земја од групата 7 чија економија забележа пад, а добар број економисти, меѓу кои и експерти од „Комерцбанк“ и „Дојче банк“, очекуваат пад во 2024 година. Проекциите за наредните години исто така не се премногу оптимистички, па експертите предвидуваат раст од скромни 0,4 отсто.