Европската централна банка (ЕЦБ) е подготвена да ги намали каматните стапки по шести пат од јуни, иако нестабилната економска ситуација создава поделби околу тоа кој пат треба да се следи со трошоците за задолжување.
Аналитичарите кои ги анкетираше „Блумберг“ (Bloomberg) речиси едногласно предвидуваат намалување на каматната стапка за четвртина процентен поен, на 2,5 отсто, во четврток. Сепак, мислењата драстично се разликуваат околу тоа што ќе се случува потоа: некои не очекуваат понатамошни намалувања, додека други сметаат дека референтната каматна стапка би можела да падне дури на еден отсто на почетокот на 2026 година.
Прочитај повеќе

Панета: ЕЦБ нема потреба да го закочи намалувањето на каматите
Инфлацијата, од 2,5 проценти во јануари, сè уште се очекува одржливо да ја достигне целта од два процента во 2025 година.
15.02.2025

Гвиндос од ЕЦБ: Трговската политика на САД предизвикува огромна несигурност
Гвиндос вели дека многу е важно да се избегне трговска војна, бидејќи таа веднаш води до пад на економската активност во светот и завршува како ситуација во која сите губат.
10.02.2025

ЕЦБ пред најголеми кадровски промени по 2019-та
Европската централна банка (ЕЦБ) е насочена кон нова фаза на непредвидливост.
07.02.2025
Bloomberg
Овие остри разлики го одразуваат слабеењето на единството меѓу самите функционери. Досега немаше поголеми несогласувања во врска со монетарното олеснување, а сега ставовите се разликуваат во поглед на тоа дали инфлацијата се заканува да биде премногу висока или прениска, како и колку поддршка треба да се обезбеди за економијата на регионот која се соочува со проблеми.
Дополнителна конфузија предизвикуваат последиците од ненадејната одлука на САД да ја повлечат воената поддршка за Украина и Европа, што предизвика брзање за повторно вооружување и ќе доведе до стотици милијарди евра трошоци во регионот во наредните години. Европските лидери дополнително ќе го разгледуваат ова прашање на самитот в четврток во Брисел.
„Одлуката овој четврток треба да биде едноставна, но дискусиите во Управниот совет несомнено ќе станат поинтензивни“, изјави Соња Мартен, шеф на истражување на валути и монетарна политика во ДЗ (DZ Bank). „Ова би можела да биде последната ‘јасна’ одлука на Европската централна банка оваа година“.
Најавата за каматните стапки се очекува во 14:15 часот во Франкфурт. Претседателката Кристин Лагард ќе одржи прес-конференција 30 минути подоцна.
Каматни стапки
Додека политичарите, вклучувајќи ја и членката на Извршниот одбор, Изабел Шнабел, ја повикуваат ЕЦБ да започне расправа за пауза во намалувањето на каматните стапки, или целосно да ги запре, се чини дека никој не е силно против оваа неделна одлука.
Ако тоа се случи, олеснувањето од јуни би достигнало 150 базични поени — двојно повеќе од она што го постигна Банката на Англија за време на својот циклус на намалување и исто така повеќе од 100 базични поени што ги спроведоа Федералните резерви (Фед).
Несогласувањата во рамките на ЕЦБ се засилуваат, делумно поради тоа колку монетарната политика ја ограничува економијата. Шнабел „повеќе не е сигурна дали политиката сè уште е рестриктивна“. Јанис Стурнарас од Грција смета дека „дефинитивно сè уште сме на рестриктивна територија“.
Функционерите се согласуваат дека каматните стапки треба да се доведат на нивоа кои повеќе не ја ограничуваат активноста, што се нарекува неутрално ниво. Сепак, само неколку од нив ја изнесоа идејата дека каматните стапки треба уште повеќе да се намалат за да се стимулира побарувачката. Иако неодамнешната студија на персоналот на ЕЦБ го постави неутралното ниво меѓу 1,75 отсто и 2,25 отсто, оние кои се залагаат за порадикален став, сметаат дека тоа би можело да биде повисоко.
Комуникација
Аналитичарите и инвеститорите ќе се фокусираат на тоа дали ЕЦБ ќе продолжи да ја опишува политиката како „рестриктивна“. Отстранувањето на таа формулација од месечната изјава веќе се гледа како опција по состанокот во јануари.
Останувањето на овoј наратив значи дека каматните стапки ќе бидат понатаму намалени, а следното намалување веројатно ќе се случи во април. Отстранувањето на овој израз би поставило темели за пауза, можеби веќе следниот месец, но некои би можеле да го интерпретираат како крај на циклусот на намалување.
Што вели „Блумберг економикс“ (Bloomberg Economics)...
„Јастребите сметаат дека монетарната политика можеби повеќе не е рестриктивна откако каматната стапка на депозити ќе падне во март од 2,75 отсто на 2,5 отсто. Гулабите би можеле да бидат погласни во врска со потребата да се земе предвид намалувањето на билансот на ЕЦБ при разгледување на терминалната каматна стапка. Очекуваме дека Управниот совет ќе ја намали каматната стапка за дополнителни 75 базични поени оваа година, со што каматната стапка на депозити ќе биде намалена на два отсто“.
- Дејвид Пауел, виш економист за еврозоната
Веројатно најизвесниот исход е компромис. Тоа би подразбирало измени, но без целосно отстранување, бидејќи се очекува дека ЕЦБ и Лагард ќе избегнуваат давање цврсти насоки со оглед на непредвидливата глобална ситуација.
„Макро индикаторите брзо можат да застарат во моментално многу брзо и понекогаш хаотично политичко опкружување“, рече Карстен Бжески, шеф на макро истражувања во ИНГ (ING). „Поради тоа, најдобриот пристап на ЕЦБ е да носи одлуки врз основа на моменталната ситуација.“
Геополитика
Задачата на ЕЦБ дополнително ја комплицира и брзото менување на геополитичкото опкружување. Ескалацијата на трговската војна на претседателот Доналд Трамп и последичните ефекти од неговата одлука да ги преиспита американските безбедносни сојузи претставуваат главни предизвици за креаторите на политиките.
Иако царините генерално се сметаат за негативни за економските изгледи на Европа, влијанијата врз инфлацијата се помалку јасни. Може да постојат придобивки од растот ако континентот ги зголеми воените трошоци и ако идниот канцелар Фридрих Мерц инсистира на големи инфраструктурни инвестиции во Германија.
Лидерите на ЕУ се состануваат в четврток во Брисел за да разговараат за дополнителна воена помош за Украина, како и за плановите за зајакнување на капацитетите на своите вооружени сили. Стурнарас од Грција минатата недела рече дека „ако постои заедничка цел на ЕУ да ги зголеми трошоците за одбрана, можеме да разговараме за тоа што може да направи ЕЦБ за да ја поддржи таа цел.“
Економистите од „Алијанц“ (Allianz) предупредија дека ако поголемиот буџетски дефицит ја загрози одржливоста на долгот и предизвика ширење на разликата во приносите на државните обврзници, ЕЦБ би можела повторно да ги покрене големите програми за откуп на обврзници преку својот Инструмент за заштита на преносот.
Прогнози
Аналитичарите очекуваат само маргинални промени во кварталните проекции за економскиот раст и инфлацијата, што ја поддржува севкупната проценка на ЕЦБ дека растот на потрошувачките цени е на добар пат да достигне два отсто и дека условите за закрепнување на еврозоната се поставени.
Сепак, просечната инфлација за 2025 година би можела да биде ревидирана во однос на декемвриската прогноза од 2,1 отсто, главно поради повисоките трошоци за енергија.
Јенс Ајзеншмид од „Морган Стенли“, поранешен економист на ЕЦБ, очекува дека ажурираните податоци ќе покажат дека растот на цените ќе ја достигне целта дури во првите три месеци од 2026 година, наместо оваа година, како што претходно беше предвидено.
Иако инфлацијата беше само малку над очекувањата на аналитичарите, таа забави на 2,4 отсто во февруари од 2,5 проценти во претходниот месец, додека придружниот индикатор за услуги падна на 3,7 отсто.
Bloomberg