Цените на повеќето горива од полноќ повторно се менуваат, при што најголемо намалување има кај дизелот и екстра-лесното масло, додека цената на бензинот еуросупер БС-95 останува непроменета.
Според одлуката на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), малопродажните цени на нафтените деривати во просек се намалуваат за 1,78 проценти.
Литар дизел од полноќ ќе се продава по 89,50 денари, што е за четири денари помалку во споредба со минатата недела. Намалување има и кај бензинот еуросупер БС-98, чија цена се намалува за половина денар и ќе изнесува 86,50 денари за литар.
Без промена останува цената на еуросупер БС-95, кој и во текот на оваа недела ќе се точи по 85 денари за литар.
Значително поевтинување има и кај екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), кое ќе се продава по 94 денари за литар, односно за 4,50 денари пониско од досегашната цена.
Од друга страна, цената на мазутот М-1 НС бележи благо зголемување. Новата цена ќе изнесува 49,968 денари за килограм, што претставува поскапување од 0,248 денари.
Од Регулаторната комисија посочуваат дека новите цени се формирани врз основа на движењата на светските пазари. Во анализираниот период, референтните цени на нафтените деривати бележат намалување кај бензините за 0,444 проценти, кај дизелот за 6,073 проценти и кај екстра-лесното масло за 6,495 проценти. Истовремено, цената на мазутот е зголемена за 0,791 процент.
Влијание врз конечните цени има и курсот на денарот во однос на американскиот долар, кој во истиот период е понизок за 0,1199 проценти.