„Република Северна Македонија како земја од Западен Балкан што е насочена кон просперитет и развој интензивно работи на обезбедување енергетска стабилност и независност, за што има донесено мерки и модели на краток, но и на подолг рок, но и нова стратегија за инвестиции во зелена енергија“, истакна премиерот Димитар Ковачевски денеска во Белград на панел-дискусија за можностите за инвестиции во обновливи извори на енергија во земјите од Западен Балкан, на која учествуваат инвеститори од Норвешка.
Тој посочи дека земјата е фокусирана на обезбедување енергетска стабилност во услови на светска енергетска криза, за што има краткорочен план, кој досега успешно се спроведува со активирање на сите капацитети за домашно производство на струја. Но, како што додаде Ковачевски, државата има и долгорочен план, со кој се стреми кон декарбонизација и насочување кон она што го има во изобилство, производство на струја од ветер, сонце и вода.
„Северна Македонија е првата земја во регионот на Западен Балкан што ја усвои Стратегијата за развој на енергетскиот сектор во 2019 година, заснована на столбовите на Зелениот договор на ЕУ. Ние сме првата земја што спроведува проект за замена на стара термоцентрала на јаглен во Осломеј, Кичево, каде што веќе градиме 120 MW соларна централа на местото на поранешниот рудник за лигнит. Ова е конкретен чекор кон енергетската транзиција на Северна Македонија и покажува силна волја за декарбонизација на нашиот енергетски сектор, а со тоа и декарбонизација на нашата економија“, рече премиерот.
Целта на конференцијата е да се зајакне соработката во можностите за развој на капацитети за обновливи извори на енергија во земјите од Западен Балкан, кои треба да обезбедат енергетска независност.
Регионалната конференција за можностите за инвестирање во обновливи извори на енергија во Западен Балкан е во организација на Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград и Сараево и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во соработка со Нордиската стопанска алијанса.