Големата инсталирана моќност на електроцентрали од обновливи извори може да предизвика штета на енергетскиот систем. Што треба да се направи, во „Зум ин“ разговаравме со Кочо Анѓушев, претседател на МЕА, и со универзитетскиот професор Драган Миновски.
Прогнозите на МЕА се дека веќе во мај ќе има значително поголемо производство на струја од фотоволтаици, бидејќи веќе има голем број градежни дозволи што се издадени за 500-600 мегавати фотоволтаици, а има најава за пет-шест илјади мегавати, што би било проблем ако се случи, не само за поврзување во мрежа туку и за пласман на таа енергија.
„Затоа е важно енергетската транзицијата да се направи паметно, за таа да не биде поголем проблем отколку што ќе биде решение“, смета првиот човек на МЕА, Кочо Анѓушев.
Според Миновски, складирањето енергија треба да има клучно место.
„Потребна е праведна енергетска стратегија, каде што ќе бидат инкорпорирани системите за складирање за успешно да се справиме со вишоците на струја што ќе се појавуваат во следниот период“, вели универзитетскиот професор Драган Миновски за „Блумберг Адрија“.
И Миновски и Анѓушев посочуваат дека најавите за враќање на дневната евтина тарифа на струјата се реални, со оглед на заинтересираноста за инвестиции во фотоволтаици.