text size
Светската банка позитивно ги оценува политиките на Народната банка за одржување на финансиската стабилност. Во оваа смисла, на состанок се дискутираше и тековната техничка помош од Светската банка, со којашто преку повеќе проекти дополнително ќе се јакнат капацитетите на земјата и централната банка во неколку области поврзани со банкарскиот систем. Тие се однесуваат на унапредување на макропрудентната рамка, јакнење на капацитети за кризно управување, за управување со климатските промени, како и финализирање на законската рамка за решавање на банки. Дополнително во сферата на платниот систем, ќе се поддржат напорите за изработка на студија за дигитален денар. Проектите беа дискутирани за време на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светска банка (СБ), за време на состаноците на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежовска и вицегувернерот Фадил Бајрами, со високи претставници на Светската банка, потпретседателката Антонела Басани и извршниот директор на Конституенцата на која припаѓаме, Кун Давидсе.