Индексот на родова еднаквост во Македонија за минатата година изнесува 64,5 поени од максималните 100 и има прогрес од 2,5 поени споредено со последното мерење во 2019 година. Доколку прогресот се одвива со ова темпо, на земјава ќе ѝ бидат потребни приближно 57 години за да постигне родова еднаквост во сите домени, покажуваат новите податоци што ги објави Државниот завод за статистика.
Што се мери?
Индексот на родова еднаквост е композитен индикатор што овозможува мерење на комплексниот концепт на родова еднаквост и компаративно следење на напредокот. Овој индекс е формиран со комбинирање на родовите индикатори во единствено композитно мерило. Тој се состои од шест суштествени домени (работа, пари, знаење, време, моќ и здравје) и два придружни домени (интерсекциски нееднаквости и насилство)
Прочитај повеќе
ЕЦБ со критики до банкарската индустрија дека сè уште е „свет на мажи“
ЕЦБ го оцени како неуспешен обидот на финансиската индустрија да промовира повеќе жени на високи позиции.
09.05.2023
Жените во ЕУ земаат 13 отсто помали плати од мажите
Разликата во платите може да биде поради изборот на жените да работат со скратено работно време.
12.03.2023
Македонската берза заѕвони за родова рамноправност
Македонска берза и годинава се приклучи кон иницијативата „Да заѕвониме за родова рамноправност“.
08.03.2023
Пораз за родовата еднаквост: Помалку жени на клучни позиции
Транд што е спротивен на новата европска регулатива
26.10.2022
Како и на претходното мерење на индексот, земјата сè уште се позиционира зад просекот на земјите-членки на ЕУ (ЕУ-27) за 3,5 поени.
„Важно е да се напомене дека разликата е намалена споредено со претходното мерење, каде што земјава заостануваше зад просекот за 4,2 поена. Иако е потребно да се проследи трендот на резултатите на индексот и во наредниот период, сепак, постојното мерење покажува дека земјава се движи со приближно слично темпо на бавен прогрес како и земјите-членки на ЕУ, што укажува на потреба од значајно подобрување на политиките, практиката и посветеноста кон родовата еднаквост во земјава во периодот што претстои“, се наведува во публикацијата што ја објави Државниот завод за статистика.
Во неа се укажува дека прогрес се забележува кај домените работа, пари, знаење и моќ, што е резултат на порастот на стапките на вработеност кај жените, подобрувањето на пристапот до финансиски ресурси (пораст на просечната месечна заработувачка и пораст на просечниот еквивалентен нето-приход), порастот на процентот на лица со завршено високо образование и подобрувањето на индикаторите кај политичката, економската и општествената моќ. Споредено со последните мерења во земјите од регионот на Западен Балкан што го публикуваат индексот, земјата има повисок резултат од сите три земји – Албанија со 60,4 поени (2020 година), Србија со 58 поени (2021 година) и Црна Гора со 55 поени (2019 година).
Значајни бариери
Сепак, сите домени на индексот покажуваат потреба од значајно подобрување и покрај напредокот што е постигнат од последното мерење. Родовиот јаз кај доменот знаење, споредено со другите пет домени на индексот, е единствен каде што родовата нееднаквост е резултат на помалку поволната состојба на мажите споредено со жените (особено изразено во поддоменот завршено образование и учество). Родовата нееднаквост во доменот работа покажува дека жените се соочуваат со значајни бариери во пристапот до пазарот на трудот и затоа имаат пониски стапки на активност и на вработеност и во просек почесто од мажите работат како неплатени семејни работнички.
„Следствено на тоа, доменот пари покажува дека жените во Северна Македонија во просек заработуваат помалку и се во повисок ризик од сиромаштија споредено со мажите. Индикаторите во доменот време покажуваат дека жените се тие што во најголема мера ја извршуваат неплатената работа во домот и грижата за децата, без разлика на нивниот статус на вработеност. Изразената родова нееднаквост во поделбата на неплатениот труд ги ограничува расположливото време и можноста на жените да работат платена работа и да остварат финансиска сигурност и економска независност, ја ограничува можноста за учество на жените во јавниот живот, го ограничува нивното време за одмор и за други општествени и волонтерски активности“, велат од Државниот завод за статистика.
Помалку жени во управните одбори
Оттаму објаснуваат дека порастот на резултатот на индексот во доменот моќ е резултат на подобрувањето на речиси сите индикатори во поддомените на политичка, економска и социјална моќ.
„Сепак, споредено со претходното мерење на индексот од 2019 година, постои и намалување на индикаторот за учество на жените во управни одбори, надзорни одбори или одбори на директор/ки во највисоко котираните компании на берзата во поддоменот на економска моќ. По доменот време, доменот моќ е втора област во која земјата бележи најниски резултати, односно највисока родова нееднаквост. Од претходното мерење на индексот се потврдува дека отсуството на квоти за учество во сите структури на власт влијае врз драстично помалото учество на жените во извршната и локалната власт и диспропорционалната дистрибуција на политичка, економска и општествена моќ во корист на мажите“, укажуваат од Државниот завод за статистика.
Доменот здравје има највисок резултат на родова еднаквост споредено со другите домени на индексот.
„Сепак, доменот не може целосно да ги долови сите релевантни нивоа на нееднаквост во пристапот до здравствените услуги во земјата, особено кога станува збор за здравствените услуги за репродуктивното здравје на жените. Недостига увид во пристапот и незадоволените потреби за медицинска грижа на ранливите и маргинализираните групи (на пример, жени со попреченост, Ромки, трансжени и др.), кои често се соочуваат со интерсекциска дискриминација во пристапот до здравствени услуги, а на тоа укажуваат и постојните случаи на дискриминација на Ромки во пристапот до гинеколошки услуги“, се наведува во публикацијата.
Во неа се укажува дека во претстојниот период се неопходни унапредувања на политиките за да се подобри положбата на жените и со тоа да се намалат значајните родови нееднаквости во домените работа, пари, време и моќ.
Инаку, во Стратегијата за родова еднаквост 2022 - 2027 година е пропишана генералната рамка за постапување на релевантните институции за понатамошно дефинирање на специфични политики и мерки за подобрување на економската активност на жените, финансиската сигурност, како и подобрувања во распределбата на неплатената домашна работа и грижата за децата. На пример, некои од очекуваните резултати целат кон пораст на активноста на жените на пазарот на трудот, со фокус на маргинализираните жени, целат кон намалување на родовиот јаз во платите, намалување на секторската и хиерархиската сегрегација на работното место, како и воспоставување мерки за рамнотежа помеѓу приватниот и работниот живот во согласност со директивите на ЕУ.
„Сепак, стратегиските цели во Стратегијата се широко дефинирани и недостигаат специфични таргети и директно надлежни институции по цели, што може да претставува предизвик во планирањето, имплементацијата и мониторирањето на постигнатиот прогрес кон предвидените стратегиски цели. Потребните реформи за споделено родителско отсуство, еднаква плата за еднаква работа и работа со иста вредност, како и одредбите за рамнотежа на приватниот и работниот живот, сè уште се неизвесни поради тековниот процес на подготовка на новиот закон за работни односи“, велат од Државниот завод за статистика.
Потребни се квоти за жените
Во однос на доменот моќ, Стратегијата за родова еднаквост 2022 - 2027 година ја нагласува стратегиската заложба 50:50 за еднакво учество на жените во донесувањето одлуки на сите нивоа на управување, но, како што велат од статистика, потребни се дополнителни мерки (како што се квотите) за да се осигурат зголемена застапеност и учество на жените во извршната и локалната власт.
„Исто така, како кандидатка за членство во ЕУ, Северна Македонија треба да ги следи одредбите на неодамна усвоената Директива на ЕУ 2022/2381 за подобрување на родовата еднаквост во управните структури на компаниите што котираат на берзите, преку утврдување минимум квота од 40 проценти застапеност на позициите во бордовите резервирани за помалку застапениот род“, велат од Државниот завод за статистика.