Жетвата почна низ Овче Поле. Низ нивите и улиците во селата Ерџелија и Мустафино е раздвижено од трактори и комбајни. Земјоделците од рано наутро го собираат родот. Вреќите се полнат со јачмен. Жетвата на лебното зрно стартува во јули.
Стојан Илиев и неговиот син ги затекнавме во полето, каде во полн ек е жетвата. Под житни култури годинава имаат засеано над триесетина хектари. Очекуваат добри приноси од јачменот, но не и високи на пченицата, лебното зрно.
„Добро ќе поминиме со јачменот од два до три тона од хектар ќе има, не очекуваме добри приноси на пченицата, немаше дожд кога и беше најпотребно“, вели Илиев.
Најчуствителна тема во овој момент за овчеполските фармери е откупната цена на житните култури. Јачменот во текот на жетвата во втората по големина житница во земјава се откупува за 16,5 денари.
Ангелчо Стојчов претседател на Здружението „Овчеполски фармер“-Свети Николе вели дека за разлика од лани цената е повисока, но годинава и трошоците за производство неколкукратно се зголемени. Смета дека приносите од два до три тони по хектар нема да им го покрие трошоците на земјоделците.
„Откупната цена не е добра, бидејќи секојдневно се покачува нафтата, репроматеријалите веројатно и за идната сеидба ќе бидат доста, доста поскапи и оваа цена мислам дека е ниска“, вели Стојчов.
Земјоделците од „Овчеполски фармер“ направиле пресметки, годинава еден земјоделец да го собере житото од нивите ќе го чини од 8.000 до 10.000 денари по хектар. Земјоделците со нетрпение ја очекуваат производствената цена на пченицата, што, според нив, не треба да биде под 22 денари. Приносите на пченица во Oвчеполско од година во година се намалуваат, за земјоделците вината е во лошиот семенски материјал, а годинава и скапото вештачко ѓубре, што поради недостиг на пазарот, го фрлиле предоцна на нивите.
„На време не го фрливме ѓубрето, имаме и многу лош семенски материјал, веќе еве неколку години имаме помали приноси на пченица во Овче Поле“, вели Стојчов.
Жетвата на лебното зрно почнува во јули. Приносите од јачмен, кој е засеан на 48.000 хектари се очекува да ги задоволи потребите на македонските сточари, но не и пченицата, која е засеана на околу 73.000 хектари.
Претставници на Асоцијација на земјоделци и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на 27 јуни имаа состанок во Долненско, на кој централна тема на разговор им беше откупната цена на пченицата, која според земјоделците треба да биде од 20 до 22 денари, а доколку среде откуп сакаат да се зголеми цената на лебот, ќе се бара и повисока цена.
Според Перо Стојкоски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци на Македонија разговорите со откупувачите за цената не се почнати.
„Наше барање е дополнителна субвенција за есенската сеидба. Верувам дека ќе најдеме решение и за зелената нафта. Што се однесува до откупната цена на пченицата, исплатлива цена е од 20 до 22 денари за килограм. На пример, ако од еден килограм брашно се произведувата три векни леб, или според цената од 40 денари по векна, изнесува 120 денари. Секогаш оди по една третина за една страна. Млинарите, односно откупувачите и производителите на леб да не сфатат посериозно како земјоделци. Бараме од нив да добиеме авансно плаќање на пченицата. Средствата ни се потребни за вештачки ѓубрива, за нафта. Ако инсистираат со уште недооткупена пченица да ја зголемат цената на лебот, тогаш ние ќе останеме на ставот да добиеме една третина од целосната цена на брашното, а тоа се 40 денари“, рече Стојкоски.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостпанство Љупчо Николовски од Долненско порача дека годинава се очекува прооизводство на ниво на ланското, преку 255.000 тони пченица. Со националната програма за производство на храна се прееземаат сите мерки да се стимулира домашното производство. Нема место за паники, а за количествата што ќе се купат за стоковите резерви зависи од ребалансот на буџетот.
„Очекуваме високи откупни цени поради растот на трошоците и сметаме дека мора да се обезбеди доволно жито за домашните потреби. Тоа се пораките кои ги праќаме и до трговците и до откупувачите. Токму затоа е националниот фонд и интервентниот фонд преку кој доделуваме 50 насто за зелена нафта, 40 насто за поддршка за набавка на вештачки ѓубрива што ќе продолжи како поддршка и во есенската сеидба. Со националниот план целта ни е да станеме што помалку увозно зависни за стратегијските култури и да го зголемиме и да го одржиме домашното производство“, вели Николовски.
Посочи дека будно ќе се следи жетвата на пченицата, додека откупот за државни резерви ќе зависи од ребалансот на буџетот.
Васко Златковски од Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип смета дека земјоделците и институциите, иако имаат програми, сепак на терен не можат да се справат со климатските промени. Променет е режимот на врнежи, температурата е порасната за еден и пол степен.
„Говорејќи од стручен аспект видливо е дека климатските промени стануваат опасни. Во мај имавме температури од 35 степени, нешто што во мое време јас, кога ја започнував мојата професионална кариера беше незабележано. Забележуваме дека поројните дождови кои беа карактеристични за месец мај, сега ги имаме во јануари, февруари, во временски периоди, кога дождовите треба да бидат и да траат неколку дена и да не бидат интензивни, туку да паѓаат полека. Ова покажува дека е променет режимот на дождовите и пред минатата година и минатата ќе се сетиме дека браната Калиманци до мај беше празна, за да во рок од еден месец ги собере максималните 120 милиони кубни вода. Не знам кои други сигнали да ги кажеме дека климата во нашата држава е променета“, рече Златковски.
Тој посочи дека и токму промената на климата изминатите години го намали родот на пченката, пченицата, сончогледот и грозјето, а годинава ова веќе се чувствува и на раноградинарските производи пиперката и доматот.
„Дури на светски рамки, најтешко е да му објасните на човек дека во 2100 година доколку продолжиме вака нашето поколение ќе нема од каде да произведува храна, а поточно во источниот регион, бидејќи покачувањето на температурата за еден и пол степен ќе значи дека Овче Поле макар со систем за наводнување нема да може да произведува значаен дел од културите, коишто сега се одгледуваат“, вели Златковски.
Земјоделските експерти, но и лозарите, овошторите и останатите земјоделци ги забележуваат ефектите од климатските промени на своите насади.
„Минатата недела кај мене дојде еден земјоделец и ми вели нема доволен развој на доматот и пиперката. Нема да имаме оптималниот раст и развој на растенијата се одвива во определен температурен режим, ако тој температурен режим се надмине растението не се развива во услови какошто треба да се развива во оптимална температура, туку стагнира и останува само да се одржува во живот. Затоа се и таквите, а нема да ги нарречам неквалитетни плодови, туку се нетипични за самото растение. Остануваат мали, ситни и може да додавате вода, колку што сакате, но растението не ги прима останува да го одржува вегетативниот дел“, истакна Златковски.
Земјоделските експерти со години алармираат и дека како држава сме зависни од увоз на семенски материјал. Домашниот семенски материјал покрива само една четвртина од потребите на земјоделците, но се уште не се користат сортите отпорни на климатските промени. Во услови на двоцифрена инфлација, производството на храна на македонските ниви станува еден од приоритетите на државата. Насоките се освен тоа што климатските промени влијаат на производството, земјоделците мора и забрзано и целосно да ја модернизираат својата механизација.