Животниот циклус на компаниите е составен од фази идентични со оние на живите организми. Развојниот циклус е еволутивен и идентичен и за малите и за големите компании, и сите тие минуваат низ предвидлив циклус на раст. Знаејќи ги овие фази, можете да ја идентификувате моменталната фаза во која се наоѓа една компанија. Ова е само една од пораките што ги упати д-р Исак Адижес на вчерашниот настан „Разговори со Адижес – Инспирација и решенија”, којшто го организира „М6 Едукативниот центар“ во рамки на платформата „Чекор напред”.
На настанот, македонските менаџери, претприемачи, лидери, претставниците на академската заедница и млади амбициозни луѓе имаа ретка можност во живо да ги чујат пораките на д-р Исак Адижес, еден од водечките светски консултанти.
Тој ја истакна важноста од грижата за здравјето на компаниите во секоја од развојните фази низ кои тие минуваат. Во голем дел од овие фази, промените и нивната имплементација се неизбежни и токму тука е умешноста на менаџерите да успеат да го задржат потребното ниво на мотивација и синергија во своите тимови. Интересен е фактот што д-р Адижес ја пресликува оваа методологија и на микро и на макро системите, од семејството како функционална единица, преку компаниите, до државата.
Во преполната сала во Македонската филхармонија, д-р Адижес зборуваше за премостување на предизвиците и креирање нови можности за раст и развој во услови на брза глобална транзиција предизвикана од технолошкиот развој. Споделувајќи ги искуствата од неговата соработка со голем број светски компании од различни индустрии (како што е на пример ланецот пицерии „Доминос“), д-р Адижес на овој настан се фокусираше на промената како константа, на клучните нешта што лидерите треба да ги имаат на ум кога ги формираат своите тимови, истакнувајќи дека постојаната посветеност кон знаење и работењето со пасија резултираат со успех.
Познат по својата методологија за трансформација на организациите, која е рангирана помеѓу ТОП 10 менаџмент методологии во светот и се применува во повеќе од 1.000 интернационални организации, д-р Адижес на настанот во Скопје се осврна и на нејзините основи. Д-р Исак Адижес е по потекло од Македонија, а својата кариера ја градел во САД, каде бил и професор на неколку престижни универзитети меѓу кои и Универзитетот Стенфорд и Универзитетот на Калифорнија во Лос Анџелес (University of California Los Angeles - UCLA). Тој е основач на „Адижес институтот” во Калифорнија, а негови клиенти се голем број компании кои се наоѓаат на листата „Форчн500“ (Fortune 500).