Во јуни 2024 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесува 5,47 проценти и забележа месечен пад од 0,02 п.п., при годишно зголемување од 0,35 п.п, соопшти Народната банка. Просечната каматна стапка на вкупните депозити е зголемена на месечна и на годишна основа за 0,02 п.п. и 0,48 п.п., соодветно и изнесува 1,88 проценти.
Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во јуни, изнесува 5,08 проценти и забележа месечно и годишно намалување од 0,11 п.п. и 0,18 п.п., соодветно. Просечната каматна стапка на новопримените депозити е повисока за 0,16 п.п. на месечно ниво и изнесува 2,52 проценти, при годишен пад од 0,18 п.п.
Во јуни 2024 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор, изнесува 5,26 проценти и на месечна основа е намалена за 0,05 п.п.
„Притоа, надолната промена се должи на падот на каматните стапки на сите компоненти: каматните стапки на денарските кредити без и со валутна клаузула и каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,04 п.п., соодветно). На годишна основа, оваа каматна стапка е зголемена за 0,40 п.п.“, инфомираат од Народната банка
Овој месец, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор е намалена за 0,21 п.п. на месечно ниво и изнесува 4,95 проценти. Анализирано по валута, месечниот пад е резултат на намалените каматни стапки на денарските кредити со и без валутна клаузула (за 0,99 п.п. и 0,25 п.п., соодветно), во услови на раст на каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,95 п.п.). Анализирано на годишна основа, каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор е намалена за 0,31 п.п.
Во јуни, просечната каматна стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор е зголемена за 0,04 п.п. во споредба со претходниот месец и изнесува 2,25 проценти.
„Нагорната промена во целост се должи на растот на каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,11 п.п.), додека каматните стапки на денарските депозити без и со валутна клаузула се непроменети. Анализирано на годишна основа, каматната стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор бележи раст од 0,26 п.п.“, наведуваат од Народната банка.
Во јуни, каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата изнесува 5,66 проценти и бележи месечен раст од 0,01 п.п. Притоа, растот произлегува од зголемените каматни стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,02 п.п.), во услови кога каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула се непроменети, а каматните стапки на кредитите во странска валута бележат пад (за 0,01 п.п.). Годишниот раст на каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата изнесува 0,31 п.п.
Овој месец, кај просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата е забележан месечен раст од 0,03 п.п. и изнесува 5,29 проценти.
„Промената во целост се должи на растот на каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,09 п.п.), додека кај каматните стапки на кредитите во странска валута и на денарските кредити со валутна клаузула е забележан пад (за 0,21 п.п. и 0,02 п.п., соодветно). На годишно ниво, оваа каматна стапка е повисока за 0,02 п.п.“, соопшти Народната банка.
Во јуни 2024 година, каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата, изнесува 1,84 проценти и бележи месечно зголемување од 0,03 п.п. Анализирано по валута, промената произлегува од растот на каматните стапки на депозитите во странска валута и денарските депозити без валутна клаузула (за 0,03 п.п. и 0,02 п.п., соодветно), во услови на пад на каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула (за 0,06 п.п.). Годишниот раст на каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата изнесува 0,50 п.п..