Бензинот БС-95 и Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) од ноќеска на полноќ поевтинуваат за три и пол денари по литар, дизелот за три денари, а за два денара бензинот БС-98, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Новата цена на литар ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 90 денари, а 92 денара на ЕУРОСУПЕР БС-98. И литар дизел ќе чини 90 денари, а Екстра лесното масло (ЕЛ-1) ќе се продава по цена од 87,50 денари.
Се намалува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС за 0,557 денари и ќе изнесува 52,786 денари по килограм.
Со одлуката на РКЕ се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,80 проценти во однос на одлуката од 5. јули.
Од Комисијата укажуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка, бележат намалување во просек: кај бензините за 3,569 проценти, кај дизелот за 2,117 проценти, кај екстра лесното масло за 2,960 процрнти и кај мазутот за 1,402 проценти
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка, е понизок за 0,117 проценти.