Македонија е посветена на целта за напуштање на јагленот и за зголемување на производството на струја преку обновливи извори на енергија, истакна во своето обраќање на панел-дискусија на климатскиот самит КОП29 министерката за енергетика Сања Божиновска.
„Амбицијата е јасна: развој на дополнителни 1 GW капацитети за обновлива енергија како дел од забрзаната транзиција кон зелена енергија. Оваа иницијатива не само што ќе ги намали емисиите на стакленички гасови туку ќе отвори нови можности за локалните заедници и ќе ја постави Македонија како лидер во регионот“, наведе таа.
За исполнување на целите за праведна транзиција, на Македонија ќе ѝ биде потребна поддршка од меѓународните партнери затоа што се потребни значителни финансиски средства.
Прочитај повеќе
Јаглеродна давачка - нов удар за цената на струјата и извозните производи
Од 1 јануари 2026 година домашните компании ќе подлежат на плаќање јаглеродна давачка.
13.11.2024
Мицкоски нема информации за можно поскапување на струјата
Премиерот за идната недела најави „пријатно изненадување“ поврзано со енергетиката и сигурноста во снабдувањето со енергенси
09.11.2024
ББА-коментар: Регулирањетo на цените на струјата и гасот на клацкалка
Зголемувањето на цените на струјата носи повисоки трошоци за стопанството.
28.10.2024
ББА-коментар: Цените на струјата и на гасот зависат од геополитиката
Производството на струја во регионот Адрија е послабо поради сушата.
17.10.2024
Регионот го очекуваат сурова зима и поскапа струја
Уништената енергетска инфраструктура во Украина ја поскапува струјата за регионот.
17.10.2024
„Клучен предизвик е оваа транзиција да биде праведна и инклузивна, особено за заедниците што традиционално зависат од рударството и термоцентралите на јаглен. Пристапот на Македонија е насочен кон давање поддршка за засегнатите работници и заедници, обезбедувајќи нови, одржливи можности и зачувување на социјалната стабилност“, истакна Божиновска.
Намалување на емисиите за 82 отсто до 2030 година
Во согласност со сегашната стратегија за енергетика и националниот план за енергија и клима, термоцентралите во Македонија треба да се затворат до 2030 година, а дотогаш емисиите на стакленички гасови треба да се намалат за 82 отсто во споредба со нивото од 1990 година.
Главниот проблем во претстојниот период ќе биде социјалниот момент, со оглед на тоа што во регионите во кои се наоѓаат рудниците има голем број луѓе што зависат од нив.
Неодамна за „Блумберг Адрија“ министерката рече во дека во наредниот период, додека се во тек процесите за ревитализација и модернизација на енергетските капацитети, ќе се прави оптимизација на работни места со цел бројот на лица што работат во нив да не биде драстично намален.
„Според националниот план за енергија и клима, до 2030 година ќе се создадат до 6.000 работни места, а до 2035 година нови 10.000 зелени работни места. Ако имаме предвид дека во РЕК Битола и во ТЕЦ Осломеј има 3.500 вработени, значи нето-ефектот од спроведувањето на зелената транзиција ќе донесе нови работни места и воопшто не треба никој да стравува дека ќе остане без можност да заработува“, рече Божиновска.
Енергетски коридори за поголема стабилност на системите
Денеска во Баку се одржа и министерскиот состанок за енергетските иницијативи на КОП29, кој е еден од клучните настани во рамките на енергетскиот ден на климатскиот самит.
Двете иницијативи што произлегоа од годинашниот климатски самит се однесуваат на зголемување на капацитетот за производство на струја од обновливи извори, како и за создавање капацитети за складирање на таа струја (COP29 Green Energy Pledge: Green Energy Zones and Corridors и COP29 Global Energy Storage and Grids Pledge).
До 2030 година глобалниот капацитет за складирање енергија треба да достигне 1,500 GW. Тоа е потребно за да се обезбедат сигурно и стабилно снабдување со струја и поефективна интеграција на обновливите извори во електромрежите. Македонија ги поддржува овие иницијативи.
„Македонија преку стратегијата за енергетика до 2040 година и националниот план за енергетика и клима веќе работи на зголемување на капацитетите за обновливи извори на енергија, како и на создавање инфраструктура за зелени зони и индустриски паркови што користат обновлива енергија. Овие коридори ќе ги интегрираат обновливите извори во националните и регионалните електромрежи, поттикнувајќи енергетска стабилност, одржлив економски раст и нови работни места, притоа намалувајќи ги емисиите на стакленички гасови“, соопшти Министерството.
Со законски измени до складирање енергија
Од енергетската криза во 2022 година производство на струја од обновливи извори на енергија значително се зголеми. Во овој период Регулаторната комисија за енергетика има издадено над 1.200 лиценци за производство на струја од обновливи извори.
Проблемот што се појавува сега е балансирањето на енергијата. Тоа треба да се надмине со измените во Законот за енергетика и со законот за обновливи извори на енергија, кој се носи првпат во земјава. Министерството за енергетика во моментов работи на двата предлога.
Додека не се донесе регулативата, производството на струја може да создава високи трошоци ако не е во рамнотежа со потрошувачката. Од друга страна, одржувањето рамнотежа кај обновливите извори е тешко и скапо.
„Блумберг Адрија“ во повеќе наврати пишуваше дека производството од фотонапонските електроцентрали (ФЕЦ) и ветерните електроцентрали (ВЕЦ) е непостојано и непредвидливо, односно зависи од временските (метеоролошки) услови. Поради тоа се случува произведена електрична енергија во одредени часови да биде многу поголема од оптоварувањето на електроенергетскиот систем, што доведува до дебаланс помеѓу производството и потрошувачката, со што се загрозува стабилноста на системот, а може да доведе и до испад или целосен распад на електроенергетскиот систем. За да не дојде до тоа, потребно е да се врати балансот, што, пак, чини повеќе пари.
Решението за одржување рамнотежа во системот е преку системи за складирање (сториџи). Таквите системи, освен што ќе овозможат складирање на струјата, ќе придонесат и за продажба кога цените се повисоки.
Измените во Законот за енергетика треба да го отворат патот за инвестиции во сториџи. Дотогаш важат измените на правилата што во март годинава ги усвои Регулаторната комисија за енергетика, со кои им се дозволува на компаниите производители на електрична енергија да градат батериски системи за складирање на струјата заради балансирање.
Сопствениците на фотоволтаични централи ќе можат да инсталираат батерии со капацитет колку што е капацитетот на електроцентралата.