Просечната цена на електричната енергија за домаќинствата од 1 јануари ќе се зголеми за 0,92 проценти. Во првиот блок зголемувањето е за 0,68 проценти, во вториот за 0,9 проценти, во третиот за 1,93 проценти, во четвртиот за 2,24 проценти, a евтината тарифа поскапува за 0,9 проценти, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Во согласност со барањето на „ЕВН хоум“, како што рече на денешната прес-конференција претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, цената на електричната енергија за домаќинствата требаше да се зголеми за 4,4 проценти.
„Ова ни е прва одлука во која го искористивме контролниот механизам во однос на определувањето на цената на електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи. ’ЕВН хоум’ како универзален снабдувач до РКЕ достави на контрола и разгледување одлука на 5 декември годинава. Во согласност со нивното барање, цената за домаќинствата требаше да се зголеми за 4,4 проценти. Во најголем дел немавме разлики, а единствената разлика што постои меѓу тоа што сега го одобривме и тоа што го достави ЕВН е во однос на факторот на корекција и за да обезбедуваме ценовна стабилност и цени што ќе имаат минимално влијание врз вкупните трошоци за електрична енергија на граѓаните постапивме на овој начин. Како што ветивме, просечната цена на електричната енергија за домаќинствата се зголемува за 0,92 проценти“, рече Бислимоски.
Тоа, како што посочи Бислимоски, значи дека едно просечно домаќинство во државата што има сметка од 2.300 денари ќе има зголемен трошок од 21 денар.
„Цената за електричната енергија кај домаќинствата се состои од два дела, едниот дел е енергија, другиот дел е мрежарина. Мрежарината за сите блокови е иста и сега изнесува 2,14 денари. За првиот блок цената на енергијата е 4,44 денари, а заедно со мрежарината е 6,58 денари за киловат-час, а претходно изнесувала 6,53. Збирната цена за вториот блок е 7,71 денар, а претходно изнесувала 7,64 денари. Цената во третиот блок е 9,57, а претходно изнесувала 9,39 денари. Во четвртиот блок е 20,4 денари, а претходно изнесувала 20 денари. Цената на евтината тарифа изнесува 4,12 денари, а претходно изнесувала 4,08 денари“, појасни Бислимоски.
Тој потсети дека со претходната одлука РКЕ ја намали цената на мрежарината пред сè во делот на дистрибуцијата.