Минималната плата го вади раководството на Сојузот на синдикатите на Македонија на улица. Околу 300 члена на органите на ССМ утре во 12.05 ќе протестираат пред зградите на Собранието, Стопанската комора и Владата.
Протестот доаѓа откако Владата донесе одлука со која минималната плата во земјава ќе изнесува 22.300, наспроти барањето на ССМ за минималец од 500 евра.
„Пред парламентот каде ќе порачаме дека не може да има за пратениците да нема за работниците, ќе продолжиме пред Стопанската комора на Македонија каде ќе порачаме дека подадената рака од работникот денес може да биде стисната тупаница утре. Ќе завршиме пред Владата каде ќе порачаме дека не може да се одлучува за работниците без работниците“, рече на денешната прес-конференција претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.
Прочитај повеќе

Минималната плата во ќор-сокак - се крчка ли закон за субвенции на платите
Седумдесет отсто од компаниите би покачиле и повеќе ако добијат државна поддршка.
24.02.2025

Анализираме: Кој зема минимална плата во Македонија?
Помалку од четири отсто од вработените во земјава земаат минимална плата од 22.567 денари.
05.02.2025

Македонските директори не пресметале повисоки плати за идната година
Растот на платите в година ќе забави.
26.12.2024

Минималната плата ја убива продуктивноста, добрите работници извисуваат
Продуктивноста во преработувачката индустрија падна за четири отсто во септември.
21.11.2024
Според него, органите и телата на ССМ кои утре на скопските улици ќе држат отворена седница ќе испратат порака дека се креираат политики кои одат во погрешна насока.
„ССМ се загрижени за состојбата во која 250.000 работници примаат плата до 32.000 денари, а 380.000 работници примаат плата под просечната плата во земјата според податоците од Управата за јавни приходи. Сегашните жестоки напади кон ССМ се со цел да не се зголемат платите на овие 380.000 работници“, рече Трендафилов.
Во изминатите денови пратеници од владејачката партија во повеќе наврати на прес-конференции ги коментираа платите на раководството на ССМ обвинувајќи за лицемерие.
„Ми е гајле за вашето мислење на мене. Тоа што го правам со 60.000 денари плата, ќе го правам и со 300.000 денари. Затоа бараме 500 евра минимална плата и зголемување на останатите плати за 100 евра“, порача Трендафилов.
За разлика од претходните години, кога согласно Законот за минимална плата, таа се утврдуваше со мислење на економско-социјалниот совет, оваа година ја утврди владата. Проблемот настана откако ССМ побара зголемување на минималецот за 500 евра, а работодавците се изјаснија дека со владина помош ќе можат да излезат во пресрет на барањето. Ставот на владата е дека во буџетот не се предвидени пари за ваква поддршка на компаниите.