Со симболично обележување на почетокот на градежните активности, денеска во близина на штипското село Љуботен, официјално започна изградбата на најголемиот ветерен парк во Македонија, инвестиција вредна над 500 милиони долари, поддржана од компанијата Алказар Енерџи Партнерс (АЕП/AEP) – водечки независен менаџер за одржливи инвестиции.
Станува збор за најголемата приватна инвестиција во обновлива енергија во историјата на земјата, која треба да генерира околу 1 терават-час електрична енергија годишно – доволно за задоволување на значаен дел од домашните и регионалните потреби.
„После нешто повеќе од една година од првичната најава, денеска почнуваме со реализација на првата фаза... Оваа инвестиција не само што ќе биде драјвер за енергетскиот сектор, туку и модел за идниот пристап кон обновливи извори“, изјави премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на настанот.
Христијан Мицкоски
Element PR
Министерката за енергетика, Сања Божиновска, ја истакна стратешката важност на проектот, нагласувајќи дека ова не е изолиран потег, туку дел од долгорочна ориентација на државата кон енергетска транзиција.
„Оваа инвестиција не само што ќе обезбеди стабилен енергетски систем, туку и ќе ја позиционира Северна Македонија како активен учесник во европскиот енергетски пазар. Ќе произведуваме не само за себе, туку и за регионот“, рече Божиновска.
Министерот за транспорт и врски, Александар Николовски, потенцираше дека изградбата на ветерниот парк ќе донесе повеќе од 600 локални работни места и ќе иницира развој на нови патишта, подобра дигитална поврзаност и нови можности за инвестиции во регионот.
Од името на инвеститорот, коосновачот и управувачки партнер на АЕП Даниел Калдерон, изрази благодарност за поддршката од институциите:
„Овој проект е пример за успешна соработка помеѓу државата и приватниот сектор. Заедно сме посветени на долгорочни придобивки за локалните заедници и на зајакнување на енергетската безбедност.“
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...