Народната банка (НБРМ) ги задржа непроменети каматните стапки на вчерашната седница на Извршниот одбор за монетарна политика. Kаматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 5,35 проценти, каматните стапки на депозитите прекуноќ се задржуваат на 3,95 проценти, додека на депозитите на 7 дена на ниво од 4 проценти.
Од НБРМ соопштија дека со оваа одлука се задржува внимателниот пристап при водењето на монетарната политика, соодветно на условите во економијата и на ризиците што произлегуваат од надворешното и домашното опкружување.
„Целокупниот сет досегашни мерки - тековните каматни стапки, промените кај задолжителната резерва и применетите макропрудентни мерки - е насочен кон одржување на ценовната стабилност на среден рок и кон зачувување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото. Во однос на поставеноста на монетарната политика во еврозоната, ЕЦБ на состанокот во јули донесе одлука за задржување на каматните стапки на тековното ниво“, се наведува во соопштението.
Одлуката се носи во време кога инфлацијата во земјава забрза. Имено, во јуни 2025 година годишната стапка на инфлација изнесува 4,5 отсто, а од НБРМ велат дека забрзувањето главно произлегува од повисокиот раст на цените на храната и на базичната компонента, пред сѐ под влијание на променливите ценовни движења кај овошјето и кај воздушниот транспорт. „Истовремено, цените во рамките на енергетската компонента на инфлацијата и во јуни бележеа пад на годишна основа, но поумерено во споредба со мај. Годишната стапка на инфлација остварена во вториот квартал од годината е малку над проектираното ниво, што упатува на потребата од натамошна претпазливост. Од друга страна, најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се ревидирани во надолна насока“, се наведува во објавата.
Од централната банка сепак сметаат дека има неизвесност околу идната динамика на цените на примарните производи на берзите и дека таа е висока поради геополитичките тензии, позатегнатите трговски политики и климатските промени. „Оттука, ризиците за идната динамика на инфлацијата и натаму постојат и се поврзани и со натамошната неизвесност од променливото надворешно опкружување, но и со домашните фактори што влијаат врз побарувачката“.
Инаку, на крајот на јуни нивото на девизните резерви изнесува 4.697,6 милион евра.
Растот на БДП во првиот квартал беше 3 проценти. „Ризиците за растот во наредниот период од надворешното опкружување се претежно надолни, што се поврзува со високата непредвидливост во услови на геополитички и трговски тензии. Во однос на домашното опкружување, обемот и динамиката со која ќе се остваруваат домашните инфраструктурни проекти се едни од најважните фактори што ќе влијаат врз темпото на раст на домашната економија“, велат од НБРМ.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...