Меѓународните сметководствени стандарди се најдоа во ќор-сокак. Преведени се и објавени во „Службен весник“ на 3 април 2024 година, а требаше да се применуваат од 1 јануари годинава, но и по речиси десет месеци сѐ уште не се целосно и доследно применливи.
Проблемот е во државните институции што не ги донесоа потребните подзаконски акти за да се регулира примената на новите стандарди. Конкретно, нема нов контен план, не се објавени новите шеми за известување, ниту другите новини предвидени со стандардите. Тоа отвора многу проблеми.
„Блумберг Адрија“ пред десетина дена се обрати до Министерството за финансии во врска со проблемот со кој се соочуваат сметководителите, но до пишувањето на текстот не добивме одговор.
Прочитај повеќе

Крај за хартиените фактури во Македонија: Што значи тоа за фирмите?
Од почетокот на следната година стартува пилот-проектот, но задолжителното креирање е-фактури ќе започне од 1 октомври 2026.
18.08.2025

ЕСГ влегува во македонската регулатива преку законот за сметководство
Новиот закон за сметководство ќе биде донесен во текот на годинава.
14.01.2025

И македонските компании ќе добијат обврска да известуваат за ЕСГ
Готов е новиот закон за сметководство, изработен во соработка со ЕУ.
08.02.2024
Сметководителите и ревизорите со кои разговаравме се надеваат дека до крајот на годината (кога ќе мора да се изготвуваат и финансиските извештаи) проблемот ќе биде надминат и државните институции ќе ги пополнат правните празнини.
Кој треба да ги применува новите стандарди?
Новите меѓународните сметководствени стандарди во Македонија важат за средни, големи, осигурителни компании, банки, акционерските друштва што котираат на Македонската берза и оние што влегуваат во консолидација. За малите и микрокомпаниите ништо не се менува.
Со примена на овие стандарди македонските компании треба да го доближат начинот на известување со другите земји. Во моментов стандардите што се во примена во земјава се од 2009 година, застарени се и се разликуваат од тие што се применуваат во близу 150 земји во светот.
Усогласувањето со меѓународните сметководствени стандарди беше едно од петте врвни барања на странските компании во земјава во анкетата што Советот на странски инвеститори ја спроведе во 2023 година. Овие компании и досега за своите фирми мајки во странство известуваа според меѓународните стандарди, а за тука правеа извештаи по стандарди стари 15 години.
И иако бројките се секаде исти, во извештаите за домашна употреба и во тие за странство, процените покажуваат дека разликите во одредени позиции може да изнесуваат околу 8 отсто поради примената на различни стандарди.
Ревизорите со кои разговаравме велат дека обврска на компаниите е да работат по стандардите што стапија на сила на 1 јануари годинава, но дека има проблеми затоа што тие важат само на хартија, а институциите не се подготвени за нивна примена. Тие се надеваат дека Министерството за финансии навреме ќе им стави крај на проблемите, а ако не се случи тоа, некои компании ќе имаат проблем со ревизорските извештаи.
Кои се придобивките од примената на стандардите?
Меѓународните сметководствени стандарди ги преведе Институтот на сметководители и овластени сметководители на Македонија, што беше нивна единствена законска обврска во овој контекст. Потоа ги одобри Фондацијата за меѓународни стандарди за финансиско известување (IFRS - ИФРС), а на 3 април лани во „Службен весник“ ги објави Министерството за финансии, кое досега не создаде услови за нивна целосна и доследна примена.
„Воведувањето и употребата на овие стандарди ќе обезбедат конзистентност на финансиските извештаи на домашните компании со оние што се изготвуваат на глобално ниво, што секако е исклучително значајно за нашиот бизнис-сектор, бидејќи со тоа се зголемуваат неговата ефикасност и конкурентност, креирајќи нови можности за инвестиции и соработка во глобални рамки“, соопшти ИСОС во периодот кога стандардите беа одобрени од ИФРС.
Според нив, од нивната имплементација ќе има придобивки и државата, затоа што тоа ќе придонесе за подобра и поефикасна наплата на даноците, како и професионално исполнување на даночните обврски од страна на деловните субјекти. Истовремено, примената на меѓународните сметководствени стандарди и правила значително ќе придонесе за натамошно унапредување на сметководствената професија во земјата и нејзино издигнување на исто рамниште со земјите во регионот, во ЕУ и глобално, соопштија тогаш од ИСОС.