Долг работен викенд и непроспиени ноќи – сметководителите и овој пат не успеваат да ги достават навреме ДДВ-пријавите затоа што системот на УЈП не работи. Конекцијата истече – тоа е најчестата порака што, и синоќа на неколку часа пред истекот на рокот за поднесување пријава, стоеше на екраните на сметководителите.
Управата за јавни приходи на својата страница на Фејсбук во петокот информира дека „од очекуваните 42.247 пријави ДДВ-04, поднесени се 16.025, што е близу 38 отсто од вкупниот број на даночни обврзници што треба да поднесат пријава ДДВ-04 за овој даночен период“.
Вчера, пак, УЈП потврди дека сметководителите викендов дежурале за да го запазат рокот. Заклучно со 25.1.2026 година, од очекуваните 42.247 пријави, доставени биле 33.305 или 78,8 отсто од вкупниот број на пријави ДДВ-04 што треба да се достават за конкретниот даночен период, што е значително помалку споредено со претходните даночни периоди.
Прочитај повеќе
Која институција во Македонија ќе ги обработи новите финансиски извештаи?
Државните институции не ги донесоа потребните подзаконски акти со кои се регулира примената на новите сметководствени стандарди во финансиското известување.
14.10.2025
Крај за хартиените фактури во Македонија: Што значи тоа за фирмите?
Од почетокот на следната година стартува пилот-проектот, но задолжителното креирање е-фактури ќе започне од 1 октомври 2026.
18.08.2025
Сѐ што треба да знаете за е-фактурата во Македонија
Следната година конечно ќе стартува проектот за е-фактура, а подготовките на даночните власти за воведување на системот се одвиваат според планот. Веќе на почетокот на следниот месец ќе бидат објавени апликативниот програмски интерфејс (API-Application Programming Interface) за компаниите и техничката спецификација за софтверот и ќе почне нивното тестирање.
26.12.2025
„Искуството покажува дека одложувањето ‘за подоцна’ најчесто резултира со: непотребен стрес, дополнителни трошоци и прекршочни санкции. УЈП укажува дека поднесувањето голем број пријави ДДВ-04 во последниот ден значително го оптоварува електронскиот систем, поради што можно е зголемување на времето на чекање за обработка на даночните пријави. Од извршениот увид на УЈП, заклучно со овој момент, не се забележани технички проблеми во функционирањето на системот“, се наведува во вчерашната објава на УЈП на социјалните мрежи.
Доцна синоќа рокот беше продолжен до денеска
Синоќа сметководителите добија и електронска пошта од Институтот на овластени сметководители во која се наведува дека УЈП, имајќи ги предвид предизвиците со кои се соочуваат сметководителите на последниот ден за поднесување ДДВ-пријава, препорачува да продолжат со поднесување пријави и да не поднесуваат исправки на веќе поднесени за дополнително да не се оптоварува системот.
„Препорачуваме месечните даночни обврзници што немаат поднесено пријави, денес да ги поднесат, додека поднесувањето пријави за тримесечните обврзници може да се изврши во текот на утрешниот ден“, се наведува во дописот што ИСОС синоќа околу 20 часот го испрати до сметководителите. Во соопштението уште е наведено дека без оглед на евентуалното одлагање на поднесувањето, законски утврдениот рок за плаќање на пријавите останува непроменет.
Сепак, неколку сметководители со кои разговараше „Блумберг Адрија“ потврдија дека истите проблеми продолжуваат и денеска.
УЈП ќе има предвид дека сметководителите се соочуваат со тешкотии
Од УЈП за „Блумберг Адрија“ потврдуваат дека има тешкотии во функционирањето на системот.
„Во текот на вчерашниот и денешниот ден на страната на УЈП се забележува дека побавно тече приемот на пријавите, а имаме дојави од даночните обврзници и нивните здруженија дека од нивна страна се забележува прекин на конекциите со системот на УЈП. УЈП презема мерки за оптимизација на функционирањето на системот. Процесот на поднесување продолжува сѐ до исполнувањето на обврската“, ни одговорија од УЈП.
Според нивните податоци, обврска за поднесување ДДВ-пријава имаат 42.283 месечни и тримесечни даночни обврзници.
„Од нив, до 12 часот денес ДДВ-пријава имаат поднесено 38.948 даночни обврзници, без оглед на обработката и статусот на пријавата во УЈП. Но, низ системот на УЈП овој месец се поднесени вкупно 40.631 ДДВ-пријава, имајќи предвид дека даночните обврзници поднесуваат и исправки на пријавите, односно еден обврзник може да поднесе повеќе пријави“, велат оттаму.
Во однос на казнувањето, од УЈП велат дека ќе имаат предвид дека одложувањата во поднесувањето на ДДВ-пријавите произлегуваат од забавен прием на пријавите во системот на УЈП.
УЈП набавува нова опрема
Системот е-даноци е стар. Од УЈП велат дека неговиот развој почна во 2006 година, а надградуван е во периодот 2012-2014 година.
„УЈП не бега од реалноста и транспарентно, како и досега, ја информира јавноста дека долги години не се правени никакви инвестиции во надградба на софтверите и ИТ-инфраструктурата на УЈП. Минатата година овој период беа направени определени подобрувања на функционирањето на системот и веќе една година не се соочувавме со ескалација на вакви проблеми“, велат оттаму.
Сепак, долгорочно решение е воспоставување нов ИТ-систем. За ова веќе се изработени технички спецификации и наскоро се планира започнување на јавната набавка.
„Истовремено, спроведена е јавна набавка на нова ИТ-опрема, која е најголема инвестиција во историјата на УЈП. Во тек е процес на испорачување и инсталација на новата ИТ-опрема, што се очекува да заврши до крајот на првиот квартал годинава“, велат од УЈП.