text size
Американскиот министер за финансии Скот Бесент најави нова фискална иницијатива со која администрацијата на Доналд Трамп ќе се обиде да го намали буџетскиот дефицит и да ги ограничи високите трошоци за задолжување, додека американскиот јавен долг за првпат надмина 40 билиони долари.
Бесент во интервју за „Си-ен-би-си“ (CNBC) изјави дека администрацијата до крајот на неделава или почетокот на следната ќе објави засилен фокус на „фискална консолидација“. Според него, Трамп ги задолжил него и директорот на Канцеларијата за менаџмент и буџет, Рас Воут, да работат на новата иницијатива.
Најавата доаѓа само еден ден откако американското Министерство за финансии соопшти дека планира најмалку двојно да го зголеми обемот на откуп на долгорочни државни обврзници. Потегот изненади некои од учесниците на пазарот, а Бесент објасни дека целта е да се обезбеди уредно тргување во текот на летниот период, кога ликвидноста е послаба, и инвеститорите повторно да се насочат кон економските основи.
Сепак, ефектот врз пазарот беше краткотраен. Приносот на 30-годишните американски обврзници во четвртокот ги избриша претходните добивки, додека приносите на 10-годишните обврзници исто така пораснаа.
Бесент ги минимизира дневните движења на пазарот, велејќи дека „сè што се случува во период од 24 часа е бучава“. Тој додаде дека програмата за откуп би можела да надмине 4 милијарди долари, колку што моментално е планирано да изнесува почетниот обем од следниот месец.
На прашањето колку далеку е подготвено Министерството за финансии да оди за да ги намали приносите на обврзниците, Бесент одговори дека Владата располага со „голем арсенал алатки“. Според него, дел од стратегијата е и испраќање сигнал до инвеститорите дека Вашингтон смета оти приносите на американските обврзници не ги одразуваат реалните економски основи.
Потегот на Министерството за финансии следуваше откако приносот на 30-годишните државни обврзници достигна највисоко ниво во речиси две децении, додека 10-годишните приноси се искачија на нивоа невидени уште од пред стапувањето на Трамп на функцијата.
Во исто време администрацијата најавува мерки за намалување на дефицитот, но Бесент не даде конкретни детали за тоа што би опфаќал новиот фискален план. Тој посочи дека борбата против измамите би можела да донесе заштеди од „стотици милијарди долари“, додека некои од федералните програми што им се пренесуваат на сојузните држави, според него, не се користат ефикасно и би можеле да бидат намалени.
Економските аналитичари, сепак, се скептични дека администрацијата може значително да го намали дефицитот во блиска иднина. Сара Бјанки од „Еверкор“ (Evercore ISI) оцени дека е малку веројатно Вашингтон во овој момент да преземе мерки што суштински би го промениле дефицитот. Според неа, и изненадувачката најава за откуп на обврзници имала само краткотраен ефект, па и евентуалните мерки за дефицитот би можеле да бидат ограничени.
Bloomberg
Бесент, сепак, смета дека постои голема веројатност дефицитот веќе да го достигнал врвот. Како еден од факторите тој го посочи зголемувањето на приходите од царини, откако администрацијата повторно ги воспоставува увозните давачки по одлуката на Врховниот суд со која беа укинати значителен дел царини на Трамп од минатата година.
Американскиот министер за финансии очекува економскиот раст со текот на времето да помогне во намалувањето на товарот на долгот. Тој оцени дека силната економска активност и зголемената продуктивност би можеле да создадат услови за раст со пониска инфлација.
„Основната економија, според мене, е многу силна“, изјави Бесент, додавајќи дека главните инфлаторни притисоци во моментов доаѓаат од енергетскиот сектор и дека тие се привремени.
Цените на нафтата повторно растат во последните недели поради зголемените тензии со Иран. Бесент ги повтори тврдењата на Трамп дека САД го контролираат Ормускиот Теснец и посочи на извештаи според кои значителни количества енергенти и натаму се извезуваат преку овој стратешки важен морски коридор.
Истовремено, Вашингтон продолжува да го засилува економскиот притисок врз Техеран. Бесент најави дека в понеделник ќе одржи прес-конференција на која ќе ги претстави деталите за новата програма за санкции против Иран.
„Ќе го урнеме овој режим“, изјави Бесент, мислејќи на иранската влада и новата американска стратегија за економски притисок.
Високото ниво на каматите и приносите на американските државни обврзници претставува значаен предизвик за администрацијата, бидејќи повисоките трошоци за задолжување го зголемуваат товарот врз федералниот буџет. Министерството за финансии затоа се обидува истовремено да го поддржи функционирањето на пазарот на државниот долг и да испрати сигнал дека Вашингтон има план за стабилизирање на јавните финансии.
Бесент наедно ја отфрли загриженоста за слабеењето на американскиот долар по најновите потези на Министерството за финансии, повторувајќи дека администрацијата останува посветена на политиката на силен долар. Според него, доларот останува стабилен и само се враќа на нивоата од пред неколку месеци по претходниот период на раст.
Новата фискална иницијатива на администрацијата, најавената експанзија на откупот на државни обврзници и плановите за дополнителни санкции кон Иран се одвиваат паралелно, додека Вашингтон се обидува да ги ограничи трошоците за задолжување, да го намали дефицитот и истовремено да го одржи економскиот раст. Колку овие мерки ќе имаат траен ефект врз пазарот на обврзници и јавните финансии ќе зависи од конкретните чекори што администрацијата ќе ги претстави во наредните недели.