text size
Ненадејниот план на американскиот министер за финансии Скот Бесент, со проширување на откупот на обврзници да ги намали трошоците за задолжување на САД, можеби првично предизвика жестока дебата за тоа колку на крајот ќе биде ефикасен, но клучните пазарни показатели и позиционирањето на инвеститорите покажуваат дека тој веќе има ефект.
Од најавата на Бесент минатата недела, американските државни обврзници остварија подобри резултати од своповите со споредливи рокови на доспевање, па разликата меѓу приносите на 30-годишните обврзници и соодветните своп-стапки се намали на најниско ниво од февруари. Референтните приноси на американските државни обврзници исто така постепено паднаа, по почетните осцилации по најавата на владата дека „најмалку ќе го удвои“ откупот на долгорочни обврзници.
„Овој нов ’put’ на Министерството за финансии ('Bessent put' – очекување дека министерството ќе интервенира ако приносите премногу пораснат) го подобрува односот меѓу потенцијалната добивка и ризикот кај држењето долгорочни обврзници, бидејќи обезбедува одредена сигурност“, рече Џејсон Вилијамс, директор за стратегија за американските каматни стапки во „Сити“ (Citi).
Прочитај повеќе
Менторот на Бесент вели дека мешањето на владата во пазарите на обврзници е грешка
Милијардерот Стенли Дракенмилер верува дека неговиот штитеник прави грешка.
пред 23 часа
Бесент отвора простор за поголем откуп на американски обврзници
Американскиот министер за финансии најави нова фискална иницијатива со која администрацијата ќе се обиде да го намали буџетскиот дефицит и да ги ограничи високите трошоци за задолжување.
21.08.2026
Американските долгорочни обврзници закрепнаа по најавата за зголемен откуп
Најдолгорочните американски државни обврзници забележаа остар раст откако Министерството за финансии на САД најави дека најмалку ќе го удвои обемот на откупот на обврзници со подолг рок.
19.08.2026
Неодамнешните потези на Бесент, вклучително и зголемувањето на откупот и интервенцијата на пазарот на јени, „укажуваат на некого кој е подготвен да направи сè што е потребно за да ги оствари своите цели“.
Своповите се дериватни договори со кои две страни се договараат да разменуваат каматни плаќања, најчесто така што едната плаќа променлива, а другата фиксна каматна стапка. Меѓу одредени инвеститори тие се популарни како алтернатива на директното поседување обврзници. Затоа, разликата меѓу своп-стапките и приносите на американските државни обврзници може да се гледа како показател за подготвеноста на тие инвеститори наместо свопови да држат државни обврзници.
Последните години, како што понудата на државни обврзници ширум светот силно растеше, така американските приноси сè повеќе се оддалечуваа од своп-стапките. Таа разлика поттикна поголем интерес кај хеџ-фондовите за обложување на движењето на своп-спредовите. Истражувачите на Фед проценија дека нивните позиции минатата година достигнале рекордни 305 милијарди долари, во однос на помалку од 50 милијарди долари во 2022 година.
„Си-ен-би-си“ (CNBC) во понеделникот објави дека Министерството за финансии би можело да ја користи ТГА (Treasury General Account), односно својата сметка со готовински средства кај Фед, за финансирање на зголемениот откуп на долгорочни обврзници. Тоа дополнително го поттикна пазарот, на кој му одеше во прилог и падот на цените на суровата нафта.
Иако долгорочните трошоци за задолжување пораснаа речиси најмногу во последните години, а многу структурни фактори што ги туркаат глобалните приноси нагоре останаа непроменети, движењата на пазарот укажуваат дека приносите без интервенцијата на Бесент веројатно би биле уште повисоки.
Дури и ако долгорочниот ефект од проширената програма за откуп е помалку извесен (милијардерот и инвеститор Стенли Дракенмилер е еден од оние кои интервенцијата на Бесент ја нарекоа грешка), многу трговци сега знаат дека на пазарот постои голем купувач и не сакаат да заземаат позиции спротивни на таканаречениот „Bessent put“.
Сличен тренд се гледа и на пазарот на опции. Во текот на изминатата недела преовладуваа обложувањата на раст на цените на обврзниците, што покажува силен раст на побарувачката за call-опции во однос на put-опциите на фјучерси на американски обврзници со долги рокови на доспевање. Спротивно на тоа, показателите за односот меѓу call и put опциите (skew) за фјучерсите на американските државни обврзници со пократки рокови на доспевање останаа повеќе неутрални, како и во претходните месеци.
„Во моментов сè се случува на долгиот крај на кривата, а актуелниот страв, ако така може да се нарече, е дека долгорочните каматни стапки поради интервенцијата би можеле нагло да паднат“, рече Алекс Манзара, брокер за деривати во РЏ (R.J. O'Brien & Associates).
Иако приносите на американските државни обврзници и натаму се значително повисоки од своп-стапките, најавата на Бесент донесе одредено олеснување. Се намали и 10-годишниот своп-спред, за три базични поени, на околу 38 базични поени.
Стеснувањето на своп-спредовите ја одразува можноста „откупот повторно да биде зголемен, а потоа уште еднаш, доколку американското Министерство за финансии процени дека тоа е соодветна политика“, рече Падраик Гарви, регионален директор за истражување во ИНГ (ING Groep NV) во Њујорк.
Сепак, неодамнешниот пад само незначително го ублажи повеќегодишниот раст на долгорочните трошоци за задолжување на американската влада.
Приносот на 10-годишните американски државни обврзници - на кој, според зборовите на Бесент, е насочена администрацијата на претседателот Доналд Трамп - во средата во азиското тргување порасна за еден базичен поен, на 4,64 проценти, откако минатата недела достигна 4,75 проценти, највисоко ниво од почетокот на 2025 година.
Приносот на 30-годишните американски државни обврзници исто така порасна за еден базичен поен, на 5,17 проценти, но и натаму е околу 15 базични поени под највисокото ниво од 2007 година.
„Иако откупот на обврзници со подолг рок на доспевање може да ги намали приносите, нивната главна причина - големиот структурен буџетски дефицит на САД, кој бара сè поголемо задолжување на државата - нема да се промени наскоро“, рече Либи Кантрил, директорка за јавни политики во „Пимко“ (Pimco).
Што покажува анкетата на „ЏП Морган“
Инвеститорите кои „ЏП Морган“ ги анкетирал на 24 август пријавиле поголем удел и на долги и на кратки позиции, додека уделот на неутралните позиции (инвеститори кои не очекуваат јасно движење на приносите ниту нагоре ниту надолу) паднал од 67 на 54 проценти, што е најниско ниво од 26 мај оваа година.
Позиционирање во СОФР опциите
Кај СОФР (SOFR) опциите со доспевање во септември и декември оваа година и март 2027 година, бројот на отворени позиции на извршната цена од 96,0625 силно пораснал, особено кај put-опциите за септември и декември. Меѓу позначајните трансакции биле стратегиите со кои инвеститорите се позиционираат за одредени движења на краткорочните каматни стапки.
Најголем број отворени позиции и понатаму имало на извршната цена од 96,25. Кај четирите најзастапени извршни цени, бројот на отворени call-опции со доспевање во септември и декември бил повеќе од двојно поголем од бројот на put-опциите.