text size
Опседнатоста на Волстрит со вештачката интелигенција е толку силна што ги засенува сите ризици, вклучително и наглото зголемување на каматните стапки, додека инвеститорите продолжуваат да вложуваат пари во најголемите технолошки компании на пазарот и да ги туркаат берзанските индекси кон рекордни нивоа. Но, и покрај сета еуфорија, ризиците што се наѕираат на хоризонтот стануваат сè поизразени, особено бидејќи приносите на долгорочните американски државни обврзници се тргуваат во близина на највисоките нивоа во последните неколку децении.
„Со овие повисоки стапки, сите сме напнати“, изјави Кен Махони, главен извршен директор на „Махони асет менаџмент“.
Добро утро, ова се петте вести што се важни за почеток на денот.
Долгови наспроти финансиски средства: Во што се разликуваат Македонците, Хрватите и Словенците?
Колку се задолжени граѓаните од земјите во регионот Адрија? На прв поглед, разликите меѓу земјите во регионот Адрија не се големи, но движењата во последните години откриваат интересни промени. Додека односот меѓу долгот и финансиските средства опаѓа во делови од Европа, некои земји во регионот се движат во спротивна насока.
Што ни кажува ова за финансиската положба на граѓаните и нивната задолженост? Истраживме како овој сооднос се менувал во последните години и како земјите од регионот Адрија се споредуваат со европскиот просек.
Два нови ВЦ-фонда носат повеќе од 100 милиони евра во регионот
Два нови инвестициски потези покажуваат како се менува мапата на ризичниот капитал во југоисточна Европа. „Форти.5 венчрс“ (Forty.5 Ventures) го затвори првиот фонд вреден 30 милиони долари, со фокус на стартапите од регионот, додека бугарскиот „Ланчхаб венчрс“ (LAUNCHub Ventures), со нов фонд поголем од 75 милиони евра, дополнително влегува во Хрватска, Словенија, Србија и остатокот од Западен Балкан.
Заедно, двата фонда носат повеќе од 100 милиони евра потенцијален капитал, иако не се наменети исклучиво за регионот Адрија. Двата вложуваат во претсемената и семената фаза, кога на регионалните стартапи најчесто им е потребен првиот сериозен институционален инвеститор.
Американскиот долг се движи кон неодржлива траекторија
„Невообичаено големите“ буџетски дефицити на Соединетите Американски Држави (САД) и незапирливиот раст на јавниот долг ја прават земјата сè поранлива на непредвидливите потези на инвеститорите, предупреди рејтинг-агенцијата „Скоуп рејтигнс“.
Во соопштението во петокот, компанијата го задржа рејтингот на САД на AA-, три нивоа под највисокиот рејтинг, со стабилни изгледи, но додаде дека постојаното зголемување на задолженоста на земјата не може да трае засекогаш.
ВИ индустријата мора да преземе одговорност за ризиците и да најде решенија
Американскиот министер за финансии Скот Бесент ги критикуваше предупредувањата на истакнати личности од областа на вештачката интелигенција за егзистенцијалните ризици што ги носи технологијата, нарекувајќи ги алармантни и некорисни, и ја повика индустријата самата да се регулира и да понуди решенија.
„Верувам дека мора да бидеме подготвени за секоја ситуација, но од друга страна, оваа паника без решенија од дел од заедницата за вештачка интелигенција не е лидерство“, изјави Бесент за „Аксиос“.
OПЕК+ ќе го задржи производството на нафта непроменето
Главните земји од OПЕК+ постигнаа начелен договор да ги задржат квотите за производство на нафта непроменети следниот месец, додека конфликтот на Блискиот Исток и натаму запира значителен дел од производството на групата.
Подгрупа од седум земји, предводена од Саудиска Арабија и Русија, треба да ги задржи производствените цели непроменети во ноември, во согласност со постојниот план, изјавија делегати пред видео-конференцијата во недела, на која договорот треба да биде финализиран.