Претставниците на американските Федерални резерви (Фед) ги задржаа каматните стапки непроменети трет последователен состанок и забележаа дека гледаат растечки ризик и од повисока инфлација и од зголемување на невработеноста.
„Во поглед на економските перспективи, неизвесноста дополнително се зголеми“, се наведува во соопштението на Федералниот комитет за отворен пазар објавено во средата, на крајот од дводневниот состанок во Вашингтон. „Комитетот внимателно ги следи ризиците и верува дека ризиците од поголема невработеност и повисока инфлација се зголемени“.
Официјалните лица едногласно гласаа за задржување на референтната каматна стапка во опсег од 4,25 до 4,5 проценти, како што всушност е од декември.
Прочитај повеќе

Трамп уверува дека нема намера да го разреши Пауел
Трамп изјави дека нема намера да го разреши претседателот на Федералните резерви и покрај неговото незадоволство од ажурноста на централната банка.
23.04.2025
Може ли Трамп да го смени шефот на Фед? Не баш, еве зошто
Американскиот претседател вели дека централната банка треба да ги намали каматните стапки
19.04.2025
Индексот S&P 500 на американските акции и приносите од државни обврзници паднаа по објавувањето на одлуката, додека доларот ги намали претходните добивки.
Трговските политики на претседателот Доналд Трамп предизвикаа бран неизвесност во американската економија. Иако за царините сè уште се преговара, економистите генерално очекуваат дека широко применетите царини ќе ја поттикнат инфлацијата и ќе го забават економскиот раст. Тоа би било во спротивност со двете цели на креаторите на монетарната политика, стабилност на цените и максимална вработеност.
Иако невработеноста останува ниска, а побарувачката е стабилна, претставниците на Фед изјавија дека се подготвени да ги задржат каматните стапки непроменети сè додека не добијат подобра претстава за насоката во која се движи економијата. Сепак, Трамп постојано изјавуваше дека централната банка треба да ги намали трошоците за позајмување.
Пауел и неговите помошници се решени да спречат царините да предизвикаат трајно зголемување на инфлацијата, а неколку функционери сигнализираа дека нема да поддржат намалување на каматните стапки пред предвиденото за да се заштитат од економско забавување.
Економска слика
Загриженоста за рецесија се зголеми, а некои компании објавија дека ги суспендирале инвестициските одлуки поради неизвесност. Сепак, пазарот на трудот останува отпорен, при што работодавците ги зголемија работните места за 177.000 во април. Претставниците на Федералните резерви во соопштението ги опишаа условите на пазарот на трудот како „солидни“.
Економистите велат дека ќе биде потребно време за целосниот ефект од новите царини да се почувствува низ економијата. Досега влијанието главно вклучуваше нагло опаѓање на расположението и зголемување на увозот. Американската економија се намали на почетокот на годината за првпат од 2022 година, но показателот за основната побарувачка остана стабилен.
„Иако флуктуациите во нето-извозот влијаеја на податоците, неодамнешните индикатори укажуваат дека економската активност продолжува да расте со солидно темпо“, се наведува во соопштението.
Во првиот квартал компаниите брзаа да увезуваат стоки пред да се воведат царините, а порастот на потрошувачката во март сугерира дека домаќинствата исто така се обиделе да ги зголемат купувањата и да создадат резерви каде што е можно. Клучните индикатори за инфлација се смирија во текот на тој месец.
Во меѓувреме Трамп ги засили критиките кон Пауел, што беше поизразено во последните неколку недели. Во една пригода Трамп објави на социјалните мрежи дека „смената на Пауел не може да дојде доволно брзо“.
Сепак, претседателот подоцна повеќепати велеше дека нема намера да го смени Пауел.
Фед соопшти дека ќе продолжи да го намалува својот биланс на состојба со намалено темпо, како што беше најавено на состанокот во март. Месечното ограничување за износот на државни обврзници што можат да достасаат без реинвестирање остана на пет милијарди долари, додека ограничувањето за хипотекарни обврзници исто така остана непроменето, на 35 милијарди долари.
Централната банка во вторникот објави дека претседателот на Фед на Канзас, Џеф Шмид, нема да присуствува на состанокот во мај поради неодамнешната смрт на неговата сопруга. Канзас беше претставуван од првата потпретседателка Ким Робинс. Гласот на Шмид отиде кај заменик-членот Нил Кашкари, претседател на Фед на Минеаполис.
- Текстот е напишан во соработка со Кевин Варли, Метју Бослер и Јо Ши.