Војната во Иран и нејзиното влијание врз инфлацијата можат да ja натераат Европската централна банка (ЕЦБ) да ги зголеми каматните стапки порано отколку што се очекуваше, оцени членот на Управниот совет, Петер Кажимир.
Иако ЕЦБ сè уште е на „добро место“ и нема потреба веднаш да реагира на состанокот следната недела, Кажимир се плаши дека сеќавањата на инфлаторниот шок од 2022 година во регионот го намалиле прагoт за компаниите да ги зголемуваат цените, а за потрошувачите да бараат повисоки плати. Ризиците за инфлацијата се јасно насочени кон зголемување, рече тој.
„Засега мораме да останеме смирени“, иако „би рекол дека реакцијата на ЕЦБ е потенцијално поблиску отколку што многумина мислат“, рече Кажимир во вторникот во интервју во Франкфурт. „Не сакам да шпекулирам за април или јули. Но ќе бидеме подготвени да реагираме ако биде потребно.“
Прочитај повеќе
Трговците ги „билдаат“ облозите за каматите на ЕЦБ, се очекуваат две зголемувања
Zголемените цени на енергијата ги поттикнаа стравувањата дека инфлацијата ќе се зголеми.
09.03.2026
Распродажбата на европските обврзници продолжува, ЕЦБ пред зголемување на каматите
Европските обврзници го продолжија падот додека турбуленциите на Блискиот Исток ги зголемија цените на енергентите, а висок функционер на централната банка предупреди дека долготраен конфликт може да донесе стагфлација во еврозоната.
03.03.2026
Инфлацијата во еврозоната неочекувано порасна среде заканите од Иран
Инфлацијата во еврозоната расте, а војната во Иран ги зголемува цените на енергијата. Како ќе реагира ЕЦБ на нов економски шок?
03.03.2026
Расте незадоволството во ЕЦБ по најавите дека Лагард ќе си оди порано
Збуени, иритирани, несигурни. Внатре во Европската централна банка, вработените се во шок по вестите дека претседателката Кристин Лагард ќе се повлече пред истекот на нејзиниот мандат, оставајќи прашања за нејзиниот авторитет.
21.02.2026
Трговците проценуваат дека растот на трошоците за енергија предизвикан од конфликтот на Блискиот исток ќе ја натера ЕЦБ оваа година да ги зголеми каматните стапки, и покрај тоа што Доналд Трамп изјави дека војната би можела да заврши „многу брзо“. Сè уште се свежи сеќавањата на последниот бран на раст на цените во Европа од 2022 година, а стравот е дека инфлацијата повторно би можела да се разгори.
Коментарите на Кажимир ги наведоа инвеститорите да ги зголемат облозите за заострување на монетарната политика. Сега веројатноста за зголемување на каматните стапки до јуни се проценува на 60 отсто, додека шансата за уште едно зголемување до крајот на годината се поставува на околу 35 отсто. Краткорочните обврзници, чувствителни на монетарната политика, го предводеа падот на германските државни хартии од вредност, па приносот на двегодишните обврзници порасна за девет базични поени на 2,35 отсто. Индексот Stoxx Europe 600 падна за 0,9 отсто.
Претставниците на ЕЦБ признаваат дека напредокот што го постигнале во враќањето на стабилноста на цените сега е доведен во прашање. Сепак, засега повикуваат на трпение додека ги проценуваат последиците од нападот на Трамп врз Иран, кој исто така би можел да го забави економскиот раст.
Bloomberg
Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, доцна во вторникот изјави дека претставниците ќе обезбедат војната да не предизвика ист инфлаторен удар во Европа каков што предизвика руската инвазија на Украина.
„Ќе направиме сè што е потребно за да обезбедиме инфлацијата да остане под контрола и Французите и Европјаните да не го трпат истиот раст на цените што го видовме во 2022 и 2023 година“, рече таа за телевизијата „Франс 2“.
Кажимир, кој е истовремено и гувернер на централната банка на Словачка, посочи дека бил незадоволен од состојбата и пред настаните во Иран, бидејќи цените на услугите сè уште се упорно високи, трошоците на стоки не забавуваат доволно брзо, а профитните маржи растат. Сега е уште позагрижен.
„Равенката за ризиците во врска со инфлацијата јасно се помести нагоре“, рече тој. „Можеме да заборавиме на сите дискусии дека инфлацијата би можела да биде пониска од целта.“
Bloomberg
Инфлаторните очекувања, ран индикатор за подолгорочните последици од ценовните шокови, веќе почнале да растат, според Кажимир.
„Компаниите сè уште се сеќаваат на инфлаторните години и веројатно ќе пренесат поголеми трошоци на потрошувачите многу побрзо отколку во 2022 година“, рече тој. „А луѓето ќе бараат повисоки плати многу побрзо отколку порано.“
Знаците на т.н. ефекти од втор круг би можеле да оправдаат зголемување на каматните стапки. Креаторите на политика сега делуваат поподготвени отколку во 2022 година, кога остатоците од програмите за квантитативно олеснување и обврските кон лабавата монетарна политика ги ограничуваа нивните потези.
„Можеме да реагираме побрзо ако биде потребно“, рече Кажимир. „Мораме да бидеме агилни. И ние ги научивме нашите лекции.“
Кварталните проекции на ЕЦБ, кои треба да бидат објавени овој месец и повторно во јуни, не се неопходен предуслов за таква одлука, смета тој.
„Немам никакви резерви за зголемување на стапките без нови прогнози. Она што е јасно е дека размислувањата за понатамошно намалување на стапките сега дефинитивно отпаднаа.“
Обврската на Кажимир да реагира брзо одекнува и кај неговите колеги.
Претседателот на Бундесбанк, Јоаким Нагел, повтори дека го поддржува пристапот „чекај и гледај“, но дека ЕЦБ ќе реагира ако биде потребно.
„Ако стане јасно дека сегашниот раст на цените на енергијата во среднорочен период ќе доведе до поширок раст на потрошувачките цени, Управниот совет на ЕЦБ ќе реагира одлучно и навремено“, рече тој во интервју за „Ројтерс“ објавено во средата.
Во меѓувреме, Франсоа Вилерој де Галхау од Франција изјави дека „во овој момент не мисли дека треба да се зголемат каматните стапки“, додека потпретседателот на ЕЦБ, Луис де Гвиндос, оцени дека влијанието на војната врз Европа зависи од нејзиното траење и интензитет.
И покрај неизвесноста, Кажимир сè уште е „доста оптимистичен за растот“ и не е „претерано загрижен“ за можноста од стагфлација.
Тој предупреди владите да не ги штитат потрошувачите и компаниите од високите трошоци за енергија со скапи мерки за поддршка, земајќи ја предвид кревката фискална ситуација во некои земји-членки.
„Нема сомнеж дека владите ќе излезат со идеи како да понудат барем некое олеснување“, рече тој. „Јас силно би советувал тоа да не го прават и би ги поттикнал мерките да бидат многу таргетирани и временски ограничени. Но, во минатото тоа никогаш не се случило.“
Кажимир рече дека е уверен дека Лагард ќе остане на функцијата до крајот на мандатот, откако не се смирија шпекулациите дека таа би можела да замине порано.
Таа „јасно кажа дека е посветена на завршување на својот мандат, тоа беше многу јасна порака за нас“, рече тој.
„Ако во иднина нешто се промени, добро, ќе се занимаваме со тоа. Но сега не е време за шпекулации.“