Македонија во моментов нема свој Новак Гоковиќ, Лука Модриќ или Лука Дончич, но во едно друго време го имала Дарко Панчев. Трансферот на европската златна копачка од Црвена Ѕвезда во Интер во тоа време, пред триесет години, беше трет најскап во Европа. Никогаш не беше јавно објавена цифрата за која Панчев ја напушти белградската Маракана и замина на Сан Сиро, но претпоставките се дека сумата била десетина милиони евра што во тоа време биле многу, многу пари. Пари за кои се купувале играчи како Диего Марадона, Ромарио, Жан Пјер Папен.
На листата најбогати македонски спортисти се и кошаркарот Перо Антиќ, единствениот Македонец кој заигра во американската НБА. Според некои проценки, стекнал богатство од околу 18 милиони евра. Следи ракометниот крал, актуелниот селектор на машката ракометна реперезентација, Кире Лазаров кој неодамна се пензионираше со колу 11 милиони евра на банкарската сметка.
Тројцата најплатени македонски спротисти на сите времиња, заработените пари ги трошат во земјава. Панчев ги прошета Италија, Германија и Шкотска. Перо Антиќ - Русија, Грција, Атланта, Турција и преку Белград се врати во Скопје. Кире Лазаров – ги остави зад себе Шпанија и Франција и се врати дома.
Пандев на чело, Елмас го следи во чекор
Меѓу актуелните спортисти според истражувањето што го направи Блумберг Адриа, најмногу се фудбалери. Буквално, на списокот во последната минута влезе еден кошаркар.
Најбогат македонските спортист во моментов е Горан, Гранде, Пандев со 14 и пол милиони евра на сметката. Од струмичка Беласица, како средношколец замина за Интер, освои Лига на шампиони, имаше кратка епизода во турски Галатасарај и утврди дека калчото му лежи најдобро. На 39 години игра во второлигашот Парма.
Пандев веќе инвестираше во македонскиот фудбал, во 2010 го основаше клубот Академија Пандев, кој се натпреварува во првата макеоднска фудбалска лига и изгради репрезентативен спортски центар во неговата Струмица.
Следен на листата македонски спортисти е Елиф Елмас. Има само 22 години и банкарска сметка со 9,5 милиони евра.
Третото место го држи, исто така фудбалер, Езџан Алиоски кој од пред три дена е позајмен играч на турски Фенербахче. Тежи 7,7 милиони евра.
На листата со 10 македонски спортски милионери, има еден кошаркар, Ненад Димитријевиќ кој од шпанска Валенсија завчера замина за руски Уникс Казан каде дневно ќе зработува по 1.700 евра или три и пол македонски просечни месечни плати.