Глобалните акции се искачија на нов историски максимум, откако инвеститорите повторно се вратија на берзите по сигналите дека САД и Иран би можеле да го продолжат примирјето, што им помогна на пазарите да ги намалат ризичните премии создадени од војната.
MSCI All Country World Index — најшироката мерка за глобалните акции — порасна за до 0,3 отсто до рекордно ниво и се движи кон десетти последователен ден на раст. Тоа е најдолгата серија добивки од септември наваму. Азиските акции пораснаа за 1,3 отсто и речиси целосно ги избришаа загубите предизвикани од војната, бидејќи оптимизмот околу можен прекин на огнот меѓу САД и Иран, заедно со силните корпоративни резултати во САД, го поттикна расположението на пазарите.
Акциите во Азија забележаа силен раст откако и показателите на Волстрит затворија на рекордни нивоа, при што трговците се обложуваат дека деескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток ќе ги намали цените на нафтата и ќе го поттикне економскиот раст. Фјучерсите на берзанските индекси сигнализираат дека растот ќе продолжи и во Европа.
Прочитај повеќе
Каде најмногу љубат Македонците да ги вложат своите пари, а да не е тоа стан?
Во банките чуваат над 10 милијарди евра, а во приватни пензиски фондови 125 пати помалку.
пред 3 часа
Берзански преглед: Акциите растат, нафтата под 100 долари за барел
Голем број големи пазари ги бришат своите падови предизвикани од војната.
15.04.2026
Златото паѓа бидејќи американската блокада на Ормуз ги зголемува инфлаторните ризици
Цената на златото падна за дури 2,2 проценти, паѓајќи под 4.650 долари за унца во раното тргување, пред да ги намали загубите.
13.04.2026
Најавените преговори меѓу САД и Иран ги смирија цените на нафтата
Азиските акции пораснаа, продолжувајќи го својот прв неделен раст од почетокот на војната на Блискиот Исток, додека инвеститорите претпазливо ги очекуваат разговорите меѓу САД и Иран овој викенд.
10.04.2026
Ќе може ли од Македонија да станете дел од мега ИПО-то на Маск и зошто не?
Проверивме колку е изводливо обичен инвеститор од Македонија да купи акции од „Спејс екс“ пред да излезе на берза.
14.04.2026
Дополнителен поттик за расположението даде и фактот што глобалниот репер за сурова нафта, Брент, се задржа околу 95 долари за барел, значително под врвот од речиси 120 долари минатиот месец. Со намалувањето на тензиите на Блискиот Исток, ослабе и доларот — кој во периодот на конфликтот беше главно засолниште за инвеститорите — при што Bloomberg Dollar Spot Index е на пат кон деветти последователен ден на пад, најдолга серија од декември 2006 година.
Азиските технолошки акции скокнаа на рекорден максимум
Bloomberg
MSCI All Country World Index, кој од почетокот на војната до најниското ниво на 30 март беше во пад од дури 9 отсто, целосно ги избриша тие загуби поради очекувањата дека САД и Иран на крајот ќе постигнат мировен договор. Обновениот интерес за технолошките акции исто така придонесе за пресвртот по распродажбата минатиот месец, која турна повеќе индекси во техничка корекција.
„Трговците низ Азија цврсто се држат до надежта дека во наредните денови ќе се реализира нова рунда мировни разговори меѓу САД и Иран“, изјави Тим Вотерер, главен пазарен аналитичар во „КЦМ Трејд“ (KCM Trade). „Фактот што нафтата се тргува под 100 долари и надежите за дипломатски пробив заедно повторно внесуваат живот во акциите.“
САД и Иран разгледуваат можност да го продолжат примирјето, кое истекува во вторник, за уште две недели, со цел да добијат повеќе време за преговори за мировен договор, според лице запознаено со ситуацијата.
Посредниците меѓу двете страни се обидуваат да организираат технички разговори за решавање на најспорните прашања, изјави истото лице, кое побара да остане анонимно поради чувствителноста на темата. Меѓу нив се повторното отворање на Ормускиот теснец и нуклеарното збогатување на Иран.
Што велат аналитичарите од Блумберг...
„Главните берзански индекси во Азија бележат уште една силна сесија, при што инвеститорите повторно го насочуваат фокусот кон профитниот потенцијал на водечките компании, додека војната во Иран се повлекува во втор план. Дополнително, тензијата меѓу краткорочните инфлациски притисоци и среднорочните ризици за економскиот раст ги држи приносните криви на обврзниците во рамнотежа, што е уште еден позитивен сигнал за акциите.“
— Марк Кренфилд, МЛИВ.
На други пазари, златото порасна за 0,6 отсто на околу 4.820 долари за унца, додека среброто скокна за 1,5 отсто на околу 80 долари за унца. Американските државни обврзници зајакнаа, при што приносот на референтните 10-годишни обврзници се намали за еден базичен поен на 4,27 отсто, бидејќи пониските цени на нафтата ги ублажија стравувањата од побрза инфлација.
Австралискиот долар се искачи на највисоко ниво од јуни 2022 година, во услови на општа слабост на американската валута. Јенот зајакна откако водечкиот јапонски функционер за девизна политика Ацуши Мимура изјави дека Јапонија и САД потврдиле дека ќе соработуваат во областа на девизните пазари. Акциите во Кина ги задржаа добивките откако извештај покажа дека економскиот раст во првиот квартал закрепнал повеќе од очекуваното.
„Пазарите едноставно се враќаат на предвоените текови и позиционирање, бидејќи го оставија конфликтот зад себе и продолжуваат понатаму, иако тој не е целосно решен“, изјави Метју Хаупт, портфолио менаџер во „Вилсон“ (Wilson Asset Management). „Оттука, потребни се нови вести за понатамошен раст, бидејќи овој системски бран на купување во голема мера веќе е завршен.“
Перспективата за обновени преговори помогна да се одржи поширок „risk-on“ тон на пазарите. Акциите на пазарите во развој ги продолжија добивките, при што MSCI Emerging Markets Index порасна за 1 отсто во четвртокот.
Референтните индекси во Сингапур и Тајван, како и кинескиот CSI 300 Index и MSCI Latin America Index, целосно ги надоместија загубите по нападите на САД и Израел врз Иран. Во меѓувреме, Тајван ја надмина Велика Британија по пазарна вредност, бидејќи технолошките компании повторно го вратија интересот на инвеститорите.
Историјата на геополитичките кризи покажува дека ваквите настани „се претвораат во одлични можности за купување“, изјави Ед Јардени од „Јардени рисрч“ (Yardeni Research). „Тоа е ситуацијата во која се наоѓаме во моментов.“
Корпорациски вести:
Администрацијата на Трамп сака автомобилските компании и другите американски производители да имаат поголема улога во производството на оружје. Високи одбранбени претставници веќе разговарале со извршните директори на компании како „Џенерал моторс“ (General Motors) и „Форд“ (Ford) за производство на оружје и воена опрема, објави „Волстрит џурнал“.
Четири од шесте најголеми банки во САД го намалија бројот на вработени во првите три месеци од годината, при што „Велс Фарго“ (Wells Fargo & Co.) предничи со повеќе од 4.000 отпуштања, додека „ЏП Морган“ (JPMorgan Chase & Co.) и „Морган Стенли“ (Morgan Stanley) го зголемија бројот на вработени.
„ЦАТ“ (Contemporary Amperex Technology Co.) планира да го прошири своето присуство во секторот на критични минерали и да ја зајакне безбедноста на синџирите на снабдување.
Некои од главните движења на пазарите:
Акции
- S&P 500 фјучерсите пораснаа за 0,1 отсто заклучно со 14:01 часот по токиско време
- Nikkei 225 фјучерсите (OSE) пораснаа за 2 отсто
- Јапонскиот Topix порасна за 1,1 отсто
- Австралискиот S&P/ASX 200 падна за 0,4 отсто
- Хонгконшкиот Hang Seng порасна за 1,3 отсто
- Shanghai Composite порасна за 0,5 отсто
- Euro Stoxx 50 фјучерсите пораснаа за 0,2 отсто
Валути
- Bloomberg Dollar Spot Index беше речиси непроменет
- Еврото беше речиси непроменето на 1,1809 долари
- Јапонскиот јен порасна за 0,2 отсто на 158,73 за долар
- Офшор јуанот беше речиси непроменет на 6,8153 за долар
Криптовалути
- Биткоинот беше речиси непроменет на 74.926,9 долари
- Етерот падна за 0,4 отсто на 2.352,85 долари
Обврзници
- Приносот на 10-годишните американски обврзници се намали за еден базичен поен на 4,27 отсто
- Приносот на 10-годишните јапонски обврзници беше речиси непроменет на 2,410 отсто
- Приносот на 10-годишните австралиски обврзници порасна за три базични поени на 4,96 отсто
Суровини
- Вест Тексас нафтата порасна за 0,5 отсто на 91,77 долари за барел
- Спот цената на златото порасна за 0,9 отсто на 4.833,48 долари за унца