text size
Да не се разбереме погрешно поради насловот на овој текст: не значи дека како македонско физичко или правно лице нема да може да купите акции откако „Спејс екс“ (SpaceX), компанијата на Илон Маск за ракети, сателити и вештачка интелигенција, ќе почне да котира на берза. Секако дека како кој било инвеститор слободно ќе може да си купите акции откако ќе се случи најголемата јавна иницијална понуда во историјата или ИПО (од Initial Public Offering – IPO), за која, патем, сѐ уште не се знае точното време - процените се дека ќе биде некаде во јуни. Меѓутоа, да се стекнете со акции на компанијата пред тие да се појават на т.н. секундарен пазар кога цената може и веднаш вртоглаво да скокне? Шансите да го направите тоа од Македонија се минимални, да не кажеме никакви. Сега ќе објасниме зошто е тешко да бидете меѓу првите акционери на компанијата чија вредност се проценува на 1,75-2,0 билиони долари во моментов, а ИПО-то се очекува да собере околу 75 милијарди долари.