text size
Волстрит е сè повеќе загрижен поради вложувањата на големите технолошки компании во вештачката интелигенција (ВИ), кои се мерат во стотици милијарди долари, и тоа во момент кога повторното разгорување на војната со Иран ги влошува изгледите за светската економија.
Акциите на компаниите од групата Величествени седум во четвртокот го забележаа најголемиот еднодневен пад од распродажбата предизвикана од царините, објавени во април 2025 година. Индексот на оваа група падна за 4,8 проценти, со што беа избришани 797 милијарди долари од нивната пазарна вредност. Индексот S&P 500 падна за 1,2 проценти, додека технолошкиот Nasdaq 100 ослабе за 1,9 проценти.
Повод беа деловните резултати на компаниите „Алфабет“ (Alphabet) и „Тесла“ (Tesla), објавени по затворањето на берзата во средата, кои ги вознемирија инвеститорите и ја доведоа во прашање одржливоста на бумот на вештачката интелигенција, кој веќе повеќе од три години го поттикнува растот на акциите. „Алфабет“ ја зголеми проекцијата за капиталните инвестиции за оваа година на дури 205 милијарди долари, додека извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск, им порача на инвеститорите дека 2026 година ќе биде „година на огромни капитални инвестиции“, откако производителот на електрични возила пријави значително послаба добивка од очекуваната.
Прочитај повеќе
Повторно се враќа основниот макроекономски ризик
Растечките цени на нафтата и растечката нестабилност на инфлацијата ја зголемуваат неизвесноста на финансиските пазари.
пред 14 часа
Акцијата на „Тесла“ е на пресвртна точка, велат аналитичарите
Аналитичарите ги чекаат резултатите од бизнисите на компанијата поврзани со вештачката интелигенција
22.07.2026
Светска ранг-листа на акциските пазари - каде заработија инвеститорите, а каде изгубија?
Најголем пад имаше Jakarta Composite Index во Индонезија, кој изгуби речиси 29 проценти.
22.07.2026
Сигнали за нови турбуленции: Инвеститорите се штитат од ризици
Берзанскиот оптимизам почнува да се ниша. Инвеститорите сè повеќе купуваат заштита од можни падови...
20.07.2026
Како Федералните резерви би можеле да ја спасат берзата во следната финансиска криза?
Иако во моментов тоа не е дел од мандатот на американската централна банка, аналитичарите на „Блумберг интелиџенс“ веруваат дека американскиот финансиски систем фундаментално се променил.
21.07.2026
Bloomberg
„Вистинскиот проблем е обемот на трошењето“, изјави Кен Махони, извршен директор на инвестициската компанија МАМ (Mahoney Asset Management). „Никој не знае колкав ќе биде повратот на тие инвестиции.“
Неповолното макроекономско опкружување, вклучително и растот на цените на нафтата поради заострувањето на конфликтот со Иран, дополнително врши притисок врз технолошките акции, додаде тој.
„Ова е совршена бура“, оцени Махони.
Под притисок се најдоа и акциите на производителите на чипови. Индексот Philadelphia Semiconductor Index – SOX падна за 0,5 проценти. Тоа е секторот кој најмногу профитира од вложувањата во вештачката интелигенција, па индексот од почетокот на годината и понатаму е во плус од повеќе од 70 проценти. Сепак, тргувањето стана значително понестабилно - во последните два месеца само пет трговски денови поминаа без осцилации поголеми од еден процент.
До распродажбата дојде во момент кога инвеститорите стануваат сè повнимателни поради огромните износи што најголемите технолошки компании ги вложуваат во развојот на инфраструктурата за вештачка интелигенција. Индексот на Величествените седум сега е за околу 11 проценти под рекордното ниво достигнато кон крајот на мај, со што се избришани околу 2.000 милијарди долари од пазарната вредност.
Резултатите објавени во средата дополнително ги засилија тие стравувања. Иако резултатите на „Алфабет“ се охрабрувачки, со силен раст на работењето во областа на технологиите во облак, предвидените капитални инвестиции беа поголеми од она што го очекуваше пазарот, иако компанијата уште на почетокот на јуни најави дека ќе ги зголеми преку прибирање дополнителен капитал. Во вториот квартал „Алфабет“ потроши 45 милијарди долари, поради што за првпат од излегувањето на берзата забележа негативен паричен тек.
„Тоа покажува дека ризикот од инвестирање во акциите на компанијата сега е значително поголем отколку порано, кога 'Алфабет' беше машина за генерирање кеш“, изјави Џејсон Лемир, директор за инвестиции во компанијата БВП (Bold Wealth Partners).
Во меѓувреме, Маск порача дека „Тесла“ треба што е можно побрзо да ги зголемува капиталните инвестиции, но без прекумерно расфрлање со пари.
Bloomberg
Акциите на „Тесла“ во четвртокот паднаа за 15 проценти, што е нивниот најлош ден од март 2025 година, додека „Алфабет“ ослабе за 7,1 процент, забележувајќи го најголемиот пад од мај 2025 година. Паднаа и акциите на другите компании што вложуваат големи суми пари во вештачката интелигенција - „Мајкрософт“ загуби 2,2 проценти, „Амазон“ 4,6 проценти, а „Мета“ 3,4 проценти. Сите три компании ги објавуваат своите резултати следната недела.
Иако сите членки на Величествените седум го завршија тргувањето во минус, „Епл“ претрпе најмал пад. Производителот на ајфони во најголем дел остана настрана од натпреварот со огромните вложувања во вештачката интелигенција, што инвеститорите во последно време го наградија. Неговите акции пораснаа за 11 проценти овој месец и за 18 проценти од почетокот на годината.
Што се однесува до остатокот од групата, ризиците што ја поттикнуваат распродажбата се реални и инвеститорите мора внимателно да ги следат. Со години Волстрит ги поздравуваше големите вложувања во вештачката интелигенција, зголемувајќи ги цените на акциите по секоја нова објава. Меѓутоа, расположението се промени и компаниите сега се казнувани на пазарот доколку тие инвестиции не носат поопипливи резултати.
„Овие компании некогаш имаа најздрави биланси во историјата на американскиот бизнис, а сега имаат високо учество на фиксни средства и се поставува прашањето за повратот на инвестицијата“, рече Лемир. „Тоа претставува голема промена во начинот на кој инвеститорите гледаат на овие компании, и тоа пред воопшто да го поставиме прашањето за недоволната транспарентност во однос на нивните идни обврски по основ на долг.“