Чангпенг Жао долго време негуваше имиџ на груб боксер во светот на криптовалутите.
Кога криптоимперијата на неговиот ривал Сем Банкмен-Фрид се распадна пред една година, Жао или CZ, како што го нарекуваат неговите обожаватели, беше во средината на сето тоа, ги собираше парите на многу јавен начин и помогна да се активира фаталното бегство од компаниите. Со години тој тврдеше дека седиштето на компанијата е каде и да се наоѓа самиот, тенко прикриен потсмев против регулаторите што се обидуваа да ја прецизираат јурисдикцијата. И овој март, кога американските регулатори ги обвинија Жао и неговата фирма, „Бајненс холдингс“ (Binance Holdings), за прекршување на американските закони за хартии од вредност, неговиот онлајн одговор беше „4“, што е код на Жао за отфрлање на нешто како недостојно за неговото внимание.
Меѓутоа, во вторникот, Жао остави многу поинаква слика во судницата во Сиетл. Облечен во темен костум и бледосина вратоврска, пред сојузниот судија тој се изјасни за виновен по кривичните пријави за прекршување на правилата против перење пари и прекршување на американските санкции, вклучувајќи и дозволување трансакции со Хамас и со други терористички групи, врз основа на опсежниот договор со Министерството за правда, дизајниран да ја задржи најголемата криптоберза функционална. „Бајненс“ како субјект се согласи да се изјасни за виновен по кривичните пријави и да плати над 4 милијарди долари во глоби. Жао се повлече од функцијата извршен директор и ќе плати казна од 50 милиони долари.
Прочитај повеќе
„Бајненс“ и регулаторот во САД бараат решение за да се избегне замрзнување на имотот
„Бајненс“ и Комисијата за хартии од вредност на САД се согласија да работат на договор со кој ќе се избегне замрзнување на средствата на платформата.
14.06.2023
Тужбата за „Бајненс“ во САД пука директно во срцето на болниот криптосектор
Тужбата против криптоберзата „Бајненс“ и нејзиниот шеф Чангпенг Жао внесува нова несигурност во секторот.
06.06.2023
Случајот со „Бајненс“ ги плаши трговските фирми во САД
Случајот со главниот американски регулатор против „Бајненс“ расте многу подалеку од компанијата на Чангпенг Жао.
29.03.2023
Американски регулатор ја тужи „Бајненс“, најголемата криптоберза во светот
„Бајненс“, најголемата криптоберза во светот, е тужена од страна на американската Комисија за тргување со фјучерси на стоки (CFTC).
28.03.2023
„Бајненс“ дозволила трансакции од ИСИС, Ал каеда и од Хамас
„Бајненс“ и извршниот директор Чангпенг Жао се изјаснија за виновни по кривичната пријава во вторникот.
23.11.2023
Прочитајте повеќе: „Бајненс“ дозволила трансакции од ИСИС, Ал Каеда и Хамас
Капитулацијата на Жао на многу начини е кулминација на повеќегодишната мрежа на меѓународните регулатори што се обидува да ја зауздат и да наметнат регулативи за „Бајненс“.
Згора на тоа, ова е вторпат за помалку од една година криптоуниверзумот, кој сè уште е под товар од падот што збриша околу 2 трилиона долари од вредноста на пазарот, да загуби една од своите најголеми ѕвезди. Банкмен-Фрид можеби беше најпознатото име во криптосферата, но Жао, со вредност од речиси 100 милијарди долари во неговиот зенит на почетокот на 2022 година, беше најбогатиот и најмоќен.
„Ова е голема работа“, рече Мајкл Росен, главен инвестициски директор во „Енџелс инвестментс“ (Angeles Investments). „Угледот на Жао му помагаше, но на крајот го повреди“, претворајќи го во голема цел за властите.
Ричард Тенг, државен службеник што прерасна во директор во криптосферата, го наследи Жао.
Бајненс коинот (Binance Coin), криптовалута позната и како BNB, која е главниот трансакциски токен на берзата, падна за повеќе од 8 отсто во вторникот.
Жао одигра клучна улога во внесувањето на криптовалутите во мејнстримот. Тој го изгради „Бајненс“ како вистинска сила, која во еден момент контролираше речиси две третини од самото тргување преку централизирани берзи - привлекувајќи притоа контрола од регулаторите и агенциите за спроведување законот низ светот.
Заминувањето на можеби најпознатиот преостанат актер во криптосферата доаѓа додека индустријата се обидува да ја остави зад себе својата репутација за скандали, измами и други незаконски активности. Неколку претприемачи поврзани со таа ера, од Банкмен-Фрид до До Квон и Алекс Машински, или се во затвор или се обвинети за наводни криминали што доведоа до загуби од повеќе милијарди долари.
Жао се соочува дури со 10 години затвор, но се очекува да добие до 18 месеци според договорот за признавање вина што се чини дека го спаси од строгите казни со кои се соочија другите истакнати криптокриминалци. Одделот за правда сè уште не одлучил колкава затворската казна ќе бара за него.
Роден во Кина, Жао се преселил во Ванкувер кога имал 12 години и станал канадски државјанин. Со диплома за компјутерски науки од универзитетот „Мекгил“, тој започна кариера со градење трговски системи, вклучувајќи и престој во „Блумберг ЛП“ (Bloomberg LP), матичната компанија на „Блумберг њуз“ (Bloomberg News).
Во 2013 година Жао водел сопствена софтверска компанија во Шангај кога го открил биткоинот преку играње покер. По ангажманите во криптофирмите „Блокчејн инфо“ (Blockchain.info) и „ОК коин“ (OKCoin), тој ја основа „Бајненс“ во 2017 година заедно со главната маркетинг-директорка Ји Хе, со која има деца.
„Бајненс“ брзо се впушти во аквизиција со која се претвори во брокерско друштво, дигитален паричник, ризичен фонд, давател на податоци, пазар за дигитална уметност и издавач на токени - сето тоа под директна контрола на Жао.
Само за неколку години Жао беше најбогатата личност во криптосферата. Фаворизирајќи кратко потстрижување и црни маици „поло“ со логото на „Бајненс“, тој стана постојан учесник на криптоконференциите, поминувајќи, според неговите процени, 580 часа во авиони во 2022 година.
Недостигот од поделеност меѓу деловните активности, како што се услугите за чување и тргување, вообичаени меѓу криптоберзите, за разлика од традиционалните финансии - поттикна загриженост дека гигантските криптоберзи како „Бајненс“ може да претставуваат системски ризици.
Кога FTX на Банкмен-Фрид се распадна во ноември 2022 година, милијарди долари од средствата на клиентите беа заробени бидејќи берзата му позајмувала средства на хеџ-фондот што исто така беше под негова контролира, „Аламеда“ (Alameda Research), кој направи огромни губитнички облози. Самиот Жао помогна да се забрза пропаста на берзата FTX со објава на Твитер за продажба на резервите на „Бајненс“ од нејзиниот мајчин токен FTT, што предизвика стампедо за повлекување пари од FTX.
Банкмен-Фрид беше осуден за масовна измама на почетокот на ноември и ја чека пресудата. Тој се соочува со можност од децении минати во затвор.
„Бајненс“ и другите берзи тврдат дека не претставуваат сличен ризик бидејќи сите средства на нивните клиенти се чуваат одвоено и на тој начин се достапни за повлекување во секое време. Самиот Жао редовно го користи терминот SAFU во твитовите за да ги увери клиентите дека нивните средства се безбедни.
Додека Жао јавно покажа пркос поради обвиненијата, претставници од „Бајненс“ работеле со регулаторите зад сцената. Дури и официјалната изјава на Жао во март беше малку помека од неговиот твит „4“, велејќи дека фирмата бара „пријателски решенија“.
Твитот „4“ брзо стана омилен меѓу неговите онлајн хејтери во вторникот. Тоа всушност ја претставува, зајадливо пишуваа тие, казната од 4 милијарди долари што „Бајненс“ ќе треба да ја плати.