Купувањето американски финансиски средства од страна на странските инвеститори забрза во 2025 година, предводено од побарувачката за акции и американски државни обврзници, покажаа податоците објавени во средата, што претставува остар демант на наративот „продавај ја Америка“, кој стана честа тема во дискусиите меѓу учесниците на пазарите.
Според податоците што во средата ги објави Министерството за финансии на САД, странските инвеститори во 2025 година оствариле нето-купувања од 1,55 билион долари долгорочни американски финансиски средства. Тоа е зголемување во однос на нето-купувањата од 1,18 билион долари во претходната година. Од вкупниот износ, 658,5 милијарди долари биле вложени во акции, а 442,7 милијарди долари во државни записи и обврзници на САД.
Редовните закани на претседателот Доналд Трамп за остри зголемувања на царините, мотивирани од економски, геополитички и безбедносни причини, предизвикаа загриженост дека странските инвеститори би можеле да се повлечат од американските пазари и од доларот. Во услови на притисокот од Трамп врз Данска за островот Гренланд, еден дански пензиски фонд минатиот месец предупреди дека планира да се повлече од вложувањето во американски државни обврзници. Холандскиот пензиски фонд „Стичинг - АБП“ (Stichting Pensioenfonds ABP), најголемиот во Европа, лани значително ја намали својата изложеност.
Но секретарот за финансии на САД, Скот Бесент, редовно возвраќа на реториката „продавај ја Америка“, тврдејќи дека економските политики на администрацијата ја зајакнуваат позицијата на САД како водечка дестинација за глобалниот капитал.
„Да, во последно време има геополитичка нестабилност и поради тоа беше популарна стратегијата за продавање на доларот“, изјави Ендрју Хазлет, трговец со девизи во „Монекс“ (Monex Inc.). Но, на крајот, американските државни обврзници сочинуваат голем дел од државните должнички портфолија, посочи тој. „Не гледам сценарио во кое би се сменило тоа.“
Улогата на доларот
Падот на вредноста на доларот лани можеби дури охрабрил некои странски менаџери да ги зголемат вложувањата во американски хартии од вредност. Џеф Ју, макростратег во БНЈ (BNY), еден од најголемите светски чувари на средства, изјави во текот нај месецов дека токму тоа се случило по пазарните турбуленции предизвикани од најавата на Трамп за царини на т.н. „Ден на ослободувањето“ во април минатата година.
„Нашите податоци покажуваат дека прекуграничните инвеститори целосно ја искористија корекцијата на вреднувањето на доларот за да ја зголемат изложеноста кон американските акции“, напиша Ју во белешка минатата недела. „Иако распределбите не се толку силни како во периодот на ‘американскиот ексцепционализам’ од 2023 до 2024 година, прекуграничната ‘премија’ и натаму опстојува.“
Податоците на Министерството за финансии укажуваат дека многу странски менаџери биле подготвени да ги зголемат позициите во САД и минатата година. Освен акциите и државните обврзници, купувањето корпоративни обврзници изнесувало 327,8 милијарди долари. Хартиите од вредност издадени од „Фани Меј“ (Fannie Mae), „Фреди Мак“ (Freddie Mac) и други агенции изнесувале 112,9 милијарди долари.
Гледано по региони, Европа учествувала со 872,8 милијарди долари од приливот на средства во долгорочни финансиски инструменти дефинирани со рочност подолга од една година. Кајманските Острови купиле 277,2 милијарди долари, Јапонија 56 милијарди долари, а Канада 84,4 милијарди долари.
Кина продава
Министерството за финансии предупредува дека идентификувањето на крајното потекло на сопственоста може да биде сложено. Дел од најголемите нето-купувања потекнува од локации познати по даночни поволности, како Кајманските Острови и Гернзи, како и од земји со значајна улога во глобалните финансиски текови и чување средства, меѓу кои Обединетото Кралство и Белгија.
Кина беше значаен нето-продавач на долгорочни американски финансиски средства, во износ од 208,6 милијарди долари. Нејзините вложувања во американски државни обврзници ја завршија годината на 683,5 милијарди долари, што е најниско ниво од 2008 година.
Кинеските вложувања би можеле да се најдат под дополнително внимание откако извештај објавен во текот на месецов покажа дека регулаторите во Пекинг ги советувале финансиските институции да ги ограничат вложувањата во американски државни обврзници, поради загриженост за концентрациони ризици и пазарна нестабилност.
Само во декември странските вложувања во американски државни обврзници се намалиле за 88,4 милијарди долари, на 9,27 билиони долари, што е најниско ниво од октомври. Јапонија, најголемиот странски сопственик на американски државен долг, ја намалила својата изложеност за 17,2 милијарди долари, на 1,19 билион долари. Изложеноста на Обединетото Кралство се намалила за 23 милијарди долари, на 866 милијарди долари.