Секоја недела во која најголемата светска постројка за течен природен гас (LNG/ЛНГ) не работи, светот губи количина на енергија доволна да ги напојува домаќинствата во Сиднеј цела година.
Катарската постројка Рас Лафан беше затворена претходно овој месец по напад со ирански дрон – прв прекин во снабдувањето по три децении работа. Сега, по новите удари - како одмазда за израелски напад врз огромното поле Саут Парс во средата - поширокиот комплекс претрпе, според Катар, големи оштетувања, што може значително да го забави враќањето во нормала.
Ниту размерите на уништувањето, ниту обемот на потребните поправки не се познати, но со секој ден во кој постројката не функционира, енергетскиот притисок врз економиите ширум светот расте. За земјите во развој, кои се клучни пазари за раст, втора гасна криза во четири години би ја уништила индустриската побарувачка – можеби и неповратно.
Прочитај повеќе
Најголемиот извозен погон за гас во Катар е значително оштетен
Комплексот што го опфаќа најголемиот извозен погон за течен природен гас во светот претрпе „обемна штета“ по ирански напад, само неколку часа откако Техеран предупреди за закани кон енергетските капацитети низ Заливот.
пред 21 час
Зошто електричната енергија во Европа не го следи зголемувањето на цените на гасот
Европскиот пазар на електрична енергија се соочува со првиот сериозен геополитички тест од енергетската криза во 2022 година, но засега функционира без поголеми нарушувања.
пред 20 часа
Во кое сценарио е Македонија: новиот конфликт ги буди стравовите од 2022 година
Околу половина од испитаниците во анкетата што ја спроведе „Блумберг њуз“ сметаат дека изгледите за економскиот раст засега остануваат во голема мера непроменети, но за инфлацијата работите се потешки.
05.03.2026
Иран се заканува на енергетските капацитети во земјите од Заливот
Иран ги предупреди земјите од Заливот дека голем број енергетски капацитети сега се „легитимни цели“ откако Израел го нападна неговото огромно гасно поле „Јужен Парс“, предизвикувајќи потреси на пазарите за нафта и гас.
18.03.2026
Трите недели конфликт на Блискиот Исток го нарушија целиот синџир на снабдување со енергија. Бидејќи клучниот Ормуски теснец практично е затворен, цените на бензинот и авионското гориво остро растат, недостигот на гас за домаќинствата предизвикува тензии во Индија, а земјоделците стравуваат за дизелот и ѓубривата. Но без речиси никакви резервни капацитети, стратешки резерви или лесни алтернативи, ЛНГ станува една од најкритичните точки во растечката криза.
Колку подолго трае кризата, единственото решение е намалување на потрошувачката на гас - што претставува сериозен удар за горивото кое индустријата го промовира како сигурен и достапен мост за премин од јаглен кон обновливи извори. Без гас, електраните го намалуваат производството, а фабриките за ѓубрива и текстил се затвораат. Долгорочниот шок би можел да има уште поголеми последици од енергетската криза во 2022 година, кога руската инвазија врз Украина драматично ги промени тековите на гас.
„Веќе се движиме кон сценарио на гасна криза налик на судниот ден“, изјави Саул Кавоник од МСТ (MST Marquee). „Дури и кога војната ќе заврши, нарушувањата во снабдувањето со ЛНГ може да траат со месеци или години.“
Најнепосредниот ефект од кризата е тоа што речиси сигурно го избриша очекуваниот глобален вишок на гас оваа година. Иако САД го зголемуваат производството, нарушувањата на Блискиот Исток брзо ја пренасочуваат пазарната рамнотежа во дефицит. Прекин подолг од еден месец „брзо води до недостиг“, наведува „Морган Стенли“, а доколку трае три месеци, тоа би бил најголемиот шок во историјата на индустријата за ЛНГ.
„Јужна и Југоисточна Азија ќе бидат првите жртви“, изјави Тоби Копсон од ДЕ (Davenport Energy).
Недостигот веќе е видлив низ Азија, која купува четири петтини од катарскиот ЛНГ. Пакистан, кој 99 проценти од увозот на ЛНГ го добива од Катар, предупредува дека од средината на април можеби нема да има доволно гас за производство на електрична енергија. „Производството ќе опадне, извозот ќе се намали, а трошоците ќе растат. Индустријата е многу загрижена“, вели Амир Шеик од текстилниот сектор.
Истовремено, растот на цените ги принудува земјите да ги преиспитаат плановите за проширување на капацитетите. Еден танкер за Азија сега чини околу 80 милиони долари - повеќе од двојно во споредба со периодот пред војната. Виетнам и Филипините ги паузираа купувањата, додека Индија плаќа рекордни цени. Во теорија, тоа би можело да ѝ користи на зелената транзиција, но во пракса земјите повторно се враќаат на јагленот - најзагадувачкото фосилно гориво.
Долготраен прекин во Катар не би ги погодил само сиромашните земји. Доколку потрае шест месеци, и Европа и Азија би можеле да бидат принудени да ја намалат потрошувачката, особено во пресрет на зимата. Иако Европа и Кина ги диверзифицираа изворите по кризата во 2022 година, тоа не е доволно за шок како затворањето на Ормускиот теснец и катарските капацитети.
Проблемот е и во структурата на пазарот: ЛНГ функционира преку долгорочни договори и испораки „точно на време“, без големи залихи. Кога системот функционира, тоа не е проблем - но кога ќе откаже, веќе е доцна.
Ормускиот теснец и натаму е нефункционален
Bloomberg
„Сè уште е рано да се процени дали оваа криза ќе ги надмине претходните“, изјави Јукио Кани, извршен директор во „Џера“ (Jera Co).
Во меѓувреме, земји како Тајван и Јужна Кореја брзаат да обезбедат снабдување, додека индустријата предупредува дека летото ќе донесе дополнителен притисок. „На крајот ќе мора да ја ограничиме побарувачката бидејќи нема доволно гас“, изјави Франциско Бланш од „Банка на Америка“.
Кризата веќе ја менува индустријата - затворањето на фабрики во Европа повеќекратно се зголеми од 2022 година, а инвестициите нагло опаднаа. Во исто време, некои добиваат: САД и Австралија преземаат дел од побарувачката, додека Русија ги зголемува испораките кон Кина. Европа и Азија сега ризикуваат да влезат во директна конкуренција за ограничени количини гас, што може да предизвика нов скок на цените.
„Богатите земји можат да продолжат да наддаваат. Сиромашните остануваат без гас“, вели Менелаос Идреос од Меѓународната унија за гас. „Она што е изгубено преку Ормускиот теснец не може да се надомести.“