ПОЛИТИКА
Макрон: Ќе останам претседател до крајот на мандатот
Францускиот претседател Емануел Макрон во обраќањето до нацијата порача дека ќе остане на таа функција до крајот на мандатот, во обид брзо да ги запре политичките превирања во Франција. Макрон изјави и дека во наредните денови ќе именува нов премиер, кој, како што вели, ќе има задача да формира влада од општ интерес.
Неговото обраќање следуваше само еден ден откако премиерот Мишел Барние беше сменет од функцијата, при гласањето недоверба на владата, кое го поддржаа крајната десница и левицата. Повод за гласањето беше спорниот буџет на Барние, кој предвидуваше големо намалување на потрошувачката, но и зголемување на даноците.
Повеќе детали открива новинарот на „Блумберг“ Стивен Керол од Париз.
Ле Пен: Буџетот е можен во наредните недели
Лидерката на француската крајна десница Марин Ле Пен во интервју за „Блумберг“ изјави дека буџетот може да биде доставен за неколку недели под услов новиот премиер да биде подготвен побавно да го намали дефицитот. Нејзината партија имаше најголем број пратеници во владата на која ѝ беше изгласана недоверба. Таа, покрај намалувањето на дефицитот, побара и пензиите да се усогласат со инфлацијата.
КОМПАНИИ
xAI на Маск собра шест милијарди долари
На корпоративен план, компанијата за развој на вештачка интелигенција „Екс еј-ај“ (xAI), во сопственост на американскиот милијардер Илон Маск, собра шест милијарди долари нов капитал, според регулаторниот поднесок. Со тоа заврши кругот на финансирање што се подготвуваше со месеци, додека вредноста на компанијата надмина 40 милијарди долари. Во последниот круг на финансирање учествуваа 97 инвеститори, од кои секој вложи најмалку 78 илјади долари.
БЕРЗИ
Европа
Фјучерсите на европските акции се тргуваат во зелено, пред објавувањето на податоците за БДП на еврозоната за третиот квартал. Економистите на „Блумберг“ очекуваат дека економијата на еврозоната пораснала за 0,9 отсто на годишно ниво, по растот од 0,6 отсто во вториот квартал. Потсетуваме, европските берзи вчерашното тргување го завршија со добивки. Во фокусот и натаму се француските пазари на капитал, откако владата на премиерот Мишел Барние падна на парламентарното гласање за недоверба.
САД
Истовремено, фјучерсите на американските акции се тргуваат мешано, додека инвеститорите го чекаат објавувањето на најновите податоци од пазарот на трудот. Пред извештајот за платните списоци, одделни податоци покажаа дека бројот на барања за надоместоци за невработеност минатата недела се зголемил на највисоко ниво во последниот месец. Економистите на „Блумберг“ проценуваат дека во американската економија во ноември се отворени 220.000 нови работни места, додека стапката на невработеност останала непроменета, на 4,1 отсто.
Азија
Кога станува збор за акциите во азиско-пацифичкиот регион, тие се колебаат помеѓу добивки и загуби. Акциите во Јапонија, Јужна Кореја и во Австралија се тргуваат со загуби, додека во континентална Кина и Хонгконг бележат раст на вредноста. Кинескиот референтен индекс CSI 300 порасна за 1,9 отсто, што е знак дека инвеститорите се позиционираат за потенцијални нови мерки за економска поддршка.
НАФТА
Нафтата се стабилизира по одлуката на ОПЕК+ да го одложи зголемувањето на производството за уште три месеци. Брентот се тргуваше близу 72 долара, а цената по затворањето во четвртокот беше пониска за 0,3 отсто, додека ВТИ (West Texas Intermediate) беше нешто над 68 долари. ОПЕК и неговите сојузници го одложија зголемувањето на резервите по третпат и одлучија да почнат со скромно зголемување дури во април, наместо во јануари, како што се очекуваше.