Сан Франциско е градот што е најдобро подготвен за иднината на урбаната мобилност, покажуваат најновите проценки.
Прифаќањето електрични возила и други високотехнолошки иновации во градот ја надмина неговата зависност од приватни автомобили, што на крајот му го донесе првото место во рангирањето на 70 глобални града од страна на консултантската фирма „Оливер Вајман форум“ (Oliver Wyman Forum) и универзитетот „Беркли“, Калифорнија.
Истражувачите разгледувале десетици фактори, како што се проодноста, квалитетот на воздухот и користењето автобуси со нулта емисии, за да создадат индекс на подготвеност за урбана мобилност што анализира колку добро луѓето и производите можат да се движат низ градот и до околните населени центри.
Другите градови во првите пет, вклучувајќи ги Париз, Минхен и Амстердам, имаат робусни системи за јавен превоз и силни универзитети што успешно соработуваат со приватниот сектор. Сингапур, кој се најде на третото место, го продолжи својот даночен поттик за рано прифаќање електрични возила до 2025 година и може да се пофали со некои од најбезбедните патишта во светот, со малку патни несреќи и низок сообраќај.
Анализата вклучува посебни индекси за одржливост, јавен превоз и технологија. Со Хелсинки на врвот на индексот на одржлива мобилност, зелените напори во Европа изгледа дека се исплателе. Хонгконг е единствениот град во топ 10 на таа категорија што се наоѓа надвор од Стариот Континент. Во меѓувреме Сингапур се рангира како прв во јавниот превоз.
Оцената на градот се составува врз основа на 71 различен показател што истражувачите ги дефинираат секоја година. Годинава иновациите во технологијата како користењето вештачка интелигенција и авијација имаат поголемо влијание врз мобилноста на градовите отколку во 2019 година, кога започна оваа анализа.
„Сметавме дека годинава е навистина важно да се даде поголема тежина на технологијата во светло на зголемениот број автоматизирани возила во урбаната средина и, на малку подолг временски период, порастот на електрични вертикални полетувања и слетувања (e-VTOL), како нова парадигма во мобилноста“, рече Александар Бајен, професор по електротехника и компјутерски науки на „Беркли“.
Фокусот на технологијата и иновациите годинава ги помести оцените во корист на американските градови, кои се претставија добро и покрај заостанувањето во јавниот превоз и инфраструктурата за велосипеди и пешаци. Сан Франциско, кој се најде на 24-то место во јавен превоз и 18-то во одржлива мобилност, доби поени за прифаќањето електрични возила и инфраструктурата што ја поставува за воздушни таксија. Слично, Њујорк се искачи на осмото место од 12-то минатата година, а Бостон и Лос Анџелес се најдоа во топ 15.