Иако живееме во земјата на сонцето, за жал, сè почесто го гледаме низ облаци чад или смог. Македонија е држава која изобилува со планини и шуми, ама немо сведочиме на нивното уништување. Лошиот амбиентален воздух стана секојдневие не само во зимските денови кога сме меѓу најзагадените точки на планетата, туку и на лето. Не горат веќе само шуми, туку и депонии, а викендов главниот град живееше под густ црн чад поради пожарот во фабриката за електронски отпад. Откако цел ден го подишавме тоа (некој повеќе, некој помалку), како и вообичаено, се донесоа интервентни мерки како ад хок решенија за справување со еколошката криза, што инаку нема да промени ништо во системот, во општеството. И врз база на досегашното искуство, веројатно на тоа и ќе остане. До некоја следна еколошка криза. А, за жал, тие сè почесто ни се случуваат. Конкретен виновник нема. Сите сме виновници: кој поради чинење, кој поради несторување, кој поради апатичност... Уште една лекција за учење, со надеж дека конечно секој од нас ќе се свести, ќе научи нешто и ќе преземе акција. Акција за сопственото здравје, акција за поколенијата.
Добро утро. Нема ништо поважно од здравјето. Ова се само вести кои инаку би требало да се знаат.
Преглед на берзите: Се чека одлука од Фед, додека ЕЦБ стисна пауза
Сите очи се вперени во следните чекори на Фед. Релативно пригушената инфлација во комбинација со знаци за забавување на растот на вработеноста, го поттикна Волстрит бидејќи растат очекувањата дека Фед за прв пат оваа година ќе ги намали каматните стапки.
Индексот S&P постави рекорд минатата недела и во петокот заврши за 0,05 проценти пониско во споредба со претходниот ден, а за 1,59 проценти повисоко на неделно ниво. Индексот Nasdaq доби 0,44 проценти на дневна основа, односно повеќе од два отсто на неделно ниво. Dow Jones, пак, порасна за 0,59 проценти на дневна основа и остана во зелената зона на неделно ниво (+0,95 проценти).
Фоторобот на „совршениот“ македонски инвеститор – како „играл“ на берзите?
Редовно и агресивно купувал од блу-чиповите на македонскиот пазар изминативе десетина години, но одвоил и еден мал дел од своите пари за да купи биткоин или етереум. За време на ковид-кризата останал мирен, не паничел и не продавал, туку и си ги зајакнувал позициите додека владееше општ хаос во светот. Откако македонските инвеститори добија законска можност директно да вложуваат на странските берзи пред неколку години, почнал дел од своето портфолио да го пренесува надвор. Тоа го прави со свежи пари, не продавајќи ги позициите на Македонската берза. Со паметна селекција на странските пазари купува во „Тесла“, „Енвидија“, „Мајкрософт“ и останатите од „величествената седумка“. Од пред година дена, почнува да ги намалува позициите во домашни компании и ги пренасочува тие пари во ЕТФ-и со злато.
Анализираме како отприлика „играл“ на берзите „совршениот“ македонски инвеститор изминативе 10-15 години.
Германската фабрика за автомобили на „Тесла“ ќе го зголеми производството
Германската фабрика на „Тесла“ ќе произведува повеќе електрични возила од претходно планираното поради „многу добри бројки за продажба“, изјави менаџерот на фабриката Андре Тириг за германската новинска агенција ДПА.
Оптимистичките коментари се во спротивност со неодамнешните бројки за продажба. Регистрациите на нови возила на „Тесла“ минатиот месец во Германија се намалија за 39 проценти, а во периодот од јануари до август годинава паднаа за 56 отсто. Производителот на автомобили предводен од Илон Маск, објави голем пад на продажбата во август и во Франција, Белгија, Данска и Шведска.
Полска активира аларми и борбени авиони поради закана од руски беспилотни летала
Полска по втор пат неделава распореди авиони на воздухопловните сили, ги предупреди жителите и го затвори аеродромот во Лублин во близина на украинската граница поради беспилотни летала што летаат во воздушниот простор на својот сосед, соопшти нејзината Оперативна команда во објава на мрежата X.
Одделно, романски борбени авиони беа лансирани додека Русија ја нападна украинската територија во близина на заедничката граница на двете земји близу реката Дунав. Беше откриено беспилотно летало во воздушниот простор на Романија, соопшти тамошното Министерството за одбрана.
Трамп поддржува нови санкции, ама кога НАТО ќе престане да купува руска нафта
Американскиот претседател Доналд Трамп, еден ден откако изјави дека го губи трпението со рускиот претседател Владимир Путин поради војната во Украина, изјави дека е подготвен да воведе „големи“ санкции врз руската нафта доколку земјите од НАТО го сторат истото.
Многу европски земји намалија или престанаа да купуваат руска нафта, но неколку сојузници на НАТО - вклучувајќи ја и Унгарија - ги блокираа построгите предлози на Европската Унија насочени кон енергетскиот сектор на Русија.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...