Американскиот претседател Доналд Трамп го обвини украинскиот лидер Володимир Зеленски како главна пречка за постигнување договор за прекин на војната што Русија ја започна против неговата земја пред четири години.
Трамп, во интервју за „Ројтерс“ (Reuters) го опиша рускиот претседател Владимир Путин како „подготвен да склучи договор“, објави „Ројтерс“. Кога беше прашан што го попречува договорот, Трамп одговори: „Зеленски“, соопшти „Ројтерс“.
Добро утро, еве ги останатите важни вести за почеток на денот.
Климатските промени удираат по цените на имотите – во Македонија за жал, ништо
„Зилоу“ (Zillow), најголемата американска онлајн платформа за станбени недвижности, неодамна ја отстрани од сајтот алатката што им овозможуваше на потенцијалните купувачи да ја проверат изложеноста на секоја куќа кон ризикот од климатските промени. Од компанијата објасниле дека тоа го сториле поради поплаките од секторот за недвижности, но и од сопствениците на излистаните куќи дека алатката всушност им штети на продажбите.
Алатката го покажува степенот на ризик од пожари, поплави, екстремни жештини, урагани и торнада, како и од загаден воздух, за секој објект огласен на платформата. Објаснувањето беше дека „климатските ризици сега се клучен фактор при донесувањето одлуки за купување нов дом за многу Американци“.
Ако не купите ништо друго, колку плати ви се потребни за стан во земјава?
Растот на цената на становите далеку го надминува растот на платите. Последниот достапен податок за просечната плата на државно ниво покажува дека номинално заклучно со октомври таа пораснала за 9,8 отсто на годишно ниво. Но растот на цените на недвижностите на годишно ниво во 2025 година надминува 20 отсто.
Во октомври просечната плата изнесуваше 45.943 денари, а таа не стигнува ни за половина квадрат во некои од атрактивните скопски општини. Читајте ја нашата анализа.
Веќе е изгор, а климата го загорчува: Колку ќе чини кафето во 2026?
Минатата година беше рекордна за цените на кафето. По временските непогоди коишто започнаа со суша, па следуваа обилни дождови, драстично намалувајќи го родот, на крај се додадоа и царински давачки.
Цените на зрната кафе арабика достигнаа нов рекорд во октомври откако американските „казнени“ царини го погодија најголемиот извозник на кафе во светот, Бразил. Како и на други места во светот, временските услови стануваат сè понепредвидливи и влијаат на жетвите, додека американските царини го зголемуваат притисокот. Анализираме како ќе се движи цената на кафето годинава.
Среброто достигна рекорд, златото на 10 долари од нов врв
Цената на среброто првпат се искачи над 90 долари за унца, додека златото се приближи до рекордни височини, поради серијата напади врз Федералните резерви (Фед), очекувањето за понатамошни намалувања на каматните стапки во САД и напнатата геополитичка ситуација.
Цената на среброто вчера скокна дури за 5,3 отсто и достигна 91,55 долари за унца. Благородните метали бележат силен почеток на годината, продолжувајќи со драматичниот раст од 2025 година.
Сојузниците на Русија се жалат дека Путин изостанал во клучниот момент
Додека рускиот претседател Владимир Путин го насочува своето внимание кон војната во Украина, неговите стратешки сојузници низ светот се чувствуваат запоставено - или уште полошо.
Во Венецуела официјални лица сега сметаат дека нивниот долгогодишен безбедносен однос со Москва бил само привид. И тие не се единствени. Од Дамаск и Техеран до Хавана, во изминатите 13 месеци авторитарните режими што претходно имаа корист од блиските врски со Кремљ се соочија со недостиг од руска поддршка токму кога им беше најпотребна.