Рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека неговите сили би можеле да ги нападнат „центрите за одлучување“ во украинската престолнина Киев со нови балистички ракети, како одмазда за нападите врз Русија со западни проектили.
„Министерството за одбрана и Генералштабот избираат цели за напад на украинска територија“, рече Путин за време на регионален безбедносен состанок во главниот град на Казахстан, Астана, во четвртокот. „Тоа би можело да бидат воени објекти, претпријатија од одбранбената индустрија или центри за одлучување во Киев“.
Русија изјави дека ќе возврати за неодамнешните украински напади со американски ракети со долг дострел АТАЦМС (ATACMS) и британски „сторм шедоу“ (Storm Shadow) , додека речиси тригодишната војна во Украина продолжува да ескалира.
Прочитај повеќе
Русија употребила интерконтинентална ракета за напад во Украина
Русија лансира интерконтинентална балистичка ракета кон централниот украински град Днепар, според командата на воздушните сили на Украина.
21.11.2024
Украина за првпат ја нападна Русија со американски проектили
Украинските сили, наводно, го извршиле својот прв напад врз пограничен регион во Русија користејќи ракети испорачани од Западoт.
19.11.2024
Минатата недела САД дозволија Киев да нападне руска територија со оружје обезбедено од Вашингтон за првпат од почетокот на инвазијата на Москва во февруари 2022 година.
Русија како одговор лансира експериментална балистичка ракета со среден дострел, која е способна да носи нуклеарна боева глава. Путин подоцна изјави дека неговите сили можат повторно да истрелаат нова ракета.
Одлуките на Лондон и Вашингтон да дозволат напади, кои Киев долго ги бараше, дојдоа како одговор на распоредувањето на севернокорејски трупи од страна на Кремљ за борба против Украина, според официјални лица од двете влади.
Минатата недела Путин исто така го намали прагот за користење на рускиот арсенал на атомско оружје, вклучувајќи и дозвола за нуклеарен одговор при „масовен“ конвенционален напад.
Во четвртокот наутро руските сили нападнаа енергетска инфраструктура низ Украина по 11-ти пат годинава, според операторот на електричната мрежа на земјата, што предизвика прекини на електричната енергија низ целата земја, вклучувајќи и во Киев. Тоа беше втора голема офанзива на Москва месецов, користејќи дронови и ракети.
Рускиот претседател изјави дека „орешник“, балистичката ракета што Русија ја истрела врз украинскиот град Днепар, може да ја реплицира силата на нуклеарна бомба ако се користи во големи количества. Тој рече дека Кремљ има неколку ракети од овој тип во својот арсенал.
„Ќе одговориме на тековните напади врз руската територија со западно произведени ракети со долг дострел, вклучувајќи и можност за продолжување на тестирањето на ’орешник’ во борбени услови“, рече Путин.