САД и Кина ги заокружија дводневните трговски разговори со високи влогови во план за оживување на протокот на чувствителни стоки - рамка која сега чека благослов од Доналд Трамп и Шји Џјинпинг.
По околу 20 часа преговори во Лондон, американскиот министер за трговија Хауард Лутник изјави дека двете страни воспоставиле рамка за спроведување на консензусот од Женева, со кој минатиот месец ги намалија царините. „Прво мораше да ја отстраниме присутната негативност“, рече тој. „Сега можеме да продолжиме напред за да се обидеме да оствариме позитивна трговија, растечка трговија.“
Завршувајќи ја маратонската рунда на пазарење што вчера траеше повеќе од 12 часа, Лутник рече дека Кинезите ветиле дека ќе ги забрзаат испораките на ретки земни метали кои се критични за американските автомобилски и одбранбени компании, додека Вашингтон ќе ги олесни некои од сопствените контроли на извозот - што укажува дека е постигнат напредок во две од најгорливите прашања во билатералните односи.
Прочитај повеќе

Трамп вели дека „Кина не е лесна“, продолжуваат трговските преговори
Втор ден од преговорите САД - Кина во Лондон денеска
10.06.2025

ЕУ гледа напредок во преговорите со Трамп и покрај зголемените царини
„Верувам дека можеме да постигнеме позитивен резултат“, рече Марош Шефчовиќ од ЕУ. „Но исто така сме подготвени и да направиме сè за да го избалансираме нашиот трговски однос“.
04.06.2025

Трамп доби пролонгирање на царините, но под прашање е неговата трговска агенда
Федералниот апелациски суд ја оспори пресудата на Судот за меѓународна трговија со која се блокираа царините на Трамп.
30.05.2025
Делегациите на САД и Кина ќе го однесат тој предлог назад до своите лидери, според главниот кинески преговарач за трговија Ли Ченганг. Преговорите беа „длабински и искрени“, изјави тој пред новинарите пред полноќ пред Ланкастер Хаус, вила во близина на Бакингемската палата, која служеше како место за состанокот оваа недела.
Иако позитивниот тон треба да ги смири инвеститорите кои се загрижени за раздвојувањето на најголемите економии во светот, деталите беа оскудни и договорот сè уште може да биде поништен од страна на врвните лидери. Разговорите, исто така, не придонесоа многу во решавање на проблемите, како што се огромниот трговски суфицит на Кина со САД и верувањето во Вашингтон дека Пекинг ги продава стоките на своите пазари.
Првичната реакција на пазарите на ваквата објава беше пригушена, при што американските фјучерси на акциите паднаа, а офшор јуанот малку се промени. Кинескиот офшор референтен показател за акциите утрово порасна за 0,9 проценти и е на пат кон најголем пораст од 14 мај, кратко време по договорот во Женева.
„Пазарите веројатно ќе го поздрават преминот од конфронтација кон координација“, рече Чару Чанана, главен инвестициски стратег во „Саксо маркетс“ (Saxo Markets). „Сè уште не сме надвор од опасност - од Трамп и Шји зависи дали ќе го одобрат и спроведат договорот.“
Состаноците во Лондон се одржаа во краток рок откако Трамп минатата недела разговараше со Шји за прв пат откако ја презеде функцијата, а во обид да го спречи заострувањето на врските поради тврдењата дека двете страни се откажале од Женевскиот договор. Американските претставници ја обвинија Кина за застој на извозот на магнети, додека претставниците на Трамп го налутија Пекинг со новите контроли врз софтверите за дизајн на чипови, млазните мотори и студентските визи.
Таа расправија ја покажа растечката улога на контролата на извозот во современата трговска војна, каде што пристапот до ретки метали или микрочипови може да ѝ даде на една економија предност пред конкурентот.
Европските трговски претставници и глобалните производители на автомобили, исто така, алармираа во последните недели за прекин на испораките од Кина кои се критични за борбените авиони и електричните возила.

Дозволувањето технологијата што е клучна за воениот напредок да стане адут на Пекинг за преговарање би означило големо отстапување за Вашингтон, кој ги оправдува таквите контроли на извозот со загриженост за националната безбедност. Исто така, би отворило врата за Кина да ја искористи својата доминација на ретките метали за да стави крај на понатамошните ограничувања за најсовремените чипови.
Отстапувањето на САД во поглед на контролите на извозот е „без преседан“, напиша на Линкдин Венди Катлер, поранешна високa американскa трговскa преговарачка, сега дел од Институтот за политика на азиското општество, истакнувајќи ја притоа кршливоста на сегашниот договор.
Потребни беа два дена за трите члена на американскиот кабинет и еден кинески вицепремиер да се вратат на почитувањето на Женевскиот договор, додаде таа. Тоа е „преглед“ за следните 60 дена, рече таа, кога американските и кинеските претставници треба да постигнат договори за вишокот капацитети, нефер трговските практики и протокот на фентанил, како дел од поширок трговски договор.
Американскиот трговски претставник Џејмисон Грир рече дека прашањето за фентанилот, кое администрацијата на Трамп го наведе како образложение за воведување царина од 20 проценти врз Кина, е приоритет за американскиот претседател. „Очекуваме да видиме значаен напредок од Кина по тоа прашање“, додаде тој.
Грир рече дека нема закажани други состаноци, додавајќи дека двете страни често разговараат. Со сличен тон, кинескиот министер Ли рече: „Се надеваме дека напредокот што го постигнавме ќе биде корисен за градење доверба“.
САД и Кина се на околу една третина од 90-дневниот период на одложување на осакатувачките меѓусебни царини. Иако Женевскиот договор драматично ги намали царините, трговијата останува нарушена - извозот на Кина во САД падна во мај најмногу од почетокот на 2020 година, кога пандемијата ја затвори кинеската економија.
Најголемата жртва на трговската војна не е изгубената продажба, туку изгубената доверба, според Џозеф Грегори Махони, професор по меѓународни односи на Источнокинескиот универзитет во Шангај.
„Слушнавме многу за договори за рамки за преговори“, додаде тој. „Но, фундаменталното прашање останува: чипс наспроти ретки метали. Сè друго е танц на пауни“.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...