Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп се согласил да ја поддржи економијата на неговата земја доколку таа се соочи со шпекулативен напад, иако не понуди никакви детали за договорот.
„Потпишав договор со американскиот претседател за финансиски штит“, им рече Орбан на новинарите на враќање од состанокот со Трамп во Белата куќа, според видео на провладината интернет-страница „Мандинер“ (Mandiner).
Во информативниот извештајот на САД за состанокот не се споменува такво ветување, а претставниците на Белата куќа не одговорија веднаш на барањето за коментар.
Орбан, кој ја води Унгарија непрекинато 15 години и се соочува со парламентарни избори во април, рече дека договорот ќе помогне да се заштити економијата од пречки како што се напад врз валутата или намалување на државниот кредитен рејтинг.
Прочитај повеќе
Голема победа за Орбан - Унгарија може слободно да купува руска нафта
Доналд Трамп ѝ одобри на Унгарија ослободување од санкциите за руската нафта и гас, во договор за милијарди долари вредни американски инвестиции во енергетика.
08.11.2025
Тој го прикажа тоа како начин да се намали зависноста од Европската Унија, која суспендираше повеќе од 20 милијарди долари финансирања наменети за Унгарија, наведувајќи ги како причина проблемите со корупцијата и владеењето на правото.
„Доколку финансискиот систем на Унгарија биде нападнат однадвор, Американците дадоа збор дека во таков случај ќе ја бранат финансиската стабилност на Унгарија“, рече Орбан. „Можете да заборавите на напад врз унгарската валута, нејзиниот буџет или задушување на Унгарија од финансиска страна. Ние го решивме ова со САД.“
Додека Орбан ја прикажува Унгарија како потенцијално загрозена, опозициската партија Тиса (Tisza) има двоцифрено водство во некои анкети, во услови на стагнација на економијата, обвинувања за широко распространета корупција и криза со трошоците за живот.
Инвеститорите за својата резервираност ја наведуваат каматната стапка од 6,5 проценти на унгарската централна банка - инаку највисока во ЕУ - и шпекулациите дека Орбан може да ја изгуби власта поради одржувањето на вредноста на унгарската валута, форинтот, кој се тргува на највисоко ниво во однос на еврото од мај 2024 година.
Лидерот на Тиса, Петер Маѓар, вети дека ако победи на следните избори ќе ја поништи националистичката реформа на Орбан и ќе ги искористи замрзнатите фондови од ЕУ.