Ескалацијата на војната меѓу Иран, САД и Израел продолжува да ја дестабилизира ситуацијата на Блискиот Исток и сериозно да влијае врз глобалните енергетски пазари, додека неколку арапски држави од Персискиот Залив деветти ден по ред се соочуваат со напади со ракети и дронови. Во услови на раст на цената на нафтата и стравувања од нов бран инфлација во светот, конфликтот добива пошироки регионални размери, а се појавуваат и нови закани за проширување на воените операции.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека Вашингтон размислува за проширување на нападите врз цели во Иран, вклучително и локации и групи кои досега не биле мета на американските воени операции. Тој посочи дека испраќањето копнени сили би било можно само доколку постои „многу добра причина“, додавајќи дека иранските сили би морале да бидат значително ослабени за да не можат да пружат отпор. Трамп исто така изјави дека конфликтот ќе продолжи „уште извесно време“, но оцени дека цените на нафтата со текот на времето повторно ќе се намалат.
Во меѓувреме, неколку држави од Персискиот Залив соопштија дека пресретнале ирански ракети и беспилотни летала. Обединетите Арапски Емирати, Кувајт, Саудиска Арабија и Бахреин соопштија дека нивната противвоздушна одбрана дејствувала во текот на ноќта. Поради опасноста од прекини во снабдувањето со енергенти и речиси целосното затворање на важниот Ормуски Теснец, низ кој поминува околу една петтина од светскиот извоз на енергенти, дел од овие земји веќе почнаа да го намалуваат производството на нафта. Емиратите, трет најголем производител во ОПЕК, почнаа да ја намалуваат експлоатацијата на нафта на своите офшор полиња, додека Кувајт го намали производството и во рафинериите.
Цената на американската сурова нафта поради конфликтот надмина 90 долари за барел, што претставува најголем неделен раст од 1980-тите наваму, додека цените на бензинот во САД достигнаа највисоко ниво од септември 2024 година. Експертите предупредуваат дека продолжувањето на војната може дополнително да ги наруши глобалните синџири на снабдување и да предизвика нов инфлаторен притисок на светската економија.
Воениот конфликт продолжува и со директни напади. Израелски борбени авиони извршија напади врз ирански нафтени складишта во Техеран и во блискиот град Караџ. Во исто време, иранските вооружени сили продолжија со ракетни и напади со дронови врз цели во регионот. Според иранските власти, војската има капацитет да води војна со висок интензитет најмалку шест месеци со сегашното темпо и планира во наредните денови да употреби понапредни ракети со долг дострел кои ретко се користат.
САД и Израел ги интензивираат нападите врз Иран, додека Техеран се одмаздува низ целиот регион
Bloomberg
Претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан, изјави дека им наредил на вооружените сили да не напаѓаат држави кои не ја напаѓаат Исламската Република и им се извини на соседните земји. Сепак, тој подоцна порача дека Техеран е „принуден“ да возврати на напади што се изведуваат од територии на други држави. Изјавите предизвикаа силни реакции во Иран и шпекулации за несогласувања меѓу претседателот и моќнара Исламска револуционерна гарда, која ја координира иранската ракетна програма и мрежата на сојузнички милиции во регионот.
Секретарот на иранскиот Врховен совет за национална безбедност, Али Лариџани, изјави дека Иран има право да напаѓа држави од кои се изведуваат напади врз иранска територија. Тој предупреди дека земјите во регионот мора или самите да го спречат користењето на нивната територија од страна на САД за напади врз Иран, или Иран ќе реагира.
Конфликтот досега предизвика големи човечки загуби. Според иранските власти, во Иран загинале најмалку 1.332 лица, а има и голем број жртви во други делови од регионот. Американската војска соопшти дека во судирите загинале шест нејзини војници. Во Бахреин три лица се повредени од остатоци од пресретнати ракети, додека еден човек загина во Дубаи откако врз него паднале делови од пресретнат проектил. Напад со ирански дрон предизвика материјална штета и на постројка за десоленизација на вода во Бахреин, но властите соопштија дека снабдувањето со вода не е нарушено.
Саудиската противвоздушна одбрана пресретна дрон насочен кон нафтеното поле Шајба, како и повеќе беспилотни летала во близина на главниот град Ријад. Одбранбените сили спречиле и напад врз дипломатскиот кварт во градот, каде што се наоѓа и американската амбасада.
Војната започна на 28 февруари кога САД и Израел извршија напади врз Иран, по што конфликтот брзо се прошири и во него се вклучија повеќе од десет држави од регионот. Дополнителна политичка неизвесност предизвика и смртта на врховниот ирански лидер Али Хамнеи, кој беше убиен во првиот ден од конфликтот. Иранското Собрание на експерти наскоро треба да избере нов врховен лидер, а меѓу можните кандидати се споменува и неговиот син Моџтаба Хамнеи.
Поради ескалацијата, голем број земји во Европа и Азија веќе ги засилуваат своите одбранбени системи. НАТО соопшти дека ја зајакнува ракетната одбрана откако иранска ракета, соборена во средата, се движела кон турскиот воздушен простор. Во исто време, воздушниот сообраќај во регионот е сериозно нарушен – од почетокот на конфликтот се откажани повеќе од 27.000 летови кон блискоисточните аеродромски центри, а илјадници патници останаа заглавени во земјите од Заливот, иако некои авиокомпании најавуваат постепено враќање на редовните операции.