Во колективната свест малку нешта толку директно асоцираат на Италија и нејзиниот начин на живот како „веспата“. Во текот на осумте децении постоење, таа се разви од практично повоено решение во глобален бренд со повеќе од 20 милиони произведени примероци и присуство на сите клучни пазари. Но, за да се разбере таа еволуција, треба да се вратиме на нејзините почетоци.
Приказната за најпознатиот скутер во светот започнува веднаш по Втората светска војна, кога Енрико Пјаџо барал начин повторно да го придвижи производството и да понуди едноставно и достапно превозно средство. Првиот модел бил претставен во 1946 година и брзо привлекол внимание благодарение на поинаквиот пристап: возачот можел лесно да седне и да вози без страв дека ќе ја извалка облеката, а управувањето било поедноставно отколку кај тогашните мотоцикли.
Името, според анегдотата, настанало спонтано, поради звукот и изгледот што потсетувале на оса. Филмот „Празник во Рим“, во кој Одри Хепберн и Грегори Пек се возат низ градот со „веспа“, имал големо влијание врз нејзината глобална препознатливост и стекнувањето статус на симбол во поп-културата. Оттогаш редовно се појавува на големото платно, од европски класици до холивудски продукции, како и во модни и комерцијални кампањи.
Прочитај повеќе
Новиот директор на „Римац технолоџи“: Време е технологијата да се претвори во стабилно сериско производство
„Римац технолоџи“ влегува во фаза во која репутацијата сè помалку се гради на демонстрација на она што е можно, а сè повеќе на способноста истото тоа да се повторува постојано, без грешки, доцнења и „изненадувања“ во трошоците.
13.03.2026
„Гили ситиреј“ на тест - жеден Кинез со криза на идентитетот
Иако самото име сугерира дека станува збор за градски автомобил, „гили ситиреј“, со своите кабасти димензии, целосно спаѓа во категоријата сериозни семејни теренци.
23.01.2026
Ве водиме во Музејот на БМВ во Минхен: тука, историјата не стои - таа забрзува
За разлика од многу технички музеи, овој е исклучително прифатлив: цената на билетот за семејство со три деца е 32 евра, додека индивидуалните билети почнуваат од 8 до 14 евра.
10.07.2025
Првото заштитно моторџиско сако во светот е македонски изум
Ова е прво парче облека тестирано и сертифицирано според најригорозната регулатива за мотоопрема EN 17092.
23.06.2024
Оригиналната „веспа 98“ од 1946 година. „Веспа“ на италијански значи „оса“. Називот настанал кога основачот на компанијата Енрико Пјаџо, наводно, го видел прототипот на скутерот и рекол: „Sembra una vespa!“ („Личи на оса!“), поради тесниот средиштен дел и звукот на моторот што го потсетувал на зуењето на оса./Piaggio
Филмот „Енрико Пјаџо: Веспа“ (Enrico Piaggio: Vespa), кој моментално е достапен на „Нетфликс“ (Netflix), повторно го става фокусот на создавањето на брендот и неговата трансформација од индустриски проект во симбол на една епоха, потсетувајќи дека од самиот почеток бил повеќе идеја отколку производ.
Премиум стратегија што и понатаму функционира
И покрај забавувањето на глобалниот пазар на возила на две тркала и послабите резултати во одделни региони, „Пјаџо груп“ (Piaggio Group), со своите шест бренда, во првиот квартал од 2026 година го зголеми бројот на продадени возила на повеќе од 108.000, со раст на пазарниот удел во европскиот и северноамериканскиот сегмент на скутери. Во поширокиот стратегиски контекст особено е интересно што компанијата продолжува да ја позиционира „веспата“ како премиум лајфстајл производ преку лимитирани серии, модни соработки и инсистирање на дополнителна вредност без агресивно намалување на цените.
Меѓу културата и пазарите
Паралелно со светската популарност се развивала и заедницата на љубители на овој скутер. Уште во 1950-тите години настанале првите „Веспа клубови“, а денес постојат 66 на национално ниво, вклучувајќи ги и оние во Србија, Хрватска, Словенија и Северна Македонија. Покрај големиот број локални здруженија, мрежата денес обединува десетици илјади активни членови. Како што објаснува Марко Бабиќ од клубот „Веспасјан“ (Vespasian), не ги поврзува само љубовта кон овој скутер туку и негувањето на специфичната естетика и духот на брендот: „’Веспата’ не е само хоби туку и стил на живот“, вели тој.
Насловната страница за календар „Веспа“ /Piaggio
Иако возењето е основата на сè, собирите подразбираат многу повеќе од брзина и самите перформанси, па вклучуваат меѓународни средби, хуманитарни акции и дружења во текот на целата година. Се забележува и сè поголем број помлади членови што ѝ се приклучуваат токму привлечени од таа разновидност на искуства. Како што наведува Бабиќ, посебно место во оваа заедница имаат љубителите на реставрација на олдтајмер-модели, „кои вложуваат време и енергија во зачувување на оригиналниот изглед на скутери стари неколку децении“.
Светски денови на „веспа“/Piaggio
Во рамките на „Веспа сојузот на Србија“ моментално дејствуваат седум клуба од различни градови, кои се цврсто поврзани со сцената на Адрија преку голем број регионални средби и возења. Еден од најважните домашни настани е „Српски денови на веспата“ (Serbian Vespa Days), а домашната заедница минатата година беше и организатор на манифестацијата „Европска недела на веспистите“ (Euro Vespisti Week) во Нови Сад, која собра околу 1.100 возачи од 20 земји. Членовите од Србија редовно посетуваат и меѓународни собири како „Светските денови на веспата“ (Vespa World Days), кои Бабиќ ги опишува како „многу повеќе од мотособири“. „Тоа се големи меѓународни искуства што комбинираат патувања, дружење и размена на култура“, вели тој, додавајќи дека токму на тие настани често се создаваат пријателства што траат со години.
Една од првите реклами за „веспа“ | Piaggio
Колекционерско наследство и јубилеј
На локално ниво, овој скутер бележи стабилна побарувачка и лојална база на купувачи, и покрај тоа што станува збор за пазар на кој културата на возење на две тркала поинтензивно се развива дури во поново време. Како што истакнува Марко Џавриќ, менаџер за продажба во Србија, „веспата“ не се избира исклучиво од практични причини: „Во регионот не се доживува како класично превозно средство од точка А до точка Б, туку како дел од животниот стил. Често се поврзува со личниот идентитет и претставува своевиден статусен симбол“. При изборот на моделот еднакво се следат личните афинитети и функционалните потреби, па, според соговорникот, најголем интерес има за моделот „GTS 310“, додека „примавера 50“ и „125“ остануваат чест избор кај возачите без целосна А-категорија.
Меѓу глобалните купувачи чести се и оние што ја доживуваат како колекционерски предмет. „Веспата“ има релативно стабилен секундарен пазар, со потенцијал за раст на вредноста. Аукциските куќи и продажните платформи покажуваат дека просечната цена на половен модел изнесува околу девет илјади долари, додека најретките примероци можат да достигнат рекордна продажба од речиси 95 илјади долари. Класичните модели од педесеттите и шеесеттите години од минатиот век денес се меѓу најбараните. Вредноста дополнително ја зголемуваат и лимитираните серии, како и моделите поврзани со важни културни моменти и познати имиња, од славни личности како Џастин Бибер и Шон Вотерспун до соработки со брендовите „Кристијан Диор“ (Christian Dior), „Џорџо Армани“ (Giorgio Armani) и „Дизни“ (Disney).
Начин на живот пред сè - „веспа примавера“ | Piaggio
Добра вест за колекционерите е што токму годинава се очекува и нова специјална линија. По повод 80-годишнината од постоењето, „Пјаџо“ ги лансира моделите „веспа 80“, кои го реинтерпретираат оригиналниот дизајн од 1946 година.
По повод јубилејот излегува „веспа 80 години“, која го реинтерпретира оригиналниот дизајн од 1946 година| Piaggio
Нив ги карактеризира пастелно зелена боја преземена од историските архиви, со минималистички дизајн што ги враќа елементите на раната естетика, кога брендот штотуку го оформувал својот визуелен идентитет. Современата технологија останува присутна, со што дополнително се нагласува континуитетот меѓу наследството и иновацијата. Во истиот дух ќе биде одбележан и овој важен јубилеј во Рим, каде што од 25 до 28 јуни 2026 година ќе се одржи четиридневна програма, која организаторите ја најавуваат како најголем собир во историјата на брендот. Се очекуваат десетици илјади учесници од целиот свет, со програма што вклучува низа културни и општествени настани, дополнително потврдувајќи ја позицијата на „веспата“ како глобален лајфстајл феномен.
