Сѐ поголемата потреба за удобно и лесно патување прави сѐ повеќе бизнис-патници, како и луѓе со префинет стил, да се одлучуваат за патување со рачен багаж. Дали е можно да се спакува облека за деловен состанок, вечера во ресорт и утринска прошетка покрај ривиерата во еден кабински куфер? И тоа како е можно – ако знаете што да носите и зошто. Во разговор за „Блумберг Адрија“ модниот дизајнер Игор Тодоровиќ ги открива малите тајни на вештото и промислено пакување.
Кога помалку значи подобро
Правилно одбраните парчиња и соодветен куфер се почеток на успешно, но и стилски усогласено патување. „Основен совет е никогаш да не правите компромис со личната естетика. Тоа важи еднакво и за квалитетот на облеката“, вели Тодоровиќ. Пакувањето за пат, според него, бара исто толку фокус колку и деловната презентација што ја носите во лаптопот. „Совет плус: тргнете по патот на тивкиот луксуз и избегнувајте ‘логоманија’ – облеката не треба да ‘вреска’ колку чини“.
Мал багаж, голем стил. Изгледајте како од модна писта, а патувајте минималистички.
Фото: Depositphotos
Иако правилото на „тројка“ (три горни и три долни парчиња) често се препорачува, Тодоровиќ смета дека не е за секого. „Многу подобро функционира моделот ‘2 плус 3’: две клучни и три придружни парчиња облека. Покрај тоа што го олеснува пакувањето, овозможува и поголема флексибилност при комбинирање, особено ако не сте вешти во усогласеност“.
Игор Тодоровиќ на едно од многуте деловни патувања. Тој вели дека тегет е неговата боја за практично пакување.
Фото: Приватна архива
При изборот на материјалите, се препорачува избегнување екстремни сезонски трендови во корист на ткаенини што се издржливи и соодветни за пакување – не се туткаат лесно и ја задржуваат формата. Кошулите треба да бидат од природни материјали, како памук. Наместо нападни дезени, монохроматските парчиња полесно се комбинираат и се приспособуваат на различни пригоди. „Кашмирот, ладната волна, памукот или свилата им припаѓаат на сите сезони“, напоменува Тодоровиќ. Боите се прашање на личен израз, но за деловни пригоди се препорачува палета со темносина, сива, бела и беж, додека во покреативни професии се дозволени посмели избори. „Квалитет над квантитет е клучот, а во современиот гардеробер мора да има место и за одржливи избори“, додава тој.
Не зазема многу простор, но остава личен печат. Парфем Queen of the sea, 50 мл.
Фото: Radix
Детали што прават разлика
Може ли луксузот да се изрази преку мал број работи? „Апсолутно“, одговара Тодоровиќ. „Потребно е да изберете добар крој, квалитетна ткаенина, лесно усогласени тонови и да не претерувате со модни додатоци“, наведува тој. Квалитетен куфер, добри очила, ремен и часовник што не мора да биде впечатлив – тоа се, според него, елементите што создаваат складен изглед. „Понесете ограничен број модни додатоци што одговараат и на вашиот стил и на вашата деловна етика, естетика и поводот за патувањето“. Модниот дизајнер особено ја истакнува приспособливоста на облеката – способноста едно парче облека лесно да се вклопи и во дневен и во вечерен контекст. Понекогаш, според него, доволно е да се сменaт обувките или да се додаде детаљ како накит или марама за да се постигне сосема поинаков ефект. Важен детаљ е и парфемот: не зазема многу простор, а може да остави силен, личен печат.
Часовник е секогаш добар избор. Водоотпорен машки рачен часовник Swiss Military Hanowa
Кога станува збор за тоа што секогаш го носи на патување, Тодоровиќ без двоумење набројува: „Едно сако од ткаенина пике, затоа што помалку се тутка, неколку едноставни маици, кошули – сите претежно во темносина боја. Секогаш и добар пар чевли, два пара очила – едни за сонце, други за диоптрија – и футрола со пенкала, затоа што сѐ уште сакам да пишувам и бележам рачно“. Овој мал „инвентар“ е сѐ што му е потребно за да се чувствува удобно во секој момент и на секоја дестинација.
И на крајот, како да знаете дека сте го направиле вистинскиот избор? „Во моментот кога со стилот ќе преминете од ‘вие’ на ‘ти’, тогаш патувате лесно. Тежината на багажот се намалува, бидејќи повеќе ништо не ви е потребно за да го изразите она што сте. Стилот не е број на парчиња облека – туку соодветна форма, ткаенина и свест за тоа каде одите и зошто“, заклучува Тодоровиќ.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...