Скопската траторија „Мато Наполетано“ (Matto Napoletano) повторно се најде на годишната листа со најдобри пицерии во Европа, која традиционално ја објавува реномираниот гастрономски онлајн водич „50 Топ пица“ (50 Top Pizza). Македонската пицерија, која годинава е прогласена за 17-та најдобра на Стариот Континент, според судиите е место што се издвојува по вниманието кон деталите и кое задолжително треба да го посетат љубителите на неаполска пица.
„Мека, со изразена кора, пицата го следи современиот неаполски стил, нудејќи класици како маргарита и гурмански варијации како леди Емила со парма шунка. Пицата со ’ндуја е превкусна. Винската карта е обемна, со најдобрите италијански етикети, додека изборот на пива и коктели го дополнува секое јадење со вкус. Кујната не е ограничена само на пица: од појадок до вечера, секој момент е можност да уживате во автентични вкусови, вклучувајќи и кафе. Младиот и професионален услужен персонал придонесува за пријатната и динамична атмосфера“, велат организаторите на изборот.
Фото: Даниел Николовски
Победниците беа прогласени на четврти јуни во Мадрид, на свечен настан што се одржа во просториите на фондацијата „Пабло Шести“. За најдобра пицерија во Европа е прогласена „Наполи он д роуд“ (Napoli on the Road) во Лондон, а Англија доминира на листата заедно со Шпанија. Во ова елитно друштво се најдоа уште четири локали од регионот, од кои највисоко рангирана (15-то место) е загрепската пицерија „Франко пица и бар“ (Franko's Pizza & Bar). Според судиите на овој избор, врвна пица може да пробате и на две места во Белград - „Пиетра“ (Pietra), која го зазеде 26-то место, и „Мајсторот и Маргарита“ (Majstor i Margarita), рангирана на 34-то место. На листата се најде и една пицерија од Словенија, љубљанската „Поп пица“ (Pop's Pizza).
Сопствениците на „Мато Наполетано“ на свеченото доделување на наградите во Мадрид (Фото: 50TopPizza)
Дане Кузмановски, сосопственик на „Мато Наполетано“, појаснува дека „50 Топ пица“ е водич за најдобрите европски и светски пицерии надвор од Италија, без преференција на стилот.
„Водичот нема идеолошки принципи, туку е инспириран од општиот концепт на квалитет во неговата најширока смисла. Сепак, им дава предност на локалите што користат локално набавени и сезонски производи“, вели тој.
Кузмановски „за „Блумберг Адрија“ раскажува на кој начин се селектираат најдобрите објекти и кој го има финалниот збор.
„Инспекторите на водичот, илјада експерти низ целиот свет, ја разгледуваат секоја пицерија како целина и прават процена врз основа на нејзиниот капацитет да ја гарантира благосостојбата на клиентот врз основа на неговиот или нејзиниот избор од менито. Задачата на ’50 Топ пица’ започнува со почетна обемна општа анкета дадена на околу илјада лица низ светот, кои се поделени на национални панели“, открива тој.
Фото: Даниел Николовски
Посетите на пицериите се анонимни. Оценувачите на водичот ги посетуваат местата и го донесуваат својот конечен суд со набљудување на пицеријата како збир на елементи што формираат целина. Освен квалитетот на пицата, се анализираат и услугата, квалитетот на менито за пијалаци, односно изборот на вино, пиво или коктели, естетиката на ентериерот и надворешноста, како и чистотата и уредноста на локалот.
Фото: Даниел Николовски
„Се разбира, особено се фокусираат на квалитетот на состојките што се користат во пицеријата, како и на мајсторството во правењето на тестото и, во крајна линија, на вкусот“, вели нашиот соговорник.
Најдобрите 20 европски пицерии автоматски се квалификуваат и на светската листа, па „Мато Наполетано“ (претходно рангирана на 99-то место во 2023-та и на 81-во место во 2024-та) трета година по ред успева да обезбеди место и на ова престижно рангирање, а главниот настан е закажан на осми септември во „Театро Меркаданте“ во Неапол.
„Мато Наполетано“ е угостителска бизнис-приказна, која Кузмановски и Зоран Васиљевиќ ја градат од 2021 година. Нивниот локал сѐ уште е единствениот од Македонија на оваа престижна меѓународна листа. Овие интернационални признанија се дефинитивно добра промоција, па ги прашавме сопствениците што реално значат за бизнисот.
Фото: Даниел Николовски
„Луѓето влегуваат кај нас и веднаш му кажуваат на домаќинот дека се ’толку возбудени што се тука’, како да се тоа лозинките потребни за да се седне. И ние го разбираме тоа. Овој ресторан стана глобално познат по номинациите и наградите што ги доби сите изминати години и ги служи најдобрите неаполски пици во Македонија, а можеби и пошироко во регионов“, велат тие.
„Мато Наполетано“ годинава испиша историја на овој избор и како единствена пицерија од регионот со две последователни специјални награди. Откако лани го доби признанието „Најдобар сервис за пиво“ (Best Beer Service 2024 - Peroni Nastro Azzurro), годинава доби највисоки оценки и во категоријата „Најдобар предлог за тестенини“ (Best Pasta Proposal 2025 - Pastificio Di Martino).
„Тестенините на ’Мато Наполетано’ се чудо на развојот и еволуцијата, со еластична текстура и врвни додатоци. Не се чувствувате оптоварено откако ќе ги изедете бидејќи се лесни и ’паметни’“, се наведува во образложението за наградата.
Кузмановски вели дека признанието за најдобри тестенини во Европа е една од најпосакуваните специјални награди што се доделуваат во соработка со еминентни светски брендови што го спонзорираат настанот.
„’Паста Ди Мартино’ од Грагнано, Италија, е бренд за паста со над стогодишна традиција. Привилегирани сме што примивме специјална награда од рацете на овластените лица на овој суперпопуларен бренд, кој има повеќегодишна соработка со светската холивудска франшиза ’Барби’ и за кој славното дизајнерско дуо Доменико Долче и Стефано Габана креира идејни решенија на производите. Како локал со најдобар предлог за тестенини во Европа, обезбедивме номинација и на претстојниот светски избор со претставниците на најдобрите предлози за тестенини од преостанатите континенти“, вели Кузмановски.
На настанот беа доделени уште десетина други специјални признанија, меѓу кои за најдобра листа на коктели, најдобар десерт и најдобра пржена храна, но и за најдобар маркетинг и за пицерии што посветиле големо внимание на одржливоста на животната средина.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...