text size
Брчките добија место во рекламите за луксузни производи, годините станаа посакуван дел од модниот идентитет, а лицата што некогаш беа изоставувани од кампањите сега продаваат козметика, автомобили и облека. Модната и козметичката индустрија открија дека младоста не е единствениот императив што има пазарна вредност. И тоа е одлично. Но постои детаљ што ја расипува таа слика: луѓето од возрасната група чии лица продаваат производи главно не се оние што ги осмислуваат. Кој ги осмислува, кој ги развива производите и ги носи деловните одлуки? Ако се суди според структурата на вработените, тоа главно се помлади луѓе. „И тоа мажи“, вели за „Блумберг Адрија„ Клаудија Вакароне, експертка за инклузија, која повеќе од дваесет години се занимава со застапеноста на различните генерации во медиумите, маркетингот и деловното опкружување.