Легендарната рок-група „Ганс енд роузес“ (Guns N' Roses) ќе настапи во Белград, на Ушче, в петок (18 јули) како дел од нивната голема европска и блискоисточна турнеја под наслов "Because What You Want & What You Get Are Two Completely Different Things". Концертот веќе предизвика голем интерес, а цените на билетите достигна и до 1.100 евра.
Интересно е дека токму овие најскапи билети, кои овозможуваат ВИП пакети со ексклузивен пристап до бината, контакт со тимот на бендот и фотографирање со нивните инструменти се веќе распродадени.
Според страницата за онлајн продажба на билети „Гигсберг“ (Gigsberg) во мементот на пишување на текстот останати се уште 52 слободни билета за настанот по цени кои варираат од 97 до 350 евра.
Најевтините билети чинеа околу 75 евра, но тие исто така се распродадени.
Бендот ќе настапи во полн состав: Аксел Роуз, Слеш, Даф МекКаган и останатите членови, а специјални гости ќе бидат хип-хоп легендите „Паблик енеми“ (Public Enemy), кои ќе донесат дополнителна енергија на сцената.
Белград е една од 23-те европски и блискоисточни локации кои се дел од турнејата. Концертот доаѓа по настапите кој познатиот рок бенд ги одржа во Варшава и Будимпешта, а по него следуваат Софија (21 јули) и Виена (24 јули). Цените на достапните билети во Софија се движат од 100 до 335 евра.
Иако интересот е нешто помал од оној за концертот на „Рамштајн“ (Rammstein) минатата година, побарувачката за сместување е висока – два дена пред концертот, 89 отсто од понудата на „Букинг“ (Booking.com) е веќе резервирана. Ноќевање за четири лица во Белград за време на концертот се движи од 40 до 190 евра.
„Ганс енд роузес“ се формирани во Лос Анџелес во 1985 година и со нивниот деби албум Appetite For Destruction (1987) експлодираа на светската сцена, продавајќи над 30 милиони копии. Нивната турнеја Not In This Lifetime… (2016–2019) се вбројува меѓу четирите најпрофитабилни во историјата на музиката. Албумите Use Your Illusion I & II, G N’ R Lies и Chinese Democracy се сметаат за рок класици.
Денес, со над 24 милиони месечни слушатели на Спотифај (Spotify), „Ганс енд роузес“ остануваат релевантни и влијателни на глобалната рок сцена.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...