Филмот „Една битка по друга“ (One Battle After Another) ја освои наградата за најдобар филм на доделувањето на Оскарите, носејќи му ја долгоочекуваната победа на еден од најпознатите режисери на денешницата, Пол Томас Андерсон.
Филмот на „Ворнер Брос“ (Warner Bros. Discovery Inc.), за паднат револуционер што се обидува да ја спаси својата ќерка од поранешен непријател, беше фаворит меѓу прогнозерите и обложувачниците во пресрет на неделната церемонија.
Филмот содржи впечатливи актерски трансформации, меѓу кои и онаа на Леонардо ди Каприо, кој игра пензиониран анархист склон кон марихуана, како и на Шон Пен, кој го толкува ликот на воен офицер со расистички ставови за надмоќ на белата раса. Пен на церемонијата, одржана во театарот „Долби“ во Лос Анџелес, ја освои наградата за најдобра споредна машка улога.
Прочитај повеќе
Оскаровецот „Конклава“ опишува како изгледа изборот на нов папа
По смртта на папата, сите очи во светот се вперени кон Ватикан, каде што зад затворените врати на Сикстинската капела ќе се одржи изборот за нов поглавар на Католичката црква.
22.04.2025
„Анора“ изненадувачки издоминира на „Оскарите“
„Оскарите“ се одржаа по 97. пат, и покрај сугестиите тие да се заобиколат годинава поради пожарите во Лос Анџелес.
03.03.2025
Филмот „Емилија Перез“ доминира на Оскарите со 13 номинации
По разорните пожари во Лос Анџелес долго се шпекулираше дали ќе се одржи доделувањето на најпрестижните филмски награди.
24.01.2025
Колку навистина вреди „оскарот“?
Покрај оценувањето на филмовите, доделувањето на „оскарите“ е и брутално финансиско бојно поле, каде што филмските студија и компании трошат помеѓу 100 и 500 милиони долари.
16.03.2024
Дали „модните изјави“ на „Оскарите“ зборуваат исто како и филмовите?
„Оскарите“ и претходно се користеа како платформа за испраќање политички пораки.
13.03.2024
Меѓу претходните филмови на Андерсон се „Ќе има крв“ (There Will Be Blood) од 2007 година и „Буги најтс“ (Boogie Nights) од 1997 година. Претходно бил номиниран дури 11 пати од Академијата за филмски уметности и науки, но никогаш не освоил Оскар. Оваа година доби и награди за најдобар режисер и најдобро адаптирано сценарио за „Една битка по друга“, кој содржи сцени со војници што чуваат центри за задржување имигранти.
„Овој филм го напишав за моите деца како извинување за нередот што го оставивме во светот што им го предаваме“, рече Андерсон примајќи ја наградата за сценарио. „Но и со надеж дека тие ќе бидат генерацијата што ќе ни донесе малку здрав разум и пристојност.“
Годишната церемонија претставува голема можност Холивуд да се прослави самиот себеси пред голема телевизиска публика, претставувајќи ги најдобрите филмови, најголемите ѕвезди и најистакнатите филмски автори.
Уште еден филм на „Ворнер Брос.“ (Warner Bros.), „Грешници“ (Sinners), имаше дури 16 номинации во пресрет на неделната церемонија - најмногу во историјата на Оскарите. Филмот на режисерот Рајан Куглер нуди уникатно видување на хорор-жанрот, со музички сцени и приказна за расизмот во Мисисипи во 1930-тите. Мајкл Б. Џордан ја освои наградата за најдобар актер за улогата на браќа близнаци во тој филм.
Куглер, кој првпат доби признание со независниот филм „Фрутвејл стејшн“ (Fruitvale Station), режираше и големи продукции како „Крид“ (Creed) и „Блек пантер“ (Black Panther). На неделната церемонија тој ја освои наградата за најдобро оригинално сценарио. Отумн Дуралд Аркапау ја освои наградата за најдобра камера за филмот „Грешници“ (Sinners), станувајќи првата жена што ја добила оваа награда. Филмот ја освои и наградата за најдобра музика.
Џеси Бакли го освои Оскарот за најдобра актерка за улогата на сопругата на Вилијам Шекспир во филмот „Хамнет“ (Hamnet) на „Фоку“ (Focus Features).
Филмот на „Нетфликс“ (Netflix Inc.) „К-поп демон хантерс“ (KPop Demon Hunters) ја освои наградата за најдобар анимиран филм. Овој мјузикл за женска пејачка група што се бори против натприродни непријатели стана најгледаниот филм досега на стриминг-сервисот. Неговиот успех ја поттикна компанијата подоцна да го прикаже и во кината. Песната „Golden“ од филмот ја освои наградата за најдобра оригинална песна.
Ејми Медиган ја освои наградата за најдобра споредна актерка за улогата на злобната тетка Гледис во хорор-филмот „Вепонс“ (Weapons) на „Ворнер Брос“ (Warner Bros.). Ова е нејзин прв Оскар, по претходната номинација за филмот „Двапати во животот“ (Twice in a Lifetime) од 1985 година.
Церемонијата беше отворена со видеосегмент во кој водителот Конан О’Брајен, облечен како ликот на Ејми Медиган, се пробива низ сцени од неколку номинирани филмови.
Во воведниот монолог, О’Брајен се пошегува на сметка на вештачката интелигенција: „Почестен сум што сум последниот човечки водител на Оскарите“, рече тој. Се пошегува и на сметка на стриминг-гигантот: „Овде е и директорот на ‘Нетфликс’, Тед Сарандос, и ова му е првпат да оди во кино“, рече О’Брајен.
Сегментот „Ин мемориам“ (In Memoriam), кој им оддава почит на филмските автори починати во изминатата година, вклучуваше почести за актерите и режисери Роб Рајнер и Роберт Редфорд.
Настанот повторно беше емитуван на телевизиската мрежа „Еј-би-си“ (ABC) на „Волт Дизни“ (Walt Disney Co.), како и на стриминг-сервисот „Хулу“ (Hulu).
Поради продолжувањето на конфликтот на Блискиот Исток, Оскарите беа одржани под највисоко ниво на безбедност досега, вклучувајќи и полициски безбедносен појас од речиси два километра околу театарот, соопштија официјални лица. Во неделата попладне надвор од тој периметар имаше само неколку демонстранти, кои главно протестираа поради борбите во Газа и војната воопшто.
Политиката исто така навлезе во церемонијата. Актерот Хавиер Бардем изјави „не за војна и слободна Палестина“ пред да ја врачи наградата за најдобар меѓународен филм на норвешкиот филм „Сентиментална вредност“ (Sentimental Value).
Водителот на вечерни емисии Џими Кимел, претставувајќи ги наградите за документарни филмови, рече: „Постојат некои земји чии лидери не ја поддржуваат слободата на говор. Не можам да кажам кои. Да речеме само Северна Кореја и ‘Си-би-ес’ (CBS).“
Оваа церемонија беше проследена и со одредени промени. Академијата почна да бара од своите членови да ги погледнат сите номинирани филмови пред да гласаат во одредена категорија. За првпат беше доделена нова награда, за достигнување во кастинг, која ја освои Касандра Кулукундис за „Една битка по друга“ (One Battle After Another).