Со белата арт деко фасада, „Хотел Мартинез“ е знаменитост на Кан и срцето на најпрестижниот годишен филмски фестивал во светот. Неговата приватна плажа, мирната тераса, покривот и апартманите се домаќини на некои од најголемите ѕвезди и забави, вклучувајќи ја и овогодинешната вечера на жирито, на која присуствуваа актерката Деми Мур и режисерката Клое Жао, меѓу другите. За време на 12-те дена на фестивалот, ноќевање овде чини најмалку 2.500 евра, додека веќе следната недела може да се најде соба и за 800 евра. За време на фестивалот, привремени бариери ја спречуваат толпата фанови и папараци да влезат.
Внатре, поголемиот дел од гостите изгледаат целосно несвесни дека во градот доаѓа уште еден спектакл: хит серијата на „Ејџ-би-о“ (HBO) „Белиот лотос“. За претстојната сезона, „Хотел Мартинез“ ќе биде трансформиран во The White Lotus Cannes. Покажувајќи дискреција типична за својата професија, консиержот на хотелот избегнува прашања за продукцијата, инсистирајќи дека засега „нема снимања на повидок“. Брзо ја менува темата, со доза сарказам во гласот: „Дали имате некои обврски со кои можеме да ви помогнеме?“
Токму ваквата типична интеракција со француската хотелска индустрија ја инспирирала екипата на серијата да го избере Кан како локација. Продуцентот Дејвид Бернад изјави дека тој и креаторот на серијата Мајк Вајт, додека биле во ресторан, имале „многу специфично искуство со келнер и maître d“ и дека токму тој стереотип ги навел да се откажат од други локации што ги истражувале.
Прочитај повеќе
Жешко филмско лето: од „Одисеја“ до Минионите
Летото носи возбудувања — и за љубителите на киното, но и за оние што повеќе ги сакаат стриминг-платформите. Еве што нè очекува.
24.05.2026
Серијата „Марго има проблеми со парите“ е доказ дека Холивуд ги сака приказните за сексуалните работнички
Во серијата „Марго има проблеми со парите“, една млада мајка учи како функционира необичната економија на стекнување следбеници на платформата за возрасни Онлифенс, прикажувајќи ги предизвиците и креативноста на дигиталниот пазар на сексуална работа.
05.04.2026
Каква врска има серијата „Индустрија“ со документите на Епстајн?
Серијата „Индустрија“ на „ХБО Макс“ го следи светот на високите финансии во Лондон, а една од нејзините главни теми речиси директно го одразува скандалот со Џефри Епстајн, реалните настани и обвинувања, вклучително и оние што допираат до самиот врв на светските моќници.
10.03.2026
Најголемите премиери на филмови и серии во 2026 година - по жанрови
Година на продолженија на познати наслови, адаптации и големи франшизи. Еве кои премиери вреди да ги внесете во календарите...
07.02.2026
„Тоа беше многу смешен момент“, рече Бернад на панел на Canneseries Festival, стриминг и ТВ настан одржан во Кан во април. „И мислам дека тогаш се отклучи што е серијата и динамиката на серијата.“
Трите претходни сезони на серијата добија пофалби поради приказот на дисфункционалните животи, и повремените смртни случаи, на богатите гости во фиктивни ресорти на Хаваите, Сицилија и Тајланд. Четвртата сезона ќе се одвива на францускиот Азурен брег, поделен меѓу Кан и Сен Тропе, каде продукцијата презеде уште еден хотел со пет ѕвезди, „Шато де ла Месардиер“ (Château de la Messardière). Поголемиот дел од снимањето во Кан ќе се одржи по завршувањето на фестивалскиот метеж, со ангажирање локалци како статисти.
Претстојната сезона зборува за „осаменоста и болката на уметниците“, рече продуцентот Бернад на панелот. „Кан претставува врвна сцена: кој добива внимание, кој има моќ.“
Подем на телевизијата
На овогодинешниот фестивал, описот на Бернад изгледа како да се однесува и на неговиот сопствен проект. Продорот на „Белиот лотос“ на Канскиот филмски фестивал симболизира поширока културна промена: телевизијата, некогаш сметана за понизок облик на забава, сè повеќе доминира во вниманието и буџетите.
Познатото шеталиште Кроазета во Кан
Depositphotos
Овогодинешната селекција во Кан, оскудна со големи холивудски студиски изданија, дополнително го потврдува тој тренд. Организаторите на фестивалот делуваат решени да осигураат дека каков било „хајп“ околу „Белиот лотос“ нема да го засени тоа што треба да биде најексклузивниот филмски настан во светот. Сепак, серијата има буџет за четвртата сезона од 120 милиони долари, според „Варајети“ (Variety), што далеку го надминува просечниот буџет на филмовите во Кан, кои често се под десет милиони евра, со ретки исклучоци.
Дистрибуирана преку стриминг платформата „Ејџ-би-о макс3 (HBO Max) и наменета за гледање од удобноста на софата, растот на популарноста на серијата и сè поголемата глобална слава на ТВ ѕвездите се во контраст со имиџот на филмскиот фестивал како бранител на кино проекциите.
Непосредно пред хотелот „Мартинез“, шеталиштето Кроазета врие од туристи, посетители и ловци на ѕвезди. Најгласните повици се насочени кон прозорецот на шестиот кат, каде блесокот на камери открива стилизирана силуета. Десетина девојки со телефони и камери не чекаат добитник на Златната палма или холивудска ѕвезда, туку Тиан Сју Нинг, 28-годишна ѕвезда на кинеската ТВ драмам, „Одмаздена љубов“.
Одделно, канадскиот актер Александер Лудвиг и поранешната ѕвезда на Дизни каналот, Еј Џеј Мичалка, и двајцата членови на актерската екипа на „Белиот лотос“, биле видени како снимаат сцени среде гужвата во близина на познатиот црвен килим во Кан, ставајќи ја серијата во центарот на вниманието на јавноста.
Канадскиот актер Александер Лудвиг беше виден како снима сцени меѓу толпите во близина на познатиот црвен тепих во Кан
Depositphotos
За Азурниот брег и Кан, „Белиот лотос“ претставува своевидна лото добивка. Градот очекува дека самата екипа ќе оствари околу 17.000 хотелски ноќевања во текот на приближно 50 дена снимање и се надева на раст на доаѓањата на туристи заинтересирани за луксуз во наредните години.
Седејќи на терасата на хотелот „Мартинез“, агент кој организира патувања за ВИП гости и кој побара да остане анонимен поради дискретноста на своите клиенти, вели дека на градот му недостасуваат повеќе богати американски туристи во текот на целата година. Тие моментално повеќе избираат други приморски места како Ница и Монако. Но иако хит серијата носи бизнис, таа исто така создава проблеми за неговите богати клиенти, кои не можат да резервираат соби во „Шато де ла Месардиер“ цел месец.
„Знаеме дека меѓународните серии, а особено ‘Белиот лотос’, носат најмалку 30 отсто зголемување на прометот следната година“, рече градоначалникот на Кан, Дејвид Лиснар, во интервју. „Не сме град на кој тоа најмногу му треба; веќе имаме силна репутација и многу посетители. Но како и секој бренд - а Кан е глобален бренд - мора да се негува и одржува.“
Туристички бум по претходнмите сезони
Хаваи, Сицилија и Тајланд, каде се одвиваа претходните сезони, доживеаја слични туристички бумови, често со загриженост околу ефектите од „сет-џетингот“, односно туризмот поврзан со серии. Во хотелот „Карлтон“ (Carlton) во Кан, ривал на хотелот „Мартинез“, каде тајландски службеници организираат настани за промоција на филмската индустрија на земјата, гувернерката на тајландската туристичка управа Тапани Киатфајбул вели дека „Белиот лотос“ донел голем број нови посетители на места како островот Кох Самуи.
Тајланд „имаше масовен туризам пред Ковид-19“, но сè повеќе привлекува клиенти со поголема вредност, „фокусирани на квалитетно искуство“, рече Киатфајбул, седејќи на маса во големата подземна сала што Тајланѓаните ја изнајмиле за време на фестивалот. Таа има порака за Француската ривиера: „Подгответе се за огромен број пристигнувања“ од земји како Индија, Блискиот Исток и Америка, и го советува градот да инвестира во „безбедност и санитарни услови“ за да управува со напливот.
Винсент Касел глуми во четвртата сезона на серијата
Depositphotos
Истиот ден во хотелот „Карлтон“, францускиот актер Винсент Касел, познат од филмовите „Дванаесетмината на Оушн“ и „Црниот лебед“, руча на терасата. Тој е во Кан за да го промовира својот филм „Паралелни приказни“ (Parallel Tales), на режисерот Асгар Фархади, пред да ѝ се придружи на екипата на „Белиот лотос“. Во серијата ќе глуми заедно со Лора Дерн, Стив Куган и Кумејл Нанџијани.
Тјери Фремо, кој го води престижниот филмски фестивал веќе 25 години, ги одби прашањата за „Белиот лотос“ на скалите на Пале пред полноќната проекција. Тој прегледува повеќе од 2.500 филмови годишно и вели дека никогаш не изгледал ниедна епизода од популарната серија.
Пред да го прашаат нешто дополнително, тој го прекинува разговорот и ја опоменува жената во црна облека поради обид за селфи - што се смета за faux-pas на црвениот тепих во Кан. Тоа е мал чин на чување на традицијата, во голема мера напуштена на други места, и потсетник како индустријата проникната со гламурозна естетика од 20-от век се бори со реалноста на дигиталната ера.