Македонија го започнува процесот на воспоставување Национална фабрика за вештачка интелигенција „Везилка“, проект кој има цел да создаде инфраструктура за развој на современи технологии, истражувања и иновативни решенија со примена на оваа технологија.
Проектот го координира Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во соработка со Министерството за дигитална трансформација. „Везилка“ се реализира преку стратешко партнерство со грчката фабрика за вештачка интелигенција „Фарос“ (Pharos), со што земјата се вклучува во европскиот екосистем за развој на доверлива и иновативна вештачка интелигенција.
Целта на проектот е да обезбеди пристап до европска инфраструктура за вештачка интелигенција и напредни суперкомпјутерски капацитети, што би им овозможило на домашните истражувачи, универзитети, стартап компании и бизниси да развиваат нови производи и услуги со поголема додадена вредност.
Прочитај повеќе
Ефтимов: Македонија има квалитетен кадар за ВИ, а „Везилка“ ќе ја намали технолошката зависност
„Везилка“ ќе овозможи научната заедница од регионот да користи европска инфраструктура од највисоко ниво, со што се засилуваат регионалната интеграција и учество во европскиот ВИ-екосистем.
14.11.2025
Со воспоставувањето на центарот се отвора можност македонската научна и технолошка заедница да работи на проекти кои можат да бидат конкурентни на европско и глобално ниво. Особено значаен сегмент е развојот на модели на вештачка интелигенција и дигитални алатки на македонски јазик, што треба да придонесе за поголемо присуство на јазикот во современите дигитални технологии.
Премиерот Христијан Мицкоски на промоцијата на проектот оцени дека „Везилка“ претставува чекор кон создавање посилна научна база, подобра економска перспектива и нови можности за младите генерации.
„Развојот на вештачката интелигенција веќе создава нови економски модели, отвора нови индустрии и поставува нови стандарди за конкурентност“, изјави Мицкоски, посочувајќи дека поврзувањето на науката и стопанството ќе биде клучно за идниот развој.
Според него, проектот е можност државата да стане активен учесник во технолошките процеси што го обликуваат современиот свет, преку вложување во потенцијалот на научниците, студентите и компаниите.
„Везилка“ е воспоставена во рамките на Европската заедница за пресметување со високи перформанси (EuroHPC JU - European High Performance Computing Joint Undertaking) и е кофинансирана од Европската Унија преку програмата „Хоризонт Европа“.
Со новиот центар, фокусот е ставен на создавање услови за развој на домашна експертиза, поддршка на иновации и градење технолошки капацитети кои би можеле да имаат влијание врз повеќе сектори – од образование и истражување, до економија и дигитални услуги.
Во рамки на промоцијата на проектот ќе се одржи и панел-дискусија на тема „Вештачката интелигенција како мотор за економски развој“, на која ќе се разговара за потенцијалите и предизвиците од примената на оваа технологија.